• Немате производи во кошничката.

Поларизацијата како својство, процес и начин на уметничко делување



Поларизација на светлината. Осцилации. Вибрации. Елиптичнa. Линеарнa. Кружнa поларизација. Светлосни бранови. Електрична поларизација. Негативни јони – позитивни јони. Поларизација или разгранување на две страни. Црно – бело. Јужен Пол – Северен Пол. Политичка поларизација. Леви – десни. Либерали – конвервативни. Националисти – космополити. Демократија – автократија. Општествена поларизација. Дихотомија, дуализам, поделеност на богати и сиромашни. Религиозни – секуларни. Ваксери – антиваксери. Наши и ваши. Драчево – Ѓорче Петров.

Замислете како наутро стоите на брегот на едно убаво езеро. Пред вас се случува визуелна сензација. Сончевите зраци веќе ја галат површината на водата и создаваат светлосни треперења и отсјај. Отсјај. Колку убав збор. Одблесок. Рефлексија. Зракот патувал сто и педесет милиони километри од Сонцето до Земјата за да се одбие од површината на езерската вода. Бидејќи нештата имаат своја патека и движење. Ако патуваме од Северниот до Јужниот Пол, одиме од една замислена точка до друга замислена точка, по една кружна патека којашто во суштина нема свој крај. Бидејќи, ако од Северниот Пол продолжиме да се движиме по таа патека, ќе стигнеме повторно до Јужниот Пол. 
Политиката знае да пропагира групирање во две спротиставени страни, разделени мислења, постојана битка за превласт на едната или другата страна. Општествените поделби се сурова реалност на нашето секојдневие. Но, во уметноста помеѓу црното и белото може да има цела градација или мноштво на сиви тонови.  Уметникот има љубопитство и храброст да патува помеѓу црното и белото, да ги спојува свесното и несвесното, да ја истражува темната и светлата страна на Месечината. Тркалото на боите има „топли“ и „студени“ бои, има контрастни бои коишто се наоѓаат на две спротиставени страни на кругот, но тие се обединуваат во различностите како „комплементарен контраст“. Впрочем, тркалото е измислено за да се врти, а уметникот ја има способноста да се движи од едната до другата страна и да открива нови можности и вредности. Да ги преточи боите во „духовни вибрации“, како што ги нарекува Кандински. Да ги најде богатствата и вибрациите на различностите, наспроти простата поделба на наши и ваши; да ја примени поларизацијата нако начин на уметничко делување. На крај, сите ние сме заедно во еден круг, во корелација, во постојано движење едни до други и назад, во постојана потрага по откривање на другата страна, во потрага по новите сензации со коишто имаме уметничка мисија да го победиме стравот од „другото“, т.е. од непознатото.  


ЧЕТВРТА СКАЛА ИЗЛОЖБА
ВИЗУЕЛНИ РАЗМИСЛИ НА ТЕМА: // ПОЛАРИЗАЦИЈА

ПРИЈАВИ СЕ ТУКА


На овој повик може да се пријават сите автор(к)и, кои имаат став на тема: ПОЛАРИЗАЦИЈА. На конкурсот ќе бидат разгледани исклучиво дела кои ја обработуваат темата „поларизација“ и дела кои се создадени во временски период помеѓу 10 март и 10 април, 2022 година. Скала магазин има обврска да ги отпечати и врами делата, да ги изложи во галериски простор, да испечати  каталог за изложбата, и да организира пригоден коктел за отворањето. Aвторите ќе имаат можност да ги продаваат своите изложени дела на Скала продавница.
Конкурсот е отворен до 10 април 2022 година. 

P.S. Затоа што вашата уметност припаѓа во галерија, а не на инстаграм!


Гордана Вренцоска е уметник, дизајнер и едукатор. Добитник на значајни домашни и меѓународни награди, признанија, стипендии и грантови. Автор на бројни уметнички и дизајнерски проекти, стручни текстови, научни трудови, како и на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“. Изложувала во Скопје, Наполи, Лондон, Берлин, Брисел, Пекинг, Њујорк, Виена, Белград и други градови. Редовен професор по визуелна уметност и дизајн и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ