3.2k
Во време на дигитализација и алиенација, на секој аспект од нашите животи, па дури и социјалниот и уметничкиот, ние Скалаџии, се обидуваме да се вратиме на основните човекови потреби, социјализација и размена на искуства и размисли во физички простор, онаму каде што природно припаѓаме, во галерија.
Пишува: Александра Милошеска
Полека се движам кон „Паблик рум“ и се обидувам да го игнорирам студот којшто е од оние студови коишто гризат однадвор и не ти дозволува да мислиш на ништо друго освен на ладното. Приближувајќи се, почнав да ја насетувам толпата луѓе собрана во дворот и неаднаш ме облеа некоја чудна возбуда и топлина, некој трепет, чиниш мои дела се прикачени таму внатре и чекаат да бидат „испиени“ од очите на сите овие луѓе во дворот. Веќе беше јасно што ме чека и внатре. Просторот на „Скала магазин“ веќе беше полн со посетители. И верувајте, тоа остана така во текот на целата вечер, уживајќи во музичкиот сет на Мартина Пенева. Во многу наврати просторот се наполни и испразни со посетители кои ревносно ја разгледуваа поставената изложба со восхит.
Просториите на моменти се чинеа дури и тесни за да ја задоволат жедта на луѓето кои беа баш дојдени да „испијат“ нешто ново, да видат уметност, да видат како нашите уметници денес пркосат на општествените проблеми, неправди, ситуации… Жедта за уметност, жедта за гласно да се кажат работите коишто најчесто се шепотат беше несомнена. Меѓу делата на изложбата видовме дека не е сè розово, видовме и лични битки, видовме многу општествени ставови, парадигми, секојдневија, надреализми… видовме ехо, видовме совршено несовршенство, видовме спознавања, борби, рефлексии, чувства, мисли… и сето тоа преточено во визуелна уметност.
Делата беа изработени во различни медиуми: скулптура, фотографија, масло на платно, душа на платно, инсталации, графика, видео-арт... Низ публиката? Буквално од 7 -77, а меѓу нив: талкачи, сонувачи, будни, заспани, голи, маскирани, мислители, гласни, шепотливи, сами, во друштво, панкери, рокери, шмизли, сфатени, несфатени, автономисти, хипстери - сите на едно место. И сите нив ги спои Скала групна изложба.
Ова нам, на Скалаџии, ни е показател плус дека ни треба уметност и ни треба надвор од виртуелниот простор. Ни треба уметност во галерија. Во саботата, уште еднаш видовме дека имаме уметници и дека имаат што да покажат, а комплементарно на нив имаме публика која со душа ја чека нивната уметност.
ДЕЛ ОД ДЕЛАТА СЕ НА ПРОДАЖБА!
КУПИ УМЕТНОСТИ // ПОДРЖИ ГИ МЛАДИТЕ АВТОРИ
Затоа што вашата уметност припаѓа во галерија, а не на инстаграм! „Скала магазин“ ја претставува третата групна изложбена поставка на визуелни уметнички дела. На изложбата видовме дела на 31 уметник, а нивните имиња се: Александар Петрушевски, Ана Марија Мишачковска, Андреј Павлов, Верица Арапова, Викторија Митева, Гаја Смилевска, Дарко Трајковски, Дамјан Ристевски, Дејан Џолев, Ева Николоска, Емилија Пејоска, Иван Ивановски, Ивана Пановска, Јасна Николова, Јован Гаковски, Јован Јосифовски, Љиља Прентовиќ, Маргарита Тодоровска, Марко Вилиќ, Матеа Грнчароска, Методија Јованов, Мила Велевска-Тодоровска, Настиа Колевска, Озбек Ајваз, Оливер Настески, Петра Јовановска, Симона Неловска, Сокол Марковски, Стефанија Арсовска, Теодос Илиев, Христина Крстеска.
★
P.S. Затоа што вашата уметност припаѓа во галерија, а не на инстаграм!
★
Овој проект е поддржан од Democracy Lab. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на авторите, и не ги одразуваат оние на Демокраси Лаб.