• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО БОЈАН КОВСКИ


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


Беше крајот на јули кога со Бојан се запознавме на работилница за филмска шминка на „Beach Film Festival“ и одлучивме дека мора да има своја објава во „Скала магазин“. Сега е септември и конечно успеавме да го букираме, да твори на темата на овомесечното издание на Скала: „Патерн, размисли за стереотипите“. Ковски ни доаѓа од ФЛУ. Креативен, тврдоглав, упорен, забавен и среќен.



За проектот за Скала…


За проектот за Скала, сакав да ја воздигнам темата којашто ја добив: „Стереотипи и патернс“, за да создадам суперхерој кој е составен од најразлични бои коишто ја симболизираат убавината на животот и сето она што вреди. Со цел да се избори против стереотипизацијата којашто му е нафрлена од општеството, тој се брани со, метафорички кажано, електрицитет или живоста којашто сите ние ја поседуваме за да испловиме повисоко од површината и да се избориме од угнетувањето од одреден дел од општеството којшто пробува да турне. Јас, во моето растење, како и во мојата кариера, сум наишол на потребата од тоа да бидам суперхерој многупати и ставајќи се себеси во таа улога, сум се изборил и сум надминал многу нешта. Затоа тоа и е пораката којашто сакам да ја испратам со овој боди-паинт за мојата изложба и „Скала магазин“: „Кога ќе ти е најтешко, замисли каков суперхерој си ти, затоа што на крај секогаш ќе се надминеш себеси и сите што некогаш се сомневале во тебе.“


За стереотипите…


Стереотипите почнуваме да ги градиме уште од најрана возраст и најчесто првин од родителите, а потоа од другарчињата од училиште и тоа така се пренесува со генерации наназад. Најчесто, тие остануваат со нас цел живот и тоа за мене е знак на неедуцираност. Верување во стереотипи и стереотипизирање на некој или нешто, според лично или колективно верување, без претходно да истражиме за истото, е невозможно за едуциран човек кој има за цел да се гради себе. Јас лично сум бил ставен во многу групи коишто се стереотипизирани од општеството, но одлучувам да верувам во мојот круг на луѓе и да се опкружувам со заедницата којашто ме разбира и поддржува и е желна да научи повеќе за секој човек. И со моето досегашно искуство, можам да речам:  „Стереотипите се болест на простата маса“.



За изложбата „5 години Ковски“…


Изложбата ќе се случи во МКЦ, отворањето е закажано на 10-ти септември, ја правам по повод 5 години „Ковски боди-пеинт“. На изложбата ќе бидат презентирани 10 нови едиторијали со боди-пеинт, коишто ќе бидат принтани на големи платна, плус неколку живи модели. Самата изложба ќе биде во соработка со 10 фотографи, 10 модели кои ќе се презентираат со нивната работа на мој боди-арт.


За минатото…


Јас запловив во водите на боди-пеинт многу спонтано, работам фигурација, најчесто актови. Токму поради мојата работа со тела, бев инспириран телото да го искористам како платно. Да се работи на нечие тело е многу поразлично од работа на плоча, самото тело има своја флуидност и форма којашто дава целосно нов поглед на изразувањето. 

Секој детал и секој момент којшто го нанесуваш на телото, од секој агол изгледа различно, а воедно и со движењето сета боја што е нанесена се обликува во различни форми коишто, заемно со аголот, движењето и самата форма на телото, формираат една целина којашто за мене е целата убавина на оваа уметност и најголемиот предизвик, но најважно од сѐ, е она што мене ме прави среќен.Почетоците беа прилично тешки, затоа што ниту јас самиот не знаев што правам, но за сѐ што правиме е потребно учење и искуство за да стигнеме до некој степен на знаење, па и тогаш е потребно доусовршување.



За инспирацијата и иднината…


Идеите и инспирацијата си доаѓаат одвнатре, секој во себе носи своја мисла, свој стил и свој вкус, дефинирањето на истиот зависи од поединецот и од средината во којашто делува, не можам да кажам дека нешто конкретно постои како визија за боди-пејнтот на Ковски, посоодветно би било дека сѐ досега ме доведе дотука, а за натаму стиловите се менуваат, сензибилитетот се менува, па ќе видиме како и јас ќе се развивам во иднина и оваа мисла ми прави да се радувам за тоа што ќе направам понатаму.



БОЈАН КОВСКИ // Патерн, размисли за стереотипите












___ __
Фотографија: Ана Иљоска

Ана во Скала е мултидисциплинарен автор. Пишува, интервјурира, фотографира, снима… Во тимот како средношколка од ЈБТ, и студентка на Академијата за визуелни уметности. Таа за себе вели дека сака математика, биологија, поезија, визуелни уметности, архитектура, психологија… Е сега може да замислите каков проблем има при избор на факултет! :)

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ