• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ДАРКО АЛЕКСОВСКИ


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


Денес, седнавме на „скалички“ со Дарко да продискутираме за неговото последно самостојно изложување во МСУ.


При самиот разговор, Дарко нѐ прошета низ сите локации каде што се творени делата од изложбата, почнувајќи од Линц, па сѐ до Дубровник. Апсолутната креативност којашто тој ни ја преточи визуелно низ ходниците на МСУ, е само фрагмент од експериментирачкиот дух којшто Дарко го води низ различните медиуми со коишто тој се опкружува. Љубовта кон застарената технологија за креирање уметност е еден мал автентичен печат за него којшто дополнително зборува за неговата истражувачка природа и подвиг да бара нови решенија низ историјата на уметноста.


За делото…


Landscapes of astonishment“ – термин којшто Грација Атанасовска ми помогна да го преведам како Пејзажи на восхитот – е термин преземен од теоријата на Хозе Естебан Муњоз, така што насловот е директен цитат од параграф во којшто Муњоз зборува за поезијата на Френк О’Хера. Насловот исто така, го избрав и поради неговата отворена структура за толкување – сите ние имаме различна идеја и приказ за пејзажи, како и работи коишто нè воодушевуваат, така што насловот овозможува еден субјективен пристап во исчитувањето на елементите од изложбата. Концептот на пејзажи од коишто се восхитуваме, тргнува од чувствата на заљубеност во конкретни места и патувањето како метод за вчудовидување и воодушевување од секојдневниот живот, коишто ги третира како утописки предлози за „надминување на ограничувањата на една отуѓувачка присутност [што] ни овозможува да видиме едно поинакво време и место.“



За процесот…


Процесот за создавање на делата беше долготраен, а се случуваше и на неколку различни места. Дел од цртежите од композициите поставени на ѕид ги направив за време на резиденцијата CreArt Artist-in-Residence во Линц, помеѓу април и мај минатата година. Најновите два броја од „Мал прирачник“ за мечтаење ги развив и продуцирав неодамна на една кратка резиденција и работилница во Сплит и Дубровник, со поддршка на queerANarchive и Culture Hub Croatia. Супер беше можноста изложбата да ја изградам преку разгледување и селектирање од материјал којшто го работев на различни места и во различно време. Предизвиците за оваа изложба би рекол дека потекнуваа токму од методот на селекција на серија уметнички дела коишто ќе имаат јасен концепт и наративна структура којашто на најдобар можен начин ќе ги комуницира моите идеи со публиката. Предизвик исто така, беше да се изгради изложба од три различни сегменти коишто ќе формираат една јасна слика, а се серии-дела во различни медиуми и различни визуелни изрази.


За инспирацијата…


Едната од трите серии дела којашто е изложена во МСУ, насловена како „Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат“,е продолжување на едно пообемно визуелно истражување на коешто почнав да работам во 2020 г., во екот на пандемијата. Ова истражување го насловив како „Места за мечтаење и всушност е обид, преку визуелен јазик и уметнички медиуми, да се преведат сеќавањата за места и градови каде што сум патувал во време во коешто постоеја најстроги рестрикции за патување. Оттогаш, проектот почна да вклучува и повеќеслојни и комплексни дела коишто ги истражуваат и начините на коишто се конструира мојата меморија преку местата и просторите низ коишто се движам, врските помеѓу имагинацијата и стварноста во којашто живеам, како и начините на коишто визуелната и пишаната наративност се заменуваат или дополнуваат.


За изложбата во МСУ…



Впечатоците се многубројни, така што тешко е да ги соберам во еден одговор : ) Најголемо и најпријатно изненадување се реакциите од луѓето и аспектите од коишто ги перцепираат делата. Многу ми значат сите коментари, забелешки, детали коишто публиката ги забележува или на коишто им наоѓа нови начини на толкување за коишто јас не сум ни бил свесен. Публиката е интегрален дел од уметничката практика и уметничките дела всушност ја добиваат својата конечна реализација, не во моментот кога ние уметниците ги завршуваме, туку кога влегуваат во дијалог со публиката. Големите очекувања од тоа како публиката ќе ги доживее делата ми создаваат и извесна трема пред отворање, но, сепак, тој дијалог со публиката преку делата би го издвоил како особено значаен за мене како уметник. Специфичната поставка во салата во МСУ го има во предвид движењето на луѓето низ просторот, а со тоа и исчитувањето на сите елементи на изложбата. Некои од делата содржат текст којшто е наменет за читање, некои од делата се проектирани аналогни слајдови за коишто треба време да се свртат и разгледаат, така што би рекол дека делата бараат одредено време и внимание за да бидат видени во целост.



За иднината…



Темите и визуелните истражувања со коишто работам се тековни и долгорочни, така што планирам и очекувам да ги развивам во иднина или барем додека не најдам некои нови да ги трансформирам во нешто поинакво. Самостојната изложба во МСУ подразбираше сериозен ангажман и време, така што сега сум помеѓу проекти, во период во којшто немам ангажман од овој тип, но имам планирани патувања коишто очекувам дека на некаков начин ќе бидат инспиративни и информативни за некои следни изложби и проекти.
















Фотографија: Маја Јаневска-Илиева



Фотографија: Маја Јаневска-Илиева



Фотографија: Маја Јаневска-Илиева




_____
Фотографија [насловна]: Марко Вилиќ


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ