НА СКАЛИЧКИ СО ХРИСТИНА ПЕШЕВСКА
ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД УМЕТНИК ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.
Седнавме на скалички со Христина, дипломирана индустриска дизајнерка при Машинскиот факултет во Скопје, а воедно и штотуку дипломирана студентка на смерот ентериер и продукт-дизајн при „Џолев и уметностите“.
„Во моментот, работам во фирма за производство на плочест мебел. Слободното време го користам за гледање курсеви и изучување на нови програми коишто би ми го олесниле и подобриле процесот до крајниот продукт, но исто така сакам и да си издвојам по некој саат за да изгледам некој добар филм или серија.“ – ни изјави Христина.
За минатото…
Љубовта кон дизајнот започна уште од рана возраст и на еден многу интересен начин. Помнам дека како мала обожавав да играм СИМС, секогаш сама градев нови куќи и ги уредував, за ете, подоцна во животот да ми стане секојдневна преокупација. Исто така, љубовта кон оваа професија беше поттикната и од татко ми, кој како хоби се занимава со столарија, па од рана возраст имав можност да учествувам во процесот на дизајн и изведба на финалниот продукт.
За инспирацијата…
Инспирација наоѓам во сѐ околу мене , кога работам на некој проект си правам истражување и анализа на веќе постоечки решенија и дизајни и потоа се обидувам да ги искомбинирам и да го најдам најоптималното решение за мојот дизајн. Појдовна точка во секој проект ми е функционалноста на просторот и неговата искористеност. Секогаш се обидувам да го искористам максимумот во просторот, но истовремено да не е пренатрупано и хаотично. Исто така, големо влијание на проектите има и самиот клиент, секој поединец има различни интереси и приоритети (растенија, винил-плочи, музички инструменти), па секогаш се трудам ентериерот да го отсликува и клиентот, но сепак да го има и мојот печат во просторот.
За последниот проект…
Еден од последните проекти којшто навистина ми беше од големо задоволство да го работам, беше куќа од скоро 200 квадрати. Куќата е од отворен тип и има голем дневен престој со кујна и речиси стаклени ѕидови коишто овозможуваат поглед кон природа од сите страни од ентериерот. Мојата задача беше да се издизајнира простор којшто ќе изгледа луксузно, а воедно и едноставно за да не ѝ контрира на природата околу него. Во моментот, проектот е во завршна фаза и следи негова изведба, па кога ќе биде готов, ќе споделам и слики.
За академијата…
За академијата дознав од социјалните медиуми и по препорака од другарка која беше на истата академија претходната генерација. Секогаш барам нови можности коишто ќе ми овозможат да се надоградам и да бидам сѐ подобра во тоа што го работам. Одлучив да се запишам на академијата, бидејќи знаев дека програмата и менторите ќе ми помогнат да се надоградам и да отворам нови гледишта во дизајнот. На идните студенти би им препорачала да бидат истрајни и свои. Знаењето коешто ќе го стекнат на академијата зависи од нивната посветеност на студиите.
За иднината…
Во план ми е да продолжам да се надоградувам и да го истражувам светот на дизајнот и можностите коишто тој ги нуди. Сметам дека во оваа област секогаш има нешто ново да се истражи и испроба, не е професија којашто стагнира и токму заради тоа ме исполнува. На подолгорочен план ми е да основам свое дизајн-студио.
_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков + Дејан Џолев