НА СКАЛИЧКИ СО ЈАНА НИКОЛОВСКА
Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.
Овој напис е реализиран во рамки на проектот „Шест Скалички“ [повеќе тука].
Месецов седнавме на скалички со Јана Николовска, мултидисциплинарна авторка и уметничка душа.
Јана е екстремно креативна и амбициозна уметничка. Со нејзините проекти и процес се сретнав првпат сега, на скалички и искрено сум воодушевена. Таа е талентирана и активна во повеќе медиуми, но јас ја спознав како видеограферка.
За себе знае да рече дека ги сака искрените пријателства, патувањата, авантурите и спортскиот адреналин.
Таа создава видео-монтажи од снимки коишто навистина знаат да поттикнат посебни емоции кај гледачите.
ПРОЕКТ: „Eye see i“
МЕДИУМ: Видео и монтажа на звук
За инспирацијата…
Создавам уметнички дела на теми коишто според мене се важни за развојот на човечката свест. Во денешно време, честопати мислите на луѓето талкаат во други времиња и други простори, односно не соодветствуваат на сегашниот момент. Дишеме и живееме во сегашноста, но свесно постоиме во некоја друга димензија. Наведнати и замислени, чекорејќи по тротоарите, не ја забележуваме сета убавина на денот и ноќта, убавината на сегашниот миг.
Нашиот поглед е вперен во очите на друг човек, но колку всушност вистински можеме да погледнеме во неговата душа? Колкупати ни се случува погледот да ни биде вперен кон нешто, а ние да бидеме нурнати длабоко во некое друго место и друго време?
За процесот…
За целиот проект ми беа потребни околу 2 месеци. Прво нешто на коешто почнав да работам беше снимањето на кадрите коишто ги имав замислено. Потоа, го прегледував и го селектирав материјалот и започнав со монтажа. Откако ја имав завршено монтажата на видеото, преминав кон креирањето на звукот во софтверот Ableton.
Овојпат, за разлика од претходните мои истражувања на звук коишто сум ги правела на компјутер, за создавањето на звукот за „Eye see I”, користев Arturia MIDI-контролер којшто ми отвори нов видик за создавањето на звук. Кога и тоа беше готово, го снимив гласот и сè тоа го измонтирав заедно.
За делото…
Го создадов видеото „Eye see I” со цел да ги поттикнам луѓето да почнат повеќе, подлабоко и посвесно да го гледаат светот и другите. Сакам да им порачам на луѓето да бидат присутни во моментот, а не во некое минато или идно време.
Да бидат „будни” и свесни во секој момент од својот живот, чувствувајки ја реалната вистина околу себе. Само буден човек може вистински да живее во сегашноста.
За медиумот…
Моето уметничко творештво и истражување ме доведе до моментот да посакам да работам со видео и звук. Бев привлечена од овие медиуми, бидејќи при средба со делото повеќе сетила се активирани кај гледачот и се создава една нова атмосфера. Тоа отвори цел нов свет за мене.
За минатите и идните проекти…
За мене, да се биде уметник е една од најубавите работи на светот. Досега сум имала одлични искуства изложувајќи различни дела на повеќе изложби. Имам неколку идеи за следен проект коишто треба да се развијат.
Планирам дополнително да истражувам со медиумот видео проследен со експериментален звук и да творам во таа насока.
_____ Пишува и разговара: Сара Фиданоска Фотографија: Сара Фиданоска Асистент на фотографија: Александра Стојковска