• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ИВАН МЕГЛЕНОВ


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.

Изминатата недела се сретнавме со Иван Мегленов, на скалички пред галеријата МКЦ, со цел да поразговараме за неговата сѐ уште активна изложба „Носталгија“. Oва е негова прва самостојна изложба.

Иван е креативец со многу трпение за „точкање“ на хартија. Доаѓа со педигре од Факултетот за ликовни уметности, каде што во 2019 год. дипломира на отсек графика, додека во 2018 год. се стекнува со диплома за „Најперспективен студент“ на Академијата за визуелни уметности при „Џолев и уметностите“. Веќе трета година е дел од тимот на Сеавус Едукативен и Развоен Центар, каде што работи како графички дизајнер, но активно се бави и со ликовната уметност, истражувајќи во полето на традиционалната графика и новите дигитални алатки. 


За изложбата…


Периодот кога дознав дека изложбата ќе се реализира, се случи скандалот со групата „Јавна соба“ на Телеграм, поради огорченоста што ја осетив кон таа група луѓе, одлучив да го променам целиот концепт за изложбата и да го изразам својот став преку делата. Се замислив, се запрашав, што всушност нѐ прави да сме луѓето кои сме денес, а одговорот што го добив е „нашето детство“. Огорченоста и разочараноста ја насочив кон цртање на првото дело насловено „Disposable“, составено од повеќе веб-табови, симболирајќи спомени и брановита линија којашто ги поврзува сите заедно во една целина. Симболиката е пренесена исто така, преку предмети од големо емотивно значење од моето детство како: флопи-дискови, касети, игри итн. Во делата се опфатени повеќе проблематики, но исто така аспирации и желби. 


За предметите на децата од иднината…


Како што напредува технологијата со брзина на светлината, навистина не би знаел што сѐ можеме да очекуваме, но иако не е предмет носталгија ќе ни буди pre-covid животот. Мерките за претпазливост ни станаа на сите нов начин на живот и нови навики, посетувањето на часови во живо и дружби во голем број без маски веќе ми делува како луксуз за којшто не сме биле свесни дека го имаме.


За техниката и процесот…


Формите ги нацртав во илустратор, потоа ги префрлив во фотошоп каде што нацртав мали скриени детали насекаде низ нив. Испечатени се со ситопечат техника на 350 gsm фабриано- хартија во димензија 70 х 70 цм. 


За љубопитноста…   


Голема мотивација ми е излегувањето од комфорт-зоната, поради тоа цело време сум во потрага по новото нешто коешто можам да го научам, да се обидам да го применам, па можеби и со тек на време да го усовршам. Конкретно во февруари се решив да почнам нешто тотално ново за мене и го објавив мојот прв дигитален производ, мокапи од искината хартија на CreativeMarket, инспирирано од рап колаж-трендот. Процесот на истражување и потоа создавање, ми е интересен предизвик, додека успехот и бараноста на продуктот ме мотивира да го истражам следниот.


За иднината…


Колку повеќе работам на дигитални цртежи, слики и дизајни, толку попримамлива ми станува традиционалната графика, рачното печатење во студио, мешањето бои и резбање. Некое време, веќе размислувам за комбинација на дигиталното со традиционалното и како тоа би било изведено. Исто така, сакам да започнам повеќе лични проекти поврзани со графичкиот дизајн.








ПРОДАВНИЦА: ИВАН МЕГЛЕНОВ
КУПИ УМЕТНОСТ // ПОДАРИ УМЕТНОСТ

КОН ПРОДАВНИЦА



___ __
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Асистент на фотографија: Марко Вилиќ

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ