• Немате производи во кошничката.

БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [3]

Она што ја прави фотографијата чуден изум е тоа што таа се состои од два основни елементи: светло и време. Џон Бергер [John Berger]

 

За светлото…


Без светло [од грчки φωτός (phōtos), генитив од φῶς (phōs), „светло“], фотографијата не постои (иако има некои екстремни исклучоци). На оваа фотографија (сл. 1), се гледа дека светат седум сијалици. Но, токму таа што не свети (осмата сијалица), тој кусок од светлина, ја прави оваа фотографија да биде тоа што е. Интригантна, интересна, необична, дури загадочна. Ете доказ дека некогаш и недостиг од светло во фотографијата може да биде дел (и тоа каков!) од неа.

 

Сл. 1 (© Д. Неделчевски)

 

За времето…

 

Времето како феномен. Фотографијата и времето. Време на експозиција. Време кога е фотографирана. Колку време (можеме да) ја гледаме? Дали ќе го надживее времево сегашно и ќе биде актуелна и по некое време? И колку време ќе постои оваа фотографија? И дали ќе остави трага во времето? Фотографијата како временска машина. Но, само наназад во времето. Фотографијата го запира времето. Секогаш кога ќе ја погледнеме оваа фотографија (сл. 2), ќе биде 10 минути до 8 часот. Или не?

 

 

За фотографијата…


Да се вратам на Џон Бергер, истакнатиот ликовен критичар, кој вели: „Единствената одлука што може да ја донесе фотографот се однесува на моментот на чкрапањето, односно во кој момент тој решава да изолира точно определен момент од бескрајната временска лента и да направи фотографија. Сепак, ова очигледно ограничување на фотографијата е нејзината моќ. Тоа што фотографијата го покажува се повикува на она што не е прикажано. Погледнете било која фотографија и ќе се уверите дека тоа е така. Непосредната врска помеѓу тоа што е прикажано и она што е отсутно е карактеристично (иманентно) за секоја фотографија.“ Сузан Сонтаг [Susan Sontag] во „За фотографијата“ (On Photography), вели: „Сите фотографии се memento mori. Да фотографирате значи да учествувате во смртноста, ранливоста на друго лице (или нешто). Точно, со откинување на овој момент од лентата на времето и негово замрзнување, сите фотографии сведочат за постојаното топење на времето“. (сл. 3)

 

Сл. 3 (© Д. Неделчевски)

 

За острината…


Пред некој ден, на порталот PetaPixel наидов на интересен текст од Сајмон Кинг [Simon King], фотограф и фоторепортер од Лондон. Во текстот со наслов: „Ако острината (во фотографијата) толку многу значи, Картје-Бресон би бил шега“. Кинг развива една идеја и размислување, кое, морам да признам, и мене ми е блиско, дека во фотографијата, а особено во документарната фотографија, дури и кај врвните фотографи низ историјата, техничкиот квалитет и острината на фотографиите не биле на прво место. Напротив, многу од тие ремек-дела не можат да се пофалат со супер технички квалитет, квалитет што денес, со напредокот на технологијата лесно се постигнува дури и со поквалитетна камера во мобилните телефони. Тука, секако игра улога и користењето на филмот како медиум во аналогната фотографија, којшто по природа дава помеки резултати. Сајмон Кинг на едно место вели: „Звучи како клише, но мислам дека идејата е таа којашто мора да биде остра – моментот мора да биде разбирлив, да комуницира добро, дури и ако тоа значи дека видливите пиксели (неострината) се непријатни за окото. Сликата како целина мора да има јасен концепт. Гледајќи ги таквите фотографии, гледачот може да биде понесен од чувството и сеќавањето на суштината (духот) на моментот, а не од зрното (шумот), контрастот или пикселите.“

 

За Бресон…


Уште еден флешбек со Анри Картје-Бресон (Henri Cartier-Bresson). Кога веќе го спомнав, а во контекст со размислувањата на Сајмон Кинг (па и моите) наведени погоре, Бресон во една прилика изјавил: „Острината е буржоаски концепт“, отфрлајќи го елементот на острината како есенцијален атрибут на една добра фотографија. Во мај 1995 година, во Музејот на современата уметност во Скопје беше поставена изложба на фотографии од Анри Картје-Бресон. За мене (и многу други), тоа беше настан што не смееше да се пропушти (сл. 4).

 

Сл. 4 (© В. Пулковски)

 

Да се видат фотографиите од Бресон на изложба е сон на секој фотограф. Тоа што најверојатно фотографиите не беа „винтиџ“ (отпечатени во времето кога биле фотографирани туку од оригиналните негативи се отпечатени нови принтови специјално за таа изложба), ни малку не го намали значењето на овој настан. Што ми беше муабетот? Ах, да. Разгледувајќи ги фотографиите (а ги гледав и од далеку и од непосредна близина, како да ќе успеам да проникнам во тајните на Бресон), што се однесува до острината, забележав дека беа меки (soft) и со среден контраст (сл. 5).

 

Сл. 5 (© Д. Неделчевски)

 

Но, Бресон со своите хумани, спонтани фотографии го воздигна фотожурнализмот на ниво на уметност. Тој е творец на концептот за „решавачкиот момент“ во фотографијата, а се однесува на фотографирање на некоја случка или настан во моментот на кулминација на дејството и така направената фотографија ја содржи есенцијата на настанот.

 

За Пиринч…


Анри Картје-Бресон е еден од основачите на агенцијата МАГНУМ. Скоро сите фотографи од агенцијата, но и многу други фоторепортери од средината и втората половина на дваесеттиот век, фотографиите ги правеле и објавувале без „кропирање“, во целиот формат од негативот. Оттаму е таа црна рамка околу фотографиите што може да се види на многу фотографии од тоа време. Непотребно е да Ви кажам дека и јас тогаш, на моите почетоци, ги правев фотографиите во целиот формат на негативот (со тоа си давав на значење, зошто само МАГНУМ, еве и јас!). Арно ама, со мојот објектив од 50 мм, не можев да ги реализирам сите мои „влажни“ фотографски соништа, па се снаоѓав на различни начини. Експериментирањето понекогаш вродува со плод и со нови идеи. Така, некаде во 1979 година, кога студирав во Скопје, секојдневно патував со автобус до факултетот. Автобуската станица се наоѓаше до Камениот мост на левиот брег на Вардар. Е, таму, на влезот од автобуската станица, свое работно место имаше еден чистач на чевли. Сите го знаеја како Пиринч, дали тоа му беше име или прекар, не знам. Секогаш љубезен, со насмеано лице, го среќавав секој ден. Еднаш решив да направам една фотографија додека ми ги чистеше чевлите. Но, со мојот објектив од 50 мм на мојата Практика, не можев да ја фотографирам целата сцена (ми требаше широкоаголен објектив, а таков немав). Проблемот се претвори во предизвик и јас едноставно направив две фотографии и така ја фотографирав целата сцена. Потоа кога ја правев фотографијата во мојата малечка домашна лабораторија, направив диптих од двете фотографии. И двете со карактеристичниот црн раб. Оваа фотографија (сл. 6), некако сум ја зачувал. По некое време разбрав дека Пиринч починал. Остана споменот на него и фотографијава да сведочи за моите први обиди да бидам голем фотограф…

 

Сл. 6 (© Д. Неделчевски)

 



______
Претходен напис: БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [2] – Драги Неделчевски
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Асс. на фото.: Диме Данов


 

Активен и плоден фотограф повеќе од 40 години. Автор е на неколку самостојни изложби, претставени дома и надвор. Дел е од основачите на фото група „Чкрап!“ и креативната заедница Creative Exchange. Автор е на неколку монографии, како и ко-автор на првата книга за македонски фотографи „12 македонски фотограф[к]и“. Неговото богато искуство го споделува со студентите по фотографија во Џолев и уметностите, но денес и во Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ