• Немате производи во кошничката.

ИМПРЕСИИ // ЗДРАВО МЛАДИ #10



ИМПРЕСИИ // ЗДРАВО МЛАДИ #10


Августовско зајдисонце. Температурата на воздухот – совршена, само што помина попладневната дремка и си велиш: може ли подобро?

Може! Здраво млади #10 ни го потврди тоа.


_______

Заврши уште еден возбудлив „Здраво Млади’’ – 10ти по ред. Јубилеен. Предизвикувачки, енергичен и експлозивен, по сите протоколи, со сите нишани. Низ паркот на МКЦ имаше сѐ: кучиња, деца, млади, стари. Како сите едвај да чекавме нешто да не освежи во оваа летна квечерина. Фестивалот се одржа под посебни безбедносни мерки според пропишаните протоколи за јавни настани. Дезифенкција. Растојание. Маска. „Остани во својот обележан простор‘‘ – одекнуваше пред и по секој од настапите за да нѐ потсети на новото „нормално“ денес.


19.00 часот – ние сме веќе таму и ја разгледуваме изложбата на Сали Ертунч насловена „25-тата слика: Неслушнатото, невиденото и незбореното“. Поставена во средината на паркот на МКЦ оваа изложба нѐ воодушеви како од пораката што ја носи, така и од стиловите проследени во неа. 25-тата слика кинематографски е ефект на вметнување дополнителна рамка во филм / видео што е премногу брза за да ја забележите свесно, но таа слика е веќе во вашата свест и е под силно влијание од неа. Уметникот прави паралела меѓу овој феномен и нашето секојдневие. Ова е една изложба којашто е рефлексија на денешницата и сите случувања: предизвикувчка, поттикнувачка, бунтовна Пораката на уметникот – едноставна: потенцирање на интолеранцијата.



И додека полека почнува да паѓа мрак и светлата од главната бина ги шараат крошните на дрвјата- посетителите се седнати во тревата на обележаните места и опуштено уживаат во музиката на DJ FITZ која совршено се вклопува во целата атмосфера.


Паркот веќе се пополни со посетители кога се слушна разглас: „Фестивалот ќе се одржи под безбедносни мерки пропишани според протоколи за јавни настани’’, и на сите ни беше јасно дека официјално започнува музичката програма.


________
Воведот во „Здраво Млади 10“ ни го даде Лепи Џони, кој максимално опуштен на сцената ни направи да се чувствуваме како да сме дома во дворчето, а во позадина оди музика која е како создадена за уживање во доцните летни денови.



________
После финиот вовед совршено ни „легнаа“  дечките од Данска – Efterklang. Нивните indie-rock звуци, амбиентот го подигнаа на повисоко ниво. Под ведрото небо сите заедно нежно се клатевме на нивната позитивна енергија и за момент како сите да бевме едно. Заедничкото повторување на текстот кој го пее Каспер на Дански, иако не разбирајќи ниту збор, му даде некоја особена топлина на настапот.



________
По душевното полнење со Efterklang доживеавме БУМ! А со кој ако не со нашите Funk Shui?
Енергијата во публиката сега чекори со големи чекори, Funk Shui енергични како и секогаш, а сите ние во публиката цврсто на нозе до последен здив скокаме заедно со нив. Неизбежно е тука да се спомнат воздишките и криковите на женскиот дел од публиката кои ги предизвикуваа прекрасни момци на Funk Shui.



После еден час скокање и пеење нѐ испратија со желби за добро здравје, чување и негување на добри мисли.

________
Силен , неизморен вресок на публиката ги пречека гостите од Турција – Lalalar, а тие за возврат нѐ поздравија со прваата јавна изведба на нивниот последен сингл. Нивната моќна и бунтовна музика  дополнително ја потпали веќе загреаната атмосфера во публиката .
Електронските звуци на денешницата преплетени со изворните мелоси на Турција кај сите донесе некое посебно чувство и за момент сите не одведе во далечната Анатолија. Во тој момент веќе се чувствуваше и свежото ветре кое дополнително ни ги наежи сите сетила.



Мислам дека на сите ни недостигаше едно вакво шизење и будење на сетилата после сите изолации и оддалечувања кои ги поминавме.

________
Заморните нозе сега веќе почнуваат да нѐ издаваат, но храбро ги пречекуваме и нашите следни изведувачи – PMG Kolektiv.
За сите нас ова се веќе добро познати звуци и веќе познато „денсање“. Сепак не се предадовме и не потклекнавме на предизвикот – до самиот крај ги пеевме сите хитови и со восхит ги слушнавме новите.



________
DJ FITZ
– овој пат на крајот одлично го затвори претходниот склоп на мелодии и нѐ испрати дома со одлична енергија!

Целокупното искуство вчера вечерта беше нешто што на сите веќе многу долго ни беше потребно.
Новонастанатата состојба не нѐ спречи да си поминеме добро, иако налагаше строго почитување на сите протоколи и заштитни процедури.
„Здраво Млади“ уште еднаш ни покажаа колку многу значи нивното постоење во етерот на македонската културна сцена. 


Ви благодариме што постоите.


______
АВТОР: Александра Милошеска
ФОТОГРАФИЈА: Дејан Џолев

Спонтана и позитивна, Александра е нишка измеѓу уметничките гледишта и реалниот свет. Приземјена, а истовремено и темпераментен сонувач... перфекционист по природа, магистер архитект по професија. Креативноста и логиката главно ги изразува преку вебдизајн, а слободното време го поминува во кулинарски експреименти и одгледувајќи растенија. Обожава филозофирање, дискусии и зборување за убавото.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ