За изложбата
Изложба на отворено. На свежо, а сончево време во паркчето во Ѓорче кај добро познатото вовче нарекувано ,,Пампурче’’. Старите кажувања за вовчето и неговата историја само уште еднаш нè потсетија колку е важно да ги сочуваме колективните сеќавања, да се грижиме за нив и да им наоѓаме нови примени со што би ги одржале во живот.
Па така, во саботата самото поставување на изложбата на локомотивите од вовчето му даде една нова намена, и ни укажа дека сè може да се реискористи само доколку се сака и се вложи труд. И темата на самата изложба е нешто слично – реискористување на напуштен постоечки капацитет за потребите на луѓето денес.
Мислам дека веќе насетувате за што станува збор. Се работи за „Купрум“ – еден дел душа од градот кој во себе веќе ги има вдомено духот на младоста, уметноста и потребата за јавен простор на младите/студентите во Скопје. Поделена на 3 дела: фотографии, анализа за просторните капацитети и 2 идејни проекти – изложбата накратко може да се објасни како збир на неколку идеи/иницијативи за едно исто парче напуштен градски простор.Оваа изложба е само еден дел од проектот „Од напуштена фабрика до студентски град“ на огранизацијата „Културно Ехо’’, поддржани од граѓанската иницијатива „City Scope’’. Главната идеја на целиот проект е ревитализирање на индустрискиот комплекс – „Купрум“ во населбата Хром. Тоа значи дека со неколку градежни зафати и мала обнова постоечките капацитети на локацијата ќе бидат искористени, а студентите (па и младите, дури и локалното население) ќе добијат парче јавен простор со комбинирани содржини соодветни на нивните потреби.
За проектот, низ муабет
Ивона Крстеска и Симона Димковска од „Културно Ехо“ ни кажаа дека веќе 2 години активно работат на проектот за ревитализација на комплексот „Купрум“. Изработена е стратегија и анализи, а веќе се исконтактирани и Владата на Република Македонија и Канцеларијата на претседателот. Ова не е нешто ново и невидено туку напротив – преставува следење на светска практика дека напуштени објекти можат да станат и културни центри и студентски домови и се она што му е потребно на населението коешто живее во близина на тие објекти.
Кристијан Караџовски, исто од „Културно Ехо“ ни кажа нешто повеќе за изложбата, за она што следи и за важноста на овој проект:
Идејата произлегува од потребата да се реактуелизира доставената иницијатива до Влада на Република Македонија за реупотреба на овој напуштен индустриски комплекс и да се пренамени во студентски град. Проектот има 3 главни активности: Анкета на младите во однос на нивите потреби во градот, оваа изложба, и следи конференција закажана следниот месец. Нашиот став е дека следниот чекор што треба да се преземе е изработка на физибилити студија којашто ќе каже дали овој проект би бил одржлив. Исто така реупотребата на напуштени индустриски комплекси е во интерес на образованието и културата и е дел од националната стратегија за развој на културата 2018-2022. Ова значи дека постои и институционална одговорност и дека Министерството за култура ќе се вклучи во изработка на овој документ.
Јана Брсакоска од „City Scope“ ни кажа повеќе за нивното истражување направено од архитекти и урбанисти. Ова истражување е дел од нивната иницијатива за заштита и реставрација на напуштеното индустриско наследство.
Врз основа на ова истражување дојдовме до заклучок дека комплексот на фабрики „Купрум“ го имаат капацитетот да бидат пренаменети во еден младински културен центар и да станат еден студентски град кој ќе ги задоволи и потребите на граѓаните во населбата Хром. „Купрум“ има голем потенцијал на неговата огромна површина да се сместат голем број на зелени површини, простор за спорт и рекреација, јавни површини, аудиториуми итн... Додека самите објекти имаат дополнителен капацитет во коишто можат да се интегрираат останати намени.
Напоменав дека на изложбата ги погледнавме и магистерските трудови за пренамена и адаптација на фабриката Купрум, од Наташа Вчкова и Мирјана Лозановска. Мирјана ни порача:
Не е само една фабрика, во Скопје има повеќе простори со неискористен потенцијал кои што би можеле да се реискористат и пренаменат и би служеле не само за надоградување на младите, туку и на локалното население. Нема да се откажеме и ќе одиме до крај!
Ико Илиевски од „City Scope“ ни кажа дека за нив е огромен предизвик да се влијае на покревањето на јавната свест во однос на зачувување и ревитализација на изграденото наследство. Особено кога станува збор за објекти од ваков карактер коишто значително можат да го подобрат начинот и квалитетот на живеење на луѓето во Скопје.
Краток заклучок
Желбата за успех и енегријата на сите овие млади архитекти се на највисоко ниво.
Веруваме дека Купрум е само почетокот во низата вакви иницијативи и проекти. Се надеваме дека оваа иницијатива ќе ги допре и разбуди надлежните за алармантната ситуација во којашто се наоѓа како целиот опфат на фабриката – така и потребата за нов простор за културно изразување во овој дел од градот. Едвај чекаме овој проект да биде одобрен и реализиран, а до тогаш со душа ќе чекаме да се видиме повторно на нивната следна станица: конференција и публикација.
_________
Фотографија: Долорес Соколова