Најверојатно тоа што треба да бидеме, сме во секое време.
Разговор со Теа Беговска [театарска режисерка, едукатор и автор на ТВ емисијата „Културо“].
Разговара: Дејан Џолев.
__________ За театар научив од Теа. Пред да ја запознам, театарот за мене беше туѓ, неудобен простор. Тоа е тажно искуство, тажно е дома да се чувствуваш како гостин.
Теа ме научи да влегувам во театар без карта (како дома), ме научи дека може да седам на скали доколку не најдам слободно место (како дома), ме научи дека во театар се оди во фармерки и маичка (како по дома)..., но и уште поважно, да го разбирам и уживам.
За жал, денес, поради општествената стварност, театрите се во транзиција и дали воопшто ќе успеат (менаџерите) да најдат форма којашто ќе ја врати публиката и репертоарот пред сè. Неодамна некои театри имаа распишано конкурс за вработување на актери, што е апсурд само по себе. Глупаво е да вработуваш нови актери во ансамблот, а сè уште не е најдено вистинско функционално решение како театарот да продолжи да работи… Всушност уште поглупаво е да зборувам (критикувам) за нешта коишто единствено се решаваат со булдожер.
За мене, многу поинтересно е да зборувам со Теа, додека го слушаме Хендел…
Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.
СУПЕРМЕН
Како мал многу сакаше да црташ? Нацртај ги и анимирај ги новите херои од Холивут! – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности!

Како мал многу сакаше да црташ? Нацртај ги и анимирај ги новите херои од Холивут! – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности!
ЏОЛЕВ: Повеќе ти се оди во театар или ти се работи во театар?
БЕГОВСКА: Бах рекол, доколку не би бил Бах, би сакал да биде Хендел… Би сакала и јас еден ден да можам да кажам – Да не би била Теа, би сакала да бидам Хендел. Ме потсети композицијата [Handel – Sarabande] на еден мој испит од трета година, Дон Жуан, го работев во МНТ – колку прекрасен процес… колку далечно ми се гледа тоа сега. Ете таа молња ми фали, ми фали молња на театарот. Молскавично финале [како во Sarabande]!
ЏОЛЕВ: И Шопен доколку не би бил Шопен, посакал да биде Моцарт. Најверојатно и Моцарт нешто слично вели за Бах, тоа е тркало без крај.
БЕГОВСКА: Сигурно би посакал. Ти не би посакал? Јас мислам само Салвадор Дали не би посакал да биде некој друг, туку само тој. Тој би посакал да биде Дали двапати, трипати, петпати!
__________ Пробуричкав веднаш во мојата библиотека, љубопитен да пронајдам одговор на прашањето дали Салвадор Дали би посакал да биде некој друг и да живее во некое друго време? Издвоив десетина книги и неколку часови, за да го пронајдам одговорот директно од Дали, кој вели: „…Ако се свртам кон минатото, луѓето како што бил Рафаел ми изгледаат како вистински богови. Јас сум, веројатно единствениот кој сфаќа зошто денес не може, ни оддалеку, да се приближиме на совршенството на рафаеловските форми. Моето сопствено дело ми изгледа како голема несреќа, толку сакав да живеам во едно време во коешто не би имал што да спасувам. Но, ако се свртам кон сегашноста и покрај тоа што не ги потценувам специјализираните интелигенции коишто се далеку над мојата, сепак не би сакал за ништо на светот мојата личност да ја заменам со личноста на некој од моите современици..."

ЏОЛЕВ: А доколку не би била режисерка?
БЕГОВСКА: Пак би била режисер! : ) Сакав да бидам балерина како дете, многу! Тоа ми е неостварена желба. Им се восхитувам на балерините кога ги гледам на сцена. Мислам дека можам да ги гледам со часови. Најверојатно тоа што треба да бидеме сме – секогаш! Во секое време. Желбата да се биде некој друг мислам дека е огромна восхит и почит кон таа личност, а не „бивање другиот“.
ЏОЛЕВ: Доколку влезеш во такси (како она на Вуди Ален) на која станица (епоха) би сакала да те симне?
БЕГОВСКА: Знаеш дека многупати во Скопје на Партизанска, кога се враќав доцна навечер, знаев да застанам некаде и да си правам филм дека ќе ми се случи Миднајт ин Париз… Знаеш дека Вуди Ален ми е слаба точка, но, него уште можам да го сретнам, не се знае : )
Дефинитивно сакам да ме остави таксито во 50-тите. Тука, во овој период, може да се сретнат многу режисери: Фелини, Хичкок, Бергман, Буњуел… Сите биле тука некаде во некој бар… Хм… и сега како ти го одговарам прашањето, си поставувам друго прашање… И, што ако ги видам? Види, дефинитивно нема да сакам да се вратам назад.
Инаку би сакала за миг да влезам во ателјето на Дали. Онака само да го гледам, не мора да си правиме муабет.

ЏОЛЕВ: Јас би посакал било кое време, само да е без смартфони, компјутери… Радио е сосема доволно! Теа… Заборавивме… Повеќе ти се оди во театар или ти се работи во театар?
БЕГОВСКА: Не го доживеав како проблем затворањето на театрите, напротив, ми беше предизвик. Не го гледам како нерешлив проблем. За спората транзиција по малку можеби сме сите виновни, но, најмногу е виновен системот и местото каде што живееме. Самата не се плашам од тоа да не ми се потрошат идеите, дури се затворени театрите, се плашам од тоа каде живеам. Но, и тоа е инспиративно за мене. Честопати знам да бидам тажна, ме растажува целата ситуација и тоа што не можам да патувам и да гледам претстави, да се дружам и дискутирам со моите колеги, неспиени ноќи, ми фалат поминати во сикусија за театар. Најмногу тоа ми недостасува. Театарот го доживувам ете така, баш како Сарабанде на Хендел.
ЏОЛЕВ: Значи ти се оди?
БЕГОВСКА: Ми се оди во театар дефинитивно! Се сеќавам како дете колку бев возбудена кога ќе влезев во театар, колку го сакав тој мирис, едноставно бев среќна. Одамна се немам почувствувано така. За мене гледањето претстави е најбитен дел од оваа професија. Посебно кога ќе гледам генијална претстава, толку добра, што ќе посакам да е мое и ќе си речам, како ова мене не ми текнало. Неверојатна е возбудата кога ќе погледнам нешто добро, тоа чувство коешто ме држи многу долго. Се враќаш од претставата и не спиеш, едноставно ти дава мотив, те охрабрува да работиш, да создаваш. Тоа е чувство на огромна моќ, се чувствуваш дека можеш буквално сè.
ЏОЛЕВ: Кога и да се вратиме во времето назад, единствено театарот е непроменлив во неговата суштина. Театарот и во иднината ќе биде таму каде што бил отсекогаш. Сепак неможноста да бидеме публика, повторно те стави во улога на режисер. Одговорно стојам зад ставот дека последната деценија си најпродуктивниот режисер на алтернативната сцена. Твоите идеи едноставно не прашуваат „како“, туку единствено „кога и со кој“, но многу често и „каде“, од причина што си љубопитна и неуморна во истражувањето на просторот. Tвоите алтернативни претстави се играат на улица, во автобус, во различни физички простори…, но токму оваа реалност нè оддалечи од можноста да дишеме еден ист простор, па твоите идеи се преселија во виртуелниот свет, режирајќи го интернационалниот мултимедијален проект „Револуција – во живо“, којшто имаше своја онлајн-премиера на 30 септември, со актерска екипа од пет држави (Босна и Херцеговина, Македонија, Франција, Мексико и Турција).
БЕГОВСКА: Револуција во живо требаше да биде голем проект – претстава, на три локации, со публика во движење, со пренос во живо од местото на настанот. Пренос во живо од револуцијата што требаше да се случи. Да не откривам многу, затоа што можеби и еден ден ќе се случи. Тоа е проект што го размислувам веќе неколку години. Карантинот ме натера да размислувам во друг правец. И дефинитивно проектот немаше да се случи во оваа форма, доколку не се случеше изолацијата. Тоа се луѓе од различни држави со кои скоро е невозможно да се видам на едно место и да направиме заедно претстава. Па си дадовме еден заеднички предизвик да направиме нешто заедно. Актерите имаа задача на одредена тема да направат петминутно видео и тоа беше предизвик. Темите беа: љубов, верба, надеж, храброст и вистина. Теми коишто сметам дека се дел од нашата професија, од сечиј живот. Без нив и со нив не си или си ти, тоа што сакаш или не сакаш да бидеш. Револуција во живо е револуција за/на актерите.
ЏОЛЕВ: Релација или подобро дружба со актери за режисерот е значајна како што за астрономот ѕвездите. Постојана и будна опсервација. Каде ги запозна сите овие актери?
БЕГОВСКА: Да почнам со мајка ми Рујиш Беговска која е дел од проектот, мислам дека нема потреба да кажам како сум ја запознала. Но, за мене е најголемата поддршка, пример за храброст и верност во оваа професија. Вечна инспирација. Голем актер.
Томе Станковски го запознав во Радишани Хилс, јас бев студент по режија, а тој дипломиран на руски јазик или уште студираше, не се сеќавам, но уште тогаш знаеше дека сака да биде актер. Се запознавме на една седенка, игравме некоја друштвена игра во којашто јас бев катастрофа. Скоро веќе 10 години се знаеме. Го знам прво приватно, па професионално. Томе е „човечина“, најверен другар, многу посветен актер. Немам дилема за него дека секогаш ќе соработуваме.
Со Дина Мушановиќ се знаеме исто долги години. Ја запознав сосема случајно на МЕСС фестивалот во Сараево кога отидов првата година на работилница. Нè запозна еден актер од Америка со кој стоевме во фоајето од театарот и чекавме да влеземе на претстава. Всушност, јас стоев со него, Дина дојде да се поздрави, а тој искоментира: „Мислам дека вие двете морате да се запознаете…“ и беше во право. Оттогаш јас и Дина станавме неразделни пријателки, се среќаваме секоја година во срцето на Сараево, град во којшто сум вљубена и барем еднаш годишно го посетувам. Дина е неверојатен борец, многу успешна и упорна актерка. Пријател засекогаш!
Пјер Мениер го запознав исто во Сараево. Седев во бифето на еден хотел, повторно на МЕСС-фестивалот, овојпат бев во улога на жири, коешто ја доделува еден весник… Јадев некој чоколаден сладолед којшто изгледаше преубаво и размислував за синоќешната претстава којашто ја гледав и којашто ме остави без здив. Одеднаш ми пријде еден човек, вели: „Извини, сладоледот изгледа предобро, како се вика, сакам да си нарачам и јас“. Само што се свртев да го погледанам, веднаш го препознав. Актерот од синоќешната претстава! Тргнав да му честитам за претставата, јадевме од убавиот сладолед и разговаравме за театар. Едноставно муабетот ептен ни тргна. Пјер има свој театар на неколку километри надвор од Париз, којшто се наоѓа во шума. Работи алтернатива веќе 40 години. Бев воодушевена, како да го слушав и гледав тоа што јас сонувам и сакам да го правам. Се дружевме за време на фестивалот и се договоривме дека ќе соработуваме. Пјер е многу инспиративен актер.

Џорџ Ангелс во Мексико, исто има свој театар – „Театро Рабинал“ којшто функционира повеќе од 40 години. Приватен театар, неверојатна храброст. Пред едно 3-4 години мајка ми почна да ми зборува за некој Џорџ од Мексико, не знам како, дошле до контакт на фејсбук. Почнав да ги истражувам, всушност обострано почнавме виртуелно да се истражуваме сè до една онлајн-средба во којашто долго дискутиравме за театар, за Индијанците, за музика… за Мексико… за многу нешта. Џорџ е човек со големо срце, со голема храброст сам да одржува театар толку години. Исто така, по професија е и психијатар, што за мене беше многу интересно. Соработката беше неминовна, го чекаме денот да се сретнеме или во Мексико или во Скопје.
Зејнеп Нутку… Мајка ми и татко ми кога работеа во Германија во „Theater un der ruhr“, освен што цело време патував со нив и растев буквално во театарот, па ме чуваше кој ќе стигне. Мојот главен бебиситер беше Моник, една неверојатна жена која моментално живее и работи со актери во Измир. Моите сеќавања за Моник се најмногу за сладоледот којшто го јадевме кога бев мала. Моник всушност, ме запозна со Зејнеп. Таа средба беше полн погодок. Моник знаејќи ме од дете и мене и Зејнеп рече дека ние две мораме да се запознаеме и да соработуваме. И навистина беше во право. Зејнеп е многу талентирана актерка, уште од нашиот прв разговор видовме дека имаме исти ставови за театарот и тоа нè спои. Всушност, заедничко за сите овие актери е нивната огромна борбеност и храброст тоа што почнале од нула, од ништо и постигнале успех. Тоа за мене беше клучно кога ги избрав за овој проект.
ЏОЛЕВ: Во каков театар сакаш да работиш?
БЕГОВСКА: Искрено, би сакала да имам свој приватен театар, не со цел да изигравам директор и да си ги викнам другарчињата. Сметам дека на секој треба да му се даде шанса, мислам дека можеме да процениме кој заслужил, кој не, за толку сме научиле. Има многу актери желни за работа и ќе работат. Ова што го зборувам не е од небо паднато, сите сакаме да е така, но некаде попатно некои се губат во оваа битка и решаваат да потпаднат под влијание, затоа што така им одговара, затоа што на крајот секој си гледа за себе.
Сакам да работам во театар во којшто нема да ми го читаат името и презимето, од каде сум, со кој сум. Во оваа работа или ќе се најдеме или не. Односно или можеме да соработуваме или не. На сила оваа работа не се работи, со некои можеш, со некои не. И тука нема ништо лошо. Затоа се прават и добри и лоши претстави. А има само еден начин да се провери.
Дојдовме до степен да калкулираме на кој да му ставиме лајк на фејсбук. Лудница : )
ЏОЛЕВ: Тешко е да зрееш плод помеѓу трули корења. За жал, само Сизифи и Нарциси останавме тука. Доколку сакаме реформи во театарот, прво треба да ги спроведеме во образованието. Што би им препорачала на еден штотуку дипломиран актер и на еден бруцош по актерска игра?
БЕГОВСКА: На штотуку дипломираниот да не брза да се вработи, туку да види што сака. Да истражи што навистина сака. Да не престане да работи. И без режисер, едноставно да работи, да создава. Да пишува, да се нуди, да биде упорен. Секојдневно да истражува, да патува, да гледа многу претстави. Да не чека режисерите да го викнат. Сам, едноставно сам, да не престане да создава. На бруцошот би му кажала таа прва година да види дали навистина го сака ова. Знам дека го сака, но, едноставно ете така, да се впушти со цело тело, ум, разум и срце да види дали е спремен да живее со оваа професија, а не да биде дипломиран актер што работи како келнер, односно да биде спремен и на тоа ако треба. Како бруцош ништо не си, ти како дипломиран не си, а не пак како бруцош. Сакам да кажам, нека немаат новите генерации на студенти мисла за тоа – станавме актери, готово. Едноставно нека се впуштат со цело срце во едно убаво патување, да не слушаат многу како било и како ќе биде : ) Нека им биде така како што чувствуваат во моментот, сега и овде!
__________
Автор и фотографија: Дејан Џолев.