АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ: КУПРУМ // СРК
>> РУБРИКА ВО КОЈА ГИ АРХИВИРАМЕ И РЕСТАВРИРАМЕ НАЈЗНАЧАЈНИТЕ ГРАФИТИ И АРТИСТИ ОД „КУПРУМ“. [текстот содржи метафори]
Aко сте редовен читател, веќе сте запознаени со археолошкиот локалитет „Купрум“. Напуштена фабрика насред Скопје, претворена во тајна галерија на графити. Таму, секој графит располага со свој колорит, свој концепт и своја специфична естетика. Денес ќе поразговараме со СРК. Легендарен цртач на графити, кој има оставено голем број колоритни дела во „Купрум“, а и е најброен по графити дела насекаде во државава.
АРТИСТ: СРК
Кога беше твојата прва средба со „Купрум“?
Мојата прва средба со Купрум беше во 2016 година и тоа мислам дека беше крајот на август или почетокот на септември. На почеток го доживуваав буквално како „Дизниленд". Кога детенце ќе отиде во „Луна парк“, е па исто и мене ми беше така. Поготово во тој период ми требаше баш тоа. Огромен простор, напуштена прекрасна индустриска зграда, каде што може да цртам, испробувам материјали и техники со часови, без никој да ме спречува и да ми ја уништува атмосферата и енергијата на таа целосна слобода. На почетокот го знаевме малку луѓе, близок круг на другари. Но, како поминуваше времето сè повеќе и повеќе уметници го дознаваа нашиот „Дизниленд“ и супер така што излезе, затоа што старата индустриска руинирана зграда се претвори во јавна галерија, прекрасно 🙂
Би издвоил ли некоја специфична анегдота, нешто интересно што се случило додека си цртал?
Па вака, би можел да го издвојам следниов момент од „Купрум“, беше забавно и смешно. Бев јас и еден мој другар, нели опуштено и се спокојно отидени со кафенце во термос и грицки, исто како на пикник 🙂 Почнавме да цртаме, и сè супер, одеднаш дојде едно човече, се гледаше дека беше социјално загрозен, без никаков муабет и конверзација, извади едно чеканче и почна да удира по веќе нацртаните графити, ние бевме тотално збунети, не знаевме што се случува. Му пријдовме и го прашавме: „Пријателе, што правиш?“ А, тој мртов ладен ни одговори: „Работам!“ Ок, Одговоривме ние, но зошто ги рушиш и ги уништуваш ѕидовите, а тој ни кажа: „Дечки, не сакам неволја. (ние уште помалку од него сакавме неволја) но јас морам да заработам“. Ние бевме тотално збунети. „Како заработуваш пари, ако ги кршиш ѕидовите во веќе скршенава фабрика?“ – „Дечки, тука во ѕидов има бакарни кабли, тие ги откупуваат за добри пари“, - ни одговори тој. Ние бевме збунети, а истовремено гневни и бесни, не на него, него на целиот скапан систем. Човекот мора да ги крши ѕидовите со нашите нацртани графити, за да преживее, ужас. Друго, исто интересна случка. Цртавме на јужниот булевар јас и Драш, а Мачка беше придружба. Беше доцна, ладно и сиво. Бевме сигурни дека не би имале проблрми, во истиот момент се појавија нашите ценети полицајци, нафурани. Нема разбирачка со нив! Ни ги собраа спрејовите и нè пратија на општо - корисна работа во Карпош. Во општина Карпош ни дадоа задача секое сабајле да шетаме по карпошовите улици и да обележуваме контејнери со скршени тркалца. WTF!
Како започна со цртање графити?
Графитите од секогаш сум ги сакал, ама искрено сум ги сакал 🙂 Паметам, беше летен распуст јас бев, накај четврто одделение, се шуткав низ школски и најдов фрлена кантичка со црна боја. Супер! Живи радости, нормално, нели си ја земав бојата со мене, но немав четка, отидов дома и од подрумот зедов четка, и се вратив назад во школски, и почнав да цртам, тоа што сум видел тоа шо ми се свртело во глава, а тоа беше симболот на јинг-јанг и од страните на целиот круг полно трајболи 😂😂 Мислам дека тогаш дефинитвно се заљубив во графитите, но неколку години подоцна кога го искусив прв пат најдобриот изум на сите времиња (Боја во спреј) Спреј. Тоа беше љубов на прва. Тој мирис, тој звук, тој момент толку навлезе во мене, што едноставно не можев да го игнорирам, се роди страста, ја почувствував слободата, ја открив тајната на среќен и задоволен живот. Бев дете, имав некои си 13—14 години, сакав повеќе и повеќе, но сето тоа беше недостижно, за еден спреј потребни се околу 200 денари, а на дете од 13 години ( во тоа време беа многу, многу пари). Не јадев ужинка во школо, не одев нигде и не правев ништо каде што треба да се трошат пари. Мора да се штеди за спрејови!
Од кога си на графити сцената?
Со графитиве сум во љубов од кога знам за себе, а цртам, активно цртам од 2002/2003. Во 2007 бев одобрен и подржан од еднствениот македонски веб сајт за графити, кој за жал веќе не опстојува. Приклучувањето на comeclean.com.mk за мене беше многу мотивирачки момент, како проаѓаа годините се развивав како личност, со тоа се развиваше и стилот и страста, повозрасен, одиш на факултет во Велес, повеќе пари во џебот, повеќе боја и многу графити, мислам дека тој период од 2007/2008 година беше револуционерен момент во цел град, па може и во целата држава, за прв пат во нашата татковина можеше да се купи графити- спреј, и тоа поевтин од авто лак (150денари), закон. Паметам моите родители ми оставаа 300/400 денари за да одам на предавање во Велес, но јас одев во читална во Зооил/Дос и спиев и чат пат ќе читнев нешто за на факс, од читална накај дома, обавезно се купуваа два спреја, тој период беше полн со боја 🙂 Ама сепак го завршив факсот 😀🤣
Дали би споделил со нас што крие твојот псевдоним?
Srk не е кратенка, не е - секогаш радосен кувар, него е едноставно звукот кога се СРКа супа или некоја манџурија, односно кога се конзумира течна храна со лажица. Едноставно сакав да ги поврзам моите две страсти, готвењето и графитите 🙂
Веќе не си во Скопје, дали сè уште црташ и колку графити имаш нацртано?
Да, отселен сум од Скопје. Скоро една година живеам во европската графити - престолнина, Берлин. Го сакам, инспиративен, шарен и будала град. Цртам и тука, но со многу послаб интензитет. Сепак доаѓам од држава што не е членка на ЕУ, доколку би бил фатен на дело, би имал многу големи проблеми, ќе ме вратат во Скопјенце, а ми се останува тука 🙂 Периодов имам пресврт во цртањето, почнувам да се занимавам да учам и истражувам апстракна уметност, не е нешто многу поразлично, но го нема моментот на адреналин и возбуда, не сум на улица под притисок, седам дома на топло и цртам на платно, но сепак мислам дека и тоа е некоја си еволуција, но сепак не можам да си ја казнам душата и да не го слушнам звукот и да не го осетам мирисот на спреј. Генерално цртам и тука графити, но со помал интезитет.
________
Погледни ги претходните написи:
ГРАФИТИ АРТИСТ „ХРОМ“ // ГРАФИТИ АРТИСТИ „МАЧКА + ДРАШ“ // ГРАФИТИ АРТИСТ „МИКС“
СОДРЖИНА: Марио Манески [уредник на рубрика];
ФОТОГРАФИЈА + ПОСТПРОДУКЦИЈА НА ФОТО.: Антонио Станков [уредник на фотографија] // Долорес Соколова [асс. на фотографија и постпродукција на фотографија]
УРЕДНИК НА ПИШУВАЧКИ ОДДЕЛ: Бинаса Дрндар.