• Немате производи во кошничката.

КРЕАТИВНОСТ И ВРЕМЕ

Една нераскинлива врска што на моменти е слатка, на моменти горчлива. 
Некогаш пријателски расположена, а некогаш безобразна. 
Креативноста секогаш барала време. Време да биде ослободена, време да биде изреализирана.. Време, време, време…
Дали сега НИЕ конечно имаме време да бидеме покреативни…
Имаме време да смислиме креативна стратегија за иднината…
Да се инспирираме…
Едноставно да бидеме тоа што секогаш сме сакале да бидеме…?!
Некој ова „време во Корона” ќе го искористи за дизajнирање и правење нови колекции. Некој ќе го посвети на работење на самиот себеси и на своето продуховување и издигнување. Некој пак, ќе се преиспитува за својот пат, за кариерата и сл. 
Како и да е, факт е дека времето сега е во наша полза. Ни дава шанса да бидеме свои, да бидеме такви како што сакаме да бидеме. Дома, далеку од очите на другите…
Шанса да ги прочитаме сите книги и списанија што ни останаа непрочитани.
Да ги изгледаме сите серии, документарци што останаа неизгледани. 
Да ги пополниме сите страни што останаа неиспишани. 
НО…

 


НО СЕПАК, не нè остава до крај да уживаме во него. Од друга страна ни вика: „Сега е време да ми покажеш што смисли и направи со тоа што ти го дадов”! 
И да, кога ќе размислиме поубаво, факт е дека треба да дејствуваме брзо. Ефикасно. Зошто? Затоа што можеби ќе ја немаме таа временска бенефиција за скоро време. 
Треба брзо да најдеме начин како таа креативност да ја насочиме кон излез од целава ситуација. 
Сите модни интервјуа, статии и подкасти сега се на темата: „Како модата треба да најде свој начин да се промени?“. „Како модниот свет треба да најде начин да се избори со моменталната ситуација (финансиски, економски, психички, креативно)?“ 
Дека конечно е време да се смени целиот систем на работа. 
Да се смени начинот на презентирање на колекциите.
Да се прават помалку ревии. 
Да се свртиме кон одржлива мода. 
Да ѝ дадеме значење на облеката. На тоа каде, како и зошто е направена?!

Но, дали времето ќе ни даде ВРЕМЕ сето тоа да се случи? 
Дали времето ќе ѝ даде ВРЕМЕ на модата и креативноста да го најдат својот нов пат?
Дали времето нам ќе ни даде ВРЕМЕ да сфатиме дека всушност ние ги имаме сите карти во нашите раце? 
Останува да видиме. 
Како и секогаш ВРЕМЕТО ќе покаже.

_____
Фото: Антонио Станков
Асс. на фото: Мартина Салова Чешновар

Креативен директор и моден дизајнер за сопствениот бренд Jovana Filipovic. По завршување на нејзините мастер студиите во Италија под менторство на Linda Loppa, професионално е ангажирана на релација помеѓу Апенинскиот и Пиринејскиот полуостров, но неуморно 8 години активно придонесува и на модната сцена на нашиот полуостров.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ