Белешки за една [фотографска] авантура [2]
„Има една работа што фотографијата мора да ја содржи, а тоа е хуманоста на моментот“. Роберт Френк [Robert Frank]
Фотографијата е…
За многумина феноменот „фотографија“ е едноставен и јасен. Тоа се „слики“ што ги „сликаме“ со мобилен телефон или со „фотоапарат“, ги имало отсекогаш и насекаде и нема причина да се „замараме“ со некакви си теории за фотографијата, што претставува таа, од кога постои и дали сè уште постои, дали е објективна („вистинска“), дали фотографијата има и некое подлабоко значење, освен тоа што прикажува луѓе, предмети, предели…
Но, има и такви за кои фотографијата е чудо (мистерија). На некој начин, тие се свесни дека таа не е само „слика“ на она што се наоѓа пред „фотоапаратот“ или мобилниот телефон, туку нешто многу повеќе. Некои од нив, дури би сакале да дознаат што e тоа, чувствувајќи дека фотографијата не е само „слика“ од нештото, но не знаат од каде да го почнат своето истражување.
Ако сте Вие од овие вториве, овој текст е за Вас! Веднаш да напоменам дека и јас немам едноставен и конечен одговор на прашањето: „Што е, всушност, фотографијата?“ Затоа и овие мои текстови во „Скала Магазин“ се како нафрлени коцкички со коишто се трудам да го составам мозаикот. Но, ако сакате да се нурнете во истражување, еве еден предлог, книгата Фотографијата е [Photography Is] (сл. 1), од 2010 година.
Авторот Мишка Хенер вели: „Книгата [Фотографијата е] е збир на повеќе од 3.000 фрази што дефинираат една од најпознатите демократски и сеприсутни уметнички форми – фотографијата. Одразувајќи ја двосмислената природа на фотографиите, секоја фраза во оваа книга е извлечена од оригиналниот контекст од каде што потекнува. Резултатот е противречен и хаотичен, фрустрирачки и остроумен. На кратко, тоа е фотографија, без фотографии.“ Фразите за фотографијата се одбрани по случаен избор, пребарувајќи на Гугл (Google). Ако сакате да дојдете до изворот на некоја од фразите наведени во книгата и да дознаете нешто повеќе за фотографијата, доволно е да ја напишете фразата во наводници во Гугл пребарувачот… и Вашата авантура може да почне.
Театарот и фотографијата
Размислувајќи за односот меѓу театарот и фотографијата, на ум ми дојде една изложба на фотографии од 2008 година. Самир Љума, еден од снимателите (заедно со Фејми Даут), на извонредниот и наградуван документарен филм „Медена земја“ [Honeyland] од 2019 година, тогаш, во 2008 година како фотограф, во МОБ имаше самостојна изложба на театарска фотографија, (Сл. 2).
Во помладите години, Самир Љума бил и артист – аматер, а на фотографиите од 2008 година, тој виртуозно ги пронаоѓа заедничките елементи во театарот и фотографијата, има чувство за волуменот на сцената, но и за експресијата на најмалиот мускул на лицето на артистот.
Веднаш ги препознава елементите што се визуелно атрактивни (костимографија, сцена, артистичка експресија…), коишто потоа ги акцентира во своите фотографии. Вешто го користи светлото да ги истакне клучните моменти. Во „бресоновски“ манир има чувство за решавачкиот момент и фотографира кога дејството на артистите постигнува кулминација…
Што ми беше муабетот? Ах, да! Си мислам и се прашувам, што им е заедничко на театарот и фотографијата? На прв поглед – ништо!
Живиот збор на артистот наспроти отпечатокот на фотографијата на парче хартија или на екран. Моментната комуникација меѓу артистите и публиката наспроти одложеното „консумирање“ на фотографијата. Артистите се експонираат пред публиката, фотографот со својата тивка камера е незабележлив. Со спуштањето на завесата, театарската магија- завршува. Со притискањето на чкрапецот на фотоапаратот, фотографската магија-започнува. Вековната историја на театарот наспроти „само“ 180 години фотографија… Би можел да набројувам уште долго.
Но, работите не се никогаш такви, како што изгледаат на прв поглед.
Театарот и фотографијата имаат многу заеднички нешта. Играта на светлото и сенките, композицијата, потенцирање на важното, елиминација на небитното, кулминација на дејството (решавачкиот момент во фотографијата), личната интерпретација на делото (моментот), авторскиот пристап како во театарот, така и во фотографијата. А кога сликите од претставата ќе почнат да исчезнуваат, фотографиите ни ги враќаат сеќавањата…
Писмо до непознатото другарче
Далечната 1999 година, кога ги одбројувавме последните месеци од дваесеттиот век, беше тегобна година. Страотните војни во Хрватска и Босна некако завршија, но на Косово и Метохија се водеше војна. Тоа веќе беше многу близу до Македонија. Целата атмосфера беше напната, некако знаејќи дека тоа што е во соседите, ќе дојде и кај нас. Така и се покажа. Веќе во 2000 година Македонија беше заплисната со огромен број бегалци, а година потоа, во 2001, ѓаволот заигра и кај нас. Во една таква ситуација, со мало бебе дома, со неизвесна судбина пред нас, спасот (менталното здравје), пак го побарав во фотографијата. Тоа беше време на аналогна фотографија. Сè уште фотографирав со мојот Никон Ф2, главно црно-бели филмови, што сам ги развивав и сам правев фотографии во мојата домашна фотолабораторија. Дома немав интернет. Во градот се отворија неколку интернет-кафеа. Спасот да се побегне од сивото секојдневие, почнав да го барам во блиското интернет-кафе коешто го отвори Игор Кочоски – Був. Ќе ги завршев сите обврски дома и после полноќ одев „на интернет“. Таму останував до длабоко во ноќта. Додека сите околу мене „ирцаа“ и „мирцаа“, мене ме интересираше само фотографијата. Пребарувајќи така, налетав на една интернет страна, што за мене беше вистинско просветлување. Тоа е порталот Зоун Зиро [Zone Zero], основан од фотографот Педро Мејер [Pedro Meyer] од Мексико. Порталот беше богат со одлични фотографии, со статии за фотографијата, со портфолија од многу фотографи – вистински рудник за љубопитните како мене. Заглавен во балканската кал, а со голема желба да бидам дел од големото светско фотографско семејство, една ноќ, разгледувајќи го мојот омилен портал, решив да му напишам писмо (мејл), на Педро Мејер.
Дали од возбуда, дали од замор, погрешно го напишав мојот мејл и напишав неколку реченици на лош англиски јазик (дека јас сум тој и тој од Македонија, тукушто го разгледав порталот и фотографиите во него, дека е прекрасен, дека и јас се занимавам со фотографија и можеби еден ден ќе му испратам мои фотографии на Педро Мејер !), а мејлот го испратив директно од интернет-кафето. Сето ова, брзо го заборавив, но следниот месец (април, 1999), кога го отворив порталот, на моето изненадување и воодушевување им немаше крај. Големиот Педро, го примил мојот мејл и го цитирал во воведникот на Зоун Зиро за месец април 1999! (Сл. 3)
Во воведникот, Педро Мејер пишува за улогата на фотографијата во, со војни зафатените подрачја низ светот (тука конкретно за нашиов Балкан), за фотографиите од страдањата, разурнувањата, за различниот агол на гледање (и фотографирање) на завојуваните страни, фотографии од целите коишто треба да се бомбардираат, фотографии за документи и евидентирање на бегалците… и вака го завршува воведникот: „Но, сето ова повеќе или помалку е познато, она што ме изненади овојпат беше мејлот што го добив од некој во Македонија, кој во целата таа ситуација, сред војни на Балканот, ја коментира неговата посета на „Зоун Зиро“, како си пребарува и разгледува фотографии.“Оттогаш поминаа многу години, многу работи се променија. Мојот пријател Игор Кочоски – Був прерано го напушти овој свет, интернет-кафеата згаснаа, сега интернетот е достапен секаде и за секого (сè уште го нема во конзервите со грашок). Фотографијата од аналогна стана дигитална и достапна за сите… Тоа што не се промени е одличниот портал „Зоун Зиро“, а Педро Мејер е уште активен фотограф. Фотографијата и понатаму е мистерија (за мене), и не е важно дали фотографирате со филм или дигитално, важен е конечниот резултат – фотографијата. Доколку Педро Мејер го чита „Скала Магазин“, еве, му испраќам една моја фотографија, какошто му ветив пред 21 година, (Сл. 4).
______
Претходен напис: БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [1] – Драги Неделчевски
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Асс. на фото.: Диме Данов