КЛИМТ И АРБИТРАЖА
„КЛИМТ И АРБИТРАЖА“ Е ТРЕТ ОД СЕРИЈA НА ТЕКСТОВИ, ОВОЈ ПАТ ОД ОБЛАСТА НА АЛТЕРНАТИВНО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ ВО УМЕТНОСТА.
Во 2005 година, Марија Алтман (во тој момент жител на Лос Анџелес, САД) се согласува Aрбитражен суд во Виена да одлучи дали Република Австрија ќе ѝ ги врати петте дела од Густав Климт (меѓу кои и делото „Портрет на Адел Блок Бауер I“), некогаш сопственост на нејзината фамилија.
Во моментот на започнување на арбитражата, делото „Портрет на Адел Блок Бауер I“, изложено под називот „Жената во злато“, е централно дело на постојаната колекција на Австриската националната галерија „Белведере“ .
Со тоа, започнува арбитражната постапка – Марија В. Алтман vs Република Австрија или прирачник за почетници на тема: реституција на уметнички дела, право на наследување и алтернативно решавање на спорови во уметноста.
Во неа, Арбитражниот суд е соочен со следната проблематика:
1899
Адел Бауер и Фердинанд Блок стапуваат во брак.
Двајцата се припадници на две од најпроминентните еврејски фамилии во Виена, Бауер и Блок.
1901
Климт го изложува делото „Judith I“, за коешто се верува дека модел е Адел Блок Бауер.
1903
Во писмо до нејзиниот брат, Адел пишува дека Климт се согласил да наслика нејзин портрет. Цената за портретот ќе биде платена од нејзиниот сопруг Фердинанд.1
Климт започнува со работа на портретот во декември таа година. Истиот месец, ја посетува базиликата Сан Витале во Равена, каде што го гледа мозаикот на Јустинијан и Теодора.
1907
Изложено е делото „Портрет на Адел Блок Бауер I“.
1912
Климт започнува со работа на вториот портрет на Адел. Една година подоцна, изложено е делото „Портрет на Адел Блок Бауер II“.
1916
Родена е Марија Викторија Блок Бауер, внука на Адел и Фердинанд.
1918
Густав Климт починува од срцев удар.
1920
Адел и Фердинанд Блок Бауер, се вселуваат во нивниот градски дом на Elisabethstrasse. Адел продолжува да ги одржува нејзините салони каде што (низ годините) гости се композиторите Ричард Штраус, Густав Малер, актерите од Burgtheater, архитектот Ото Вагнер, како и некогаш самиот Климт.
Апартманот се наоѓа веднаш наспроти виенската Академија за уметности (Akademie der bildenden Künste Wien), којашто двапати ја одбива апликацијата за упис на потенцијалниот студент Адолф Хитлер.
1923
Адел го составува нејзиниот тестамент. Во него искажува желба, Фердинанд во нејзино име да направи неколку донации, а нејзините портрети и другите дела од Климт да ги донира на Националната галерија „Белведере“ во Виена.
Починува две години подоцна во нејзината спална соба, опкружена со делата на Климт.
1937
Марија Блок Бауер стапува во брак со Фриц Алтман. Како свадбен подарок , нејзиниот чичко Фердинанд ѝ го подарува ланчето со дијаманти со коешто Адел е насликана на нејзиниот портрет.
Следната година, ланчето е запленето од Гестапо.
1938
По анексијата на Австрија кон нацистичка Германија, Фердинанд ја напушта државата. Под оправдување за наводни долгови на данок, запленет му е целиот имот (меѓу коишто и неговата фабрика за шеќер) и сите лични предмети (меѓу коишто и сите дела од Климт).
Марија Алтман успева да избега во САД, каде што во 1945, добива и американско државјанство.
1941
Комисија од Австриски музеи ја разгледува колекцијата „Блок Бауер“.
Делата на Климт се предадени / некои наводно продадени на Националната галерија „Белведере“.
Делото „Портрет на Адел Блок Бауер I“ е изложено под името: „Жената во злато“.
Називот / презимето Блок Бауер е избришано од описот на сите дела.
1945
Фердинанд Блок Бауер го составува неговиот тестамент. Со него, го остава целиот негов имот, меѓу коишто и делата на Климт, на неговите внуци Марија, Луизе и Роберт.
1946
Австриската влада го носи Актот за поништување на сите дискриминирачки трансакции коишто се случиле помеѓу 1938 – 45 година.
1960
Тогашниот директор на „Белведере“ презентира докази дека делата од Климт се набавени пред 1938 година, врз основа на тестаментот на Адел Блок Бауер.
1998
Австрија го носи Законот за реституција на уметност. Законот има за цел враќање на објектите од колекциите во националните музеи, нелегално запленети за време на Наци – режимот, на нивните оригинални сопственици или наследници.
Новинарот Хуберус Цернин пронаоѓа документи со коишто се докажува дека Фердинанд Блок Бауер не ги донирал делата на Климт на Националната галерија „Белведере“. Уште повеќе, наоѓа документи со коишто докажува дека (управителите на) „Белведере“ знаеле дека музејот поседува дела украдени од нацистите.
1999 – 2005
Марија Алтман поднесува барање за враќање на делата од Климт, преку нејзиниот адвокат Рандол Шенберг (внук на Австрискиот композитор Арнолд Шенберг).2
Таа го известува Комитетот за реституција дека нема намера да ги изнесе делата од Австрија, туку бара соодветна компензација и признавање на правата на нејзината фамилија.
Комитетот го одбива нејзиното барање, цитирајќи го тестаментот на Адел Блок Бауер како доказ дека делата се легално пренесени во „Белведере“.
Поради превисоки судски такси, Марија Алтман не може да ја продолжи правната битка за делата во Австрија.
Подоцна, согледувајќи дека репродукции од делата на Климт (како и книги, сувенири итн.) се продаваат и на територија на САД, нејзиниот адвокат добива идеја да побара Судот во Калифорнија,
САД да досуди дека Република Австрија, на основа на експропријација го прекршила меѓународното право.3
По неколкугодишна правна битка, Република Австрија се согласува конечната одлука да биде донесена од арбитража во Виена.
2006
Арбитражниот панел носи пресуда во којашто, согласно спроведената правна анализа, се заклучува дека желбата искажана во тестаментот на Адел, делата на Климт да се донираат на „Белведере“ е правно необврзувачка4.
Делата се во сопственост на Фердинанд Бауер, кој целиот негов имот го оставил на своите внуци.
Со тоа, Арбитражниот панел составен од тројца австриски арбитри носи одлука дека условите од Законот за реституција на уметнички дела се исполнети5.
Петте дела, вклучувајќи ги и делата „Портрет на Адел Блок Бауер I и II“, чијшто автор е Густав Климт, нарачани и платени од Фердинанд Блок Бауер се враќаат во сопственост на неговите наследници, односно на Марија Алтман.
2006 – ДЕНЕС
По враќањето на делата, Марија Алтман ја одбива понудата од Националната галерија „Белведере“ за продажба на делата и нивно останување во „Белведере“.
Делото „Портрет на Адел Блок Бауер II“ го продава во тоа време за рекордни 135 милиони долари на Музејот за германска и австриска уметност „Neue Galerie“ во Њујорк, САД.
Делото може да се види таму и денес.
По продажбата на делата, Марија Алтман ја основа Фондацијата „Марија Алтман“, којашто го поддржува Музејот на Холокаустот во Лос Анџелес, САД6.
Фотографија: Дејан Џолев
____________
1. Во тоа време, надоместокот за портрет изработен од Климт, изнесувал колку цената за една куќа (некои би рекле палата) во центарот на Виена.
2. Арнолд Шенберг денес се смета за еден од највлијателните композитори на 20-тиот век. Неговите дела се прогласени за дегенерирана музика (degenerate music) од страна на нацистите. И самиот избегал од Австрија во 1933 и станал државјанин на САД во 1941 година.
3. Деталите на предметот воден во САД, сè до Врховниот Суд и неговата одлука дека Судовите во САД се надлежни да постапуваат по предметот, можат да се прочитаат тука.
4. Целосниот текст на арбитражната пресуда и обидите за стекнување на сопственост на делото од страна на државата / Белведере итн., може да се прочитат тука.
5. Случајот е инспирација за филмот Woman in gold, 2015, документарецот Stealing Klimt, 2007 итн.
_______
Прочитај ги првите два написи од серијата текстови од интелектуална сопственост:
УМЕТНОСТА НА ВОЗМОЖНОТО
АВТОР