• Немате производи во кошничката.

Моите и кондурите на Џон Клис


Автобуската станица во Сараево, Интернационален фестивал МЕСС, 2013 година, 10:00 ч. наутро. Моето прво пристигање во Сараево, мојот прв интернационален фестивал. Тогаш уште бев студент, се пријавив на работилница. Скоро 12 часа во автобус, пристигам на автобуската, истура дожд. Мрачно е, дува ветер и врне многу силно. Чекам некој да дојде, да ме пречека. Нервозна и со едни кондурчиња што едвај издржуваат, ми се направија жива вода од дождот, а и фармерките мокри до пола. Фармерките беа на татко ми, некои стари, од времето… Дува, врне, јас не знам каде треба да одам. По некое време пристига една  од организаторките и со широка насмевка љубезно ме поздрави. Вели: -Па ти си стигнала порано Теа? Велам: -Не, ви напишав кога ќе стигнам! Потоа сфатив дека сум ја згрешила и временската зона. Нејсе. Си ги гледам кондурите што едвај издржуваат и со секое газење шлапкаат во вода, си ги гледам фармерките од татко ми, 3 броја поголеми, ја гледам организаторката, пак гледам во кондурите, поцрвенев од срам заедно сосе кондурите, заедно сосе фармерките од татко ми кои беа мокри до пола. Ме гледа организаторката во кондурите и ме прашува: -Кој број носиш? Спремна да ми ги даде нејзините кондури. -Не, велам, нема потреба, имам патики во куферот! -Ама немаш време да се пресоблечеш -ми вели, веднаш одиме во театарот, денес ви почнува работилницата, Јан ве чека! Jan – Willem Van Den Bosh, режисер од Холандија, ја водеше работилницата за режисери. -Добро, велам, ајде ќе одиме со такси да стигнеме побрзо! -Па немаме време да викаме и да чекаме такси -ми вели, театарот е блиску, ќе одиме пешки! -Пешки? Значи, истура дожд, моите кондурчиња веќе се распаѓаат, за фармерките да не правам муабет. Режисер! Сакам да бидам режисер. -Добро, ајде. Ќе одиме пешки! Стигнавме пред театарот, јас во исто време возбудена, првпат одам во Сараево, првпат на фестивалот кој е мој сон од дете. Јас мокра од глава до пети. Со таков срам влегов во театарот, мислам дека во истиот момент сакав да ме снема, пропаднав во земја. На сцената нѐ пречека директорот на фестивалот, Дино Мустафиќ. Јас, студентот по режија, мокра, со кал на кондурите и фармерките се запознав со Дино. Таму беа и моите колеги пријавени на работилницата, од Унгарија, Романија, Германија, Бугарија и Босна. Со сите се поздравувам, се запознавам и пропаѓам во земја од срам за тоа како изгледам. И на сите истиот муабет, демек да се оправдам: -Знаете, јас 12 часа патував, надвор многу врне, пешки доаѓавме од автобуската, немавме време да одиме во хотелот…. И на сите истото, истовремено поцрвенувам од срам. Режисер! Сакам да бидам режисер. Со кал на кондурите. Тоа утро некако помина, некако го проголтав срамот и по работилницата се сместив во хотелот. Си помислив каков малер, 7 дена треба да бидам во Сараево, да гледам претстави, да се дружам, а луѓето ќе ме паметат како девојката со калливите кондури и мокрите фармерки од Македонија. Вечерта бевме на претстава. Влегувам во театарот заедно сосе срамот што го доживеав утрото и се сместив во гледалиштето. Завесата се крена, мојот срам го снема кога на сцената ги видов актерите од  еден од најголемите европски театри – „Needcompany“ од Белгија, заедно со маестро режисер, Jan Lauwers. Мислам дека не дишев додека ја гледав претставата, не трепнав. Тотално театарско доживување. Претставата заврши со една силна реченица обраќајќи ни се на нас, на публиката – If art is our lover, Then who the fuck are you!? После сите изгледани претстави таа година, моето прашање беше: – Режисер? Сѐ уште сакаш да бидеш режисер? Зарем не ти е срам што сѐ уште сакаш да бидеш режисер? Дали знаеш колку е сериозна оваа професија? Дали си свесна? После таа прва година на фестивалот, 12 часа дома, патував со мислата дека ќе ги завршам студиите по режија со или без срам и дека секоја година ќе се враќам на фестивалот. Еве, 7 години по ред го следам фестивалот. После неколку години, на „Сараево филм фестивал“, сите седиме возбудени и го чекаме големиот Џон Клис да дојде, требаше да одржи мастер клас. Доаѓа Џон Клис со една широка, детска, монтипајтоновска насмевка, седнува на столчето и јас забележувам дека на Џон Клис едната кондура му е скината кај палецот. Не ми се верува. На Џон Клис му е скината кондурата! И замислете, не му е срам. Џон Клис со скината кондура ќе држи мастер клас! И во тој момент се сетив на моите калливи кондурчиња и за тоа колку ми беше срам што ќе влезам во храмот, наречен театар, со кал на кондурите. Си реков, па добро, штом Џон Клис се шета со скината кондура и не се срами, па која сум јас тогаш да се срамам?!





______
Фотографија: Мартина Пенева




Tea e месечен колумнист за театарските теми, со посебен акцент на истражувачките процеси. Теа го отклучи интимното шкафче преполно скици, остварени и неостварени идеи, истражувања од најразличен тип. Материја која најчесто останува недостапна за публиката.Таа е Театарски режисер, вработена во Драмски Театар Скопје. Неуморен и плоден автор на независната театарска сцена. Нејзините претстави активно се играат надвор од институцијата Театар, трагајќи по нови форми и можности. Со нејзините дела е чест гостин на театарските фестивали дома и во регионот.Сигурно ќе ја препознаете од ТВ емисијата „Културо“, но и како ментор на програма „Филмски актер“ во школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ