• Немате производи во кошничката.

Парадигма за поделба на знаењето

Еден автор сака своето авторско дело да го објави во јавноста. 

Размислува таквата објава да ја направи во дигиталниот простор. Смета дека дигиталниот простор ќе го направи неговото дело достапно на неограничен број на лица. Без рестрикции, без протокол. 

Ги прифаќа условите за користење и го поставува. 

Одеднаш, дигиталната платформа без негова дозвола го брише неговото дело. А и пристапот до неговиот профил е повремено забранет. 

Како се случи сето тоа, па нели цензурата е забранета?! Или, сепак не? 

Парадигма за поделба на знаењето“ е четврт од серија на текстови од областа на интелектуалната сопственост.

 

Во текот на пишувањето на овој текст, Инстаграм (согласно нивната дефиниција – Американска социјална мрежа за споделување на фотографии и видеа) испрати многу срдечно известување до своите корисници дека ги направиле своите услови за користење по јасни. Во продолжение на известувањето, веќе не толку срдечно, корисниците се известуваат дека секое продолжување со користење на апликација значи дека се согласни со новите услови. За волја на вистината, условите се навистина јасни. Поделени во неколку категории, ги известуваат корисниците дека: 

  • Инстаграм собира информации во врска со луѓето со кои сте поврзани; 
  • Инстаграм ја собира листата на контакти од вашиот уред и/или историјата на СМС пораки; 
  • Инстаграм ги собира информациите за вашите финансиски трансакции, како бројот на вашата трансакциска сметка, други информации за сметката и бројот за верификација; 
  • Инстаграм одредува која содржина е соодветна за поставување на мрежата. 

И така натаму. 

И покрај актуелноста на темата дали навистина е потребно или оправдано мрежа за споделување на фотографии и видеа, да собира лични комуникации и финансиски податоци за корисниците, како и дали истите понатаму се користат согласно законите за заштита на личните податоци – истата не е тема на ова кратко истражување. Фокусот е повеќе за фактот, што таму некаде постои некој што има можност да ги најде, собере, процесира и шири собраните информации и знаење. И секако постои некој што нема таква можност. Разликата помеѓу едните и другите се нарекува поделба на знаењето. 

 

I. ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА СОПСТВЕНОСТ И (ДИГИТАЛНАТА) ПОДЕЛБА НА ЗНАЕЊЕТО 

Во својата публикација насловена како „Кон општества засновани на знаење“ УНЕСКО го разгледува проблемот на поделбата на знаењето како еден од главните предизвици кон преминот кон општество на знаење, каде фокус би бил почитувањето на човековите права, а особено: 

  • Слобода на мисла и изразување, 
  • Слобода на информирање и академска слобода, 
  • Право на пристап до образование, 
  • Право на слободен пристап до културниот живот на заедницата, уживање во уметно- стите и споделување на технолошките дости- гнувања и користа од истите. 

При тоа, како главни причинители на поделбата, а од таму и потенцијални решенија за овој проблем се наведуваат, политичките системи (имплементацијата на основните права на граѓаните), системите на образование (или недостаток на таков систем), пристапот до дигиталните технологии (кој подразбира нова категорија на поделбата наречена дигитална поделба) и системот на интелектуалната сопственост. 

Зошто интелектуалната сопственост? 

Законите од областа на интелектуалната сопственост директно го одредуваат пристапот на јавноста до различни интелектуални ресурси, должината и цената на таквиот пристап. Воспоставувањето на строг модел кој би овозможувал заштита на авторот врз неговото дело и многу контролиран пристап до таквиот ресурс носи ризик од формирање на монопол. Од друга страна, овозможување на полесен пристап носи ризик од пиратерија. 

Со тоа, се појавува предизвикот за воспоставување систем на баланс, кој од една страна ќе ги стимулира авторите да креираат авторски дела, а од друга страна ќе го заштити јавниот пристап до таквото дело; ама не до степен до кој заштитата ќе ја исклучи во целост јавноста до слободен пристап до културниот живот на заедницата, како уживање во уметностите и споделување на технолошките достигнувања. Како да се постигне таква стимулативна средина? 

Во последните децении, со цел да се адресира ова прашање во време на растечки предизвици на дигиталните технологии, се донесоа низа на меѓународни договори, преку кои се признава дека овој проблем не може да биде адресиран само на национално ниво. Голем дел од нив се ратификувани и соодветно имплементирани и во нашиот правен систем, со што на нашите автори им овозможува да ја ползуваат и споменатата меѓународна заштита. Имајќи го тоа во предвид, за да ја разгледаме моменталната положба и развој на споменатата проблематика, многу соодветно се чини да земеме еден едноставен пример, на автор кој во моментов живее и твори во РС Македонија, а при тоа има пристап до дигитални технологии и сака да ги ползува споменатите човекови права, па да објави свое дело во јавен простор. 




The Nude protecting us from art автори: Дејан Џолев и Кристина Крагујевска; медиум: Фотографија со дигитална постпродукција; година: 2020; димензии: 40cm x 40cm. 
Делото е изложено во рамките на изложбата Open Space, во Giardini della Marinaressa, Venice, Italy, Септември 2020 година. 
Делото е соодветно и за поставување во дигиталниот простор согласно Водичот на заедницата. 
Делото не е цензурирано.


II. ОБЈАВУВАЊЕ НА ДЕЛОТО ВО (ЈАВЕН) ПРОСТОР 

Поради желбата да го објави своето авторско дело (фотографија), нашиот автор за почеток се запознава со своите загарантирани права со Устав и Закон. Со Уставот, на нашиот автор му се гарантираат низа на основни слободи и права на човекот и граѓанинот. Помеѓу другото; 


ЧЛЕН 16 

  • Се гарантира слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. 
  • Се гарантира слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации. 
  • Цензурата е забранета. 

ЧЛЕН 47 

  • Се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. 
  • Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. 
  • Со Законот за авторските права и други сродни права, на нашиот автор му се гарантира авторското право, независно дали делото е објавено. Уште повеќе, Законот му објаснува дека објавување е достапност на јавноста до авторското дело, независно од начинот и формата. A јавност е достапност на авторското дело, под еднакви услови, на неодреден број на лица надвор од вообичаениот круг на семејството. 


Со тоа, нашиот автор е охрабрен дека не само што не постојат никакви законски пречки за објавување на делото, туку и му е загарантирана слободата на неговото уметничко творештво и цензурата е забранета. 

Со тоа, авторот само треба да избере јавен простор во кој ќе го објави неговото дело. 

Ваквото објавување (а особено земајќи ги во предвид условите во 2021 година) во јавен простор е веќе вистинскиот предизвик. Особено доколку нашиот автор би сакал со делото до допре до неодреден број на лица, ќе мора да почне да размислува за објавување во дигиталниот простор, како можеби единствена форма на јавен простор во моментов. 

Со тоа, без разлика на неговите загарантирани Уставни и законски права, нашиот автор ќе мора да ги прифати (гореспоменатите) условите за користење на социјалните мрежи за споделување на фотографии и видеа. И таквото споделување ќе биде регулирано согласно приватно создадени услови за објавување на авторски дела, донесени од приватна корпорација и во конкретниот случај наречени водич на заедницата. 

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ // СКАЛА МАГАЗИН БР.1



ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.1
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

 

______
ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков
ИЛУСТРАЦИЈА: Бојан Матејин

Адвокат, познавач и љубител на уметностите, пишувач и предавач на теми од интелектуална сопственост, и ко-сопственик на Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ