СКРЕЧОВИ НА ДРВО, А НЕ ПЛАСТИКА
РАЗГОВОР СО: Катерина Трпковска и Деспина Здравкова [Ринока]
РАЗГОВАРА: Дејан Џолев.
Вторник. Утро. Пијам турско во работилницата на „Ринока“ заедно со дизајнерките Катерина Трпковска и Деспина Здравкова. Пост-ковид. Без сетило за вкус и мирис. Но, сигурен дека кафето е по мој вкус и тертип. Се чувствувам опуштено. Слободно, пријатно… Многу опуштено! Катерина предложи да излеземе малку на воздух. -Зошто? -прашав. -Затоа што веќе долго време сме изложени на интензивен мирис на неостик, зарем не чувствуваш? - ме праша. Не :) Опуштени, опиени, насмеани…
СКРЕЧОВИ НА ДРВО, А НЕ ПЛАСТИКА!
ЏОЛЕВ: Мојот драг професор Јовица Мијалковиќ велеше дека не постои лош материјал, единствено постои лош дизајнер. Зошто дрво, а не пластика?
ТРПКОВСКА: Дрво да, затоа што е природен материјал којшто, како што се создава од земјата, така и се соединува со неа при процес на разградување или рециклирање, без притоа да нанесе штета на сметка на околината, ако тоа се прави внимателно и по прописи.
Пластика не, затоа што… зарем треба да го дискутираме тоа, воопшто?! Еден од главните проблеми на глобално ниво во поглед на запушување на планетата со отпад, проблем за којшто постојат стотици global warming awareness или save our oceans организации, коишто од „петни жили се борат” да се справат со овој проблем, а истиот сѐ повеќе делува нерешлив. Да, пластиката како материјал била измислена за подобрување на перформансите на некои производи и, се сложувам дека во одредени сектори и индустрии е добро да се користи како што велат „good plastic”, но само кога тоа би било строго контролирана количина. Сега веќе број еден суровина во скоро сите индустрии, самото тоа кажува дека е предоцна за назад. Ама ајде, ќе останеме оптимисти.
ЗДРАВКОВА: Се сложувам со Катерина. Ама и настрана од Global warning и overuse of plastic, ние сме вљубеници во дрвото. Секојдневно сме сведоци на неговата уникатност и карактер. Буквално секое парче дрво е единствено и уникатно. Жива материја којашто постои со тебе во просторот и апсорбира и испушта енергија. И да. Нашата цел е да создаваме нешто трајно и обновливо и се трудиме дизајнот да е безвременски, а не да следи некој тренд.
ТРПКОВСКА: Ако веќе сакаме подлабоко да навлегуваме во филозофијата, да ја земеме историјата пред нас, па да отидеме во иднината. Дрвото создава историја, пластиката како што старее, губи вредност и изгледа грдо, нема историја. А ако сега изработиме еден ист производ во дрво и пластика, за 100 години отсега, дрвениот ќе биде уште поубав, ќе ви буди секакви емоции кога ќе му правите опсервација, додека пластичниот ќе биде избледена испукана пластика без можност за реставрација.
ФАНК ШУИ
Сакаш да дизајнираш простори по фанк шуи? – Запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн!

„Шумите неконтролирано се сечат од планински племиња!“
ЏОЛЕВ: Додека сме на хуманистичката страна, дали може да нѐ воведете во етиката и процесот при набавка на дрво како материјал за подоцнежна обработка. Кој всушност продава дрво?
ЗДРАВКОВА: Етика за користење на дрвото како ресурс почнува од самото засадување на дрвото, до неговата контролирана сеча. За жал, во Македонија, не многу се почитува тој процес на заштита на шумите. Шумите неконтролирано се сечат од планински племиња, таканаречени малцинства [се извинувам за искреноста] во нашата држава и мене тоа ме збеснува! Ние купуваме дрво прва класа, само од уредни пилани, а дрво кај нас продава кој стигне. Квалитетот е лош нормално, ама столарите го набавуваат по евтина цена или сами сечат дрва и ги „обработуваат” и сами ја рушат цената на производи од дрво на пазарот.
Мора сам по себе да си човек со вградена свест и етика за да работиш со овој материјал.
Престој во близина на дрвја или близок контакт со дрвјата [гушкање] е метод за лекување - дендротерапија. Всушност, дрвјата емитуваат суптилна енергија којашто има антистресно и антибактериско дејство врз луѓето. Не е ова од лепакот, навистина е така : )
ЏОЛЕВ: Од аспект на продукт-дизајн и дизајн на мебел, дрвото пак има свои технички и естетски карактеристики. Кој тип на дрва најчесто се применуваат во вашата работилница, кои се нивните карактеристики?
ТРПКОВСКА: На располагање кај нас најчесто има орев, даб, бука, јасен, чам, бел бор и костен. Од споменатите, ние се задржуваме на орев како најблагородно и најпитомо дрво за работа. Тој има најизразени годови со контрасти во боите, како што ниедно друго дрво не ги поседува. Копаничарите го користат исклучиво ова дрво, бидејќи најдобро може да се постигнат релјефите во него, а некои го споредуваат со глината кај вајарите : )
Јасенот, наш омилен, а кај нас потценет, технички се покажува одлично при изработка на нашите производи, многу цврсто и отпорно дрво.
Дабот е исто така, добро дрво. Честопати се наоѓа сличност со јасенот во шарата на материјалот, но сепак се доста различни. За да добиеме квалитетен мебел, сортата на дабот мора да е од исклучиво висок квалитет, како оној славонскиот.
Кај нас тешко се стига до таков, но го наоѓаме, бидејќи мебелот изработен во даб, можеби е најголем тренд глобално.
ЏОЛЕВ: Во кој случај сте имале потреба од специфично дрво, пред сѐ мислам на неавтохтоно дрво за овие географски простори?
ЗДРАВКОВА: Сме користеле неавтохтони видови за неколку проекти за Outdoor furniture. Досега сме работеле со махагони, ироко и окуме. Интересно е што секој вид те носи во својата земја на потекло со својот мирис допир и текстура.
RINOCCA
Rinocca е студио за продукт-дизајн и производство на висококвалитетен, рачно изработен мебел.
Лансирана е во 2015 година, од дизајнерката Катерина Трпковска, со фокус на декоративното осветлување, додека во 2017 година, започнува соработка со инженерката Деспина Здравкова и заедно го прошируваат производството и разновидноста на производите. [ѕирни тука]



ЏОЛЕВ: Од што се состоеше почетокот на Ринока? На пример, кој е првиот алат во којшто инвестираше? Кое беше првото парче мебел што го изработи?
ТРПКОВСКА: Почетокот е должен на поривот во мене да направам нешто битно за себе, бидејќи со дотогашното искуство во компаниите каде што работев, буквално имав чувство како да ме влече наназад и стравував од тоа дека нема ништо да постигнам во животот ако продолжам така. Ринока почна кога останав без работа и не знаев што понатаму.
Влегов со едно машинче од брендот DREMEL за стругање и моделирање на керамика и дрво, мислејќи дека чуда ќе правам… тука можете да видите дека моето искуство било рамно на нула. По неколку месеци, во соработка со стари столари, некако првите производи излегоа. Тоа беа пет подни лампи, од коишто 3 се продаваат одлично, до ден-денес.
ЏОЛЕВ: Верувам дека развојот на брендот во различни фази имал различни предизвици. Производството на само еден продукт и негов пласман поминува низ неколку процеси… Идеја, скица, технички цртеж, набавка на алат и материјали, изработка, промоција, пласман. На почетокот, кога ентузијазмот беше голем, но искуството мало, кои од овие фази беа предизвик, што се очекуваше, а не се случи и обратно, што не се очекуваше, а се случи?
ТРПКОВСКА: Разочарувачко искуство беше почетокот, убави реакции, но продажба речиси никаква. Тука како неискусен, веднаш почнуваш да се сомневаш во себе, да поставуваш сто прашања и да не најдеш одговор. Усовршувањето на производите исто така, беше предизвик, бидејќи немав никаков алат. Првично беше сѐ outsourcing и тоа само по себе создаваше многу проблеми. Многу долго траеше тој процес на оформување, не можам да ги избројам разочарувањата и моментите кога ми доаѓало да се откажам и да баталам сѐ. Но, онаа одвреме-навреме порачка што ќе се случеше, што секако не ми ги решаваше финансиските проблеми, будеше таков жар во мене како небаре милиони сум заработила. Така продолжував напред и сепак, мислам дека тоа се должи на љубовта кон тоа да создадам нешто физички опипливо од нула, не земајќи го предвид материјалниот исход. Едноставно така си скроен.
И не можам да кажам дека не сум очекувала она што денес го имаме, бидејќи тоа е тоа за коешто работам сиве овие години, само не сум знаела точно како сето тоа ќе се одвива.
ШИФУЊЕР
Ти се смачи од стариот шифуњер дома и плафоњерките во тоалетот? – Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн.

Ти се смачи од стариот шифуњер дома и плафоњерките во тоалетот? Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн.
„Што барате овде бе девојчиња?“
ЏОЛЕВ: Еден од моите најголеми проблеми во почетоците на корпоративното работење [маркетинг агенции] беше хендикепот на мојата возраст. Многу често бев во подредена улога во очите на моите повозрасни колеги… Тоа често знаеше да биде исцрпувачка битка за позиција на глас, без разлика што хиреархиски сум имал повисока улога во тимот. Вие исто така, започнавте многу млади, дали и какви стереотипизации сте почувствувале во вашето работење? – првенствено што во некоја мера работите „машка“ работа [машини, дрво, алат] од техничката страна на работата, иако станува збор за префинета работа од аспект на дизајн.
ТРПКОВСКА: Па, мислам дека барем овде кај нас тоа, хиерархиското подредување, е присутно буквално во секој сегмент од нашите животи, можеби конзервативноста на општеството е должна за тоа… Така што, постојано сме во ситуација како на пример, одиме во пилана, магацин за метални профили, продавници за алати, фабрики за обработка на метал, итн итн. каде што женска нога не стапнува и прво имаш анализа од глава до пети, па потоа прашања со блажена насмевка на лицето од типот: „Што барате овде бе девојчиња”, па преслушување на животна приказна, интимни детали, па муабети од типот: „Ти не знаеш, јас знам, чекај да ти кажам” и уште многу многу такви ситуации. Но, со тек на време и искуство, веќе ништо од тоа не ми претставува проблем, бидејќи знам како да се поставам и да ги избегнам тие непријатности и згора на тоа, веќе имаме создадено здрави релации со наши постојани соработници, на тој начин непријатностите се сведуваат на минимум. За сѐ треба време и искуство и тоа е неминовно, а скратен пат, не постои.
ЗДРАВКОВА: Да, дефинитивно првиот пристап кон нас како девојки е скептичен, меѓутоа откако ќе ја увидат нашата сериозност кон работата, таа скептичност исчезнува. По тој момент, морам да признам дека сме и многу попривилегирани од фактот дека сме жени, хаха… Нормално, мажите се помеки со нас во комуникацијата и честопати ни даваат предност.
ЏОЛЕВ: Драга девојко Здравкова, кој беше предизвикот да се приклучиш кон Ринока?
ЗДРАВКОВА: На почетокот, не ми беше предизвик да се приклучам во Ринока, меѓутоа стана предизвик и за мене и за Кате да ја издигнеме Ринока на одредено ниво и сѐ уште работиме на тоа.
Во Ринока се приклучив многу случајно, без претходна умисла дека го сакам тоа. Ама Катерина ми ја пренесе својата пасија за оваа работа и денес не би ја заменила Ринока за ниту една друга професија или фирма. Кликнавме од прва и цело време се надополнуваме една со друга. Имам слобода на креативно изразување преку професијата и знам дека немам лимит. Лимит сум единствено јас сама на себе, понекогаш кога ќе ме фати мрза : )
Да, дефинитивно слободата на креативното изразување е тоа што ме врзува за Ринока. И исполнување на идејата за тоа што сакаме да биде Ринока.
ЏОЛЕВ: Години подоцна, т.е. денес… Какви сѐ типови производи нуди вашето портфолио и погон на производство и на кој пазар сте најзастапени?
ЗДРАВКОВА: Нашето портфолио нуди околу 20 парчиња дизајниран мебел, коишто се изработени од високо квалитетни материјали и финиши. Како што кажавме претходно, користиме eco friendly суровини и максимално се трудиме производите на Rinocca да имаат долг век. Најпродавани производи се нашите подни лампи по кои сме сѐ уште препознатливи. А моментално работиме на пласман на нашето прво столче „Бразда”.
Производите на Rinocca се најзастапени на американскиот пазар.
ЏОЛЕВ: Ринока утре… Вашите стремежи во однос на брендот, производството и пазарот?
ТРПКОВСКА: Остануваме на истата траса по којашто се движиме од самиот почеток, затоа што низ текот на годините, се покажало како најпродуктивна, иако сето тоа е доста тежок и спор процес. Транспарентност и искрен дизајн, производство на квалитетен мебел и на крај, пласман и проширување на пазарот надвор од државата. Целта ни е да создадеме средна компанија или подобро кажано, заедница каде што луѓето со нивното дејствување ќе придонесат за создавање на една успешна приказна во нашата земја.



OБРАЗОВАНИЕ
Кога им ја претставив идејата за насловната фотографија на девојките, одговорија реторички и загрижено… „Идејата ни се допаѓа, но дали е навистина паметно да се фотографираме токму така за оваа пригода?“ „Ова е нашиот визуелен јазик, како што секој медиум има сопствен изграден јазик, форма и ниво на комуникација. Вие сте гости во „Скала“ и нема поврзаност со вашиот корпоративен идентитет, туку има единствено со нашиот!“ - им одговорив и јас загрижено, од причина што премногу навивавме за оваа идеја, но истовремено бев сигурен дека идејата ќе биде прифатена, затоа што знаев дека комуницирам со зрели личности кои посветиле многу време на своето образование и голем искрен труд во професионалниот развој. Со вакви личности лесно се води дијалог, можеби тешко би нѐ разбрале „комшиите“, но затоа го правиме токму ова, провоцираме со цел подигање на критичката мисла за тоа што е дозволено, а што не. Живееме во ограничени традиционални и квази-идеолошки наследени навики и правила, токму затоа сме и ќе останеме новиот глас, ние сме нова генерација со потреба за нови „празници“. Голото тело може да биде философија, може да претставува еротика или порнографија. Како ти гледаш на ова, зависи од твоето естетско мерило. Катерина Трпковска, дипломирала на Факултетот за арт и дизајн, каде што издвои пријатни спомени. Практично, таа не ни знаела што точно запишува, едноставно ѝ се допаднал штандот на Саемот за образование. Но и тоа има смисла! Ѝ се допаднала формата, бојата, инсталацијата во просторот, т.е. дизајнот. Трпковска всушност, талентот и интересот го открила за време на студиите и постојано била поттикнувана и креативно провоцирана од страна на професорите, што е и најважниот чинител на образованието. Да препознае интерес и талент, да го насочи и развива. Деспина Здравковска, дипломирала на Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, таа издвои не така пријатни искуства од студиите. Посебно критички беше настроена кон застарени технологии и методи на едукација. Додаде дека била принудена по завршувањето на факултетот, самата да се доедуцира по алтернативни образовни центри. Токму овие две девојки, денес се менторки по предметот Прототип дизајн студио на Академијата за ентериер и продукт-дизајн [линк], при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. Неизбежно беше прашањето на што точно се базира нивниот метод на едукација.
ЗДРАВКОВА: Денес, како ментор на академијата, се сретнувам со мои колеги од факс и ми е многу познато тоа низ коешто тие сега поминуваат. Дури сега им се буди креативното размислување. Се трудам да ги натерам да се свртени кон себе и да создадат нешто свое. Големо задоволство е кога некој физички ќе го доживее својот труд. И реакциите на општеството кон истиот. А, академијата го овозможува тоа на своите студенти.
Нашиот образовен систем е инхалант, „испарувачка супстанца“ која по вдишувањето има заматувачко дејство.
_______
Фотографија на насловна: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографии во текстот: Ања Калин