СЕКОЈА ПРОМЕНА ПОЧНУВА КОГА ОТВОРЕНО ЌЕ СЕ РАЗГОВАРА ЗА ПРОБЛЕМИТЕ
Перформанс од спој на театар и филм за градење нова иднина // 12ти октомври 2022, во КПС „Јадро“ од 20 часот. Бидете таму!
Веројатно сте слушнале за една банда ентузијасти, што пробуваат да ја „освестат“ јавноста преку бран ехо, поточно, „Културно ехо“. Спој од неколку различни профили на луѓе, сите со една главна цел – да го „ре-создадат“ нашиот град. Просторно, културно, урбано – во сите можни сфери, Скопје доживува секакви потреси. Но, затоа постојат вакви луѓе, кои прават напори темата за градот и неговите можни, потенцијални објекти кои се достапни, да доживеат трансформација и да можат да се користат како активни места за настани. За што станува збор? „Создаваме град, градиме иднина“ е мултимедијален перформанс од експериментален карактер, односно спој на театарска и филмска уметност. Тематската област која е главен интерес е урбанистичкото планирање со акцент на генералниот урбанистички план. Ќе се случи на 12ти октомври 2022 година во КПС „Јадро“ од 20 часот. На прва, сево ова можеби се чини како романтичарска идеја на млади културни дејци што сакаат да го вперат прстот во битните прашања поврзани со нашиот град, и воопшто, живеењето во него.
Здружението на граѓани – гласно ехо во етерот
Проектот е идеја на Здружението на граѓани Културно Ехо Скопје, во кое неколкумина момци и девојки со сета своја умствена снага и желба за подобрување на урбанистичкиот план на градот, го креваат својот глас и отвораат својот ум за да се променат нештата. Во тимот на овој перформанс се Симона Димковска, актерка, Стефани Караџовска, видеограф и наша студентка на Академијата за визуелни уметности, Кристијан Караџовски, филмаџија и брат на Стефани и архитектката Јана Брсакоска, која е дел од „Ситископ“ и соработник во проектот.
☆
Ja прашавме Симона, како започна сево ова и што значи за неа лично како граѓанка на Скопје, но и актерка во перформансот кој веќе се оствари двапати, во Кинотека и во Домот на културата во Ѓорче Петров.
ДИМКОВСКА: Мојот интерес за Генералниот урбанистички план почна пред година и половина кога со здруженијата Културно Ехо и Ситископ и Општина Ѓорче Петров, поднесовме иницијатива за промена на намената на индустрискиот комплекс Купром за кој имаме заедничка визија да се ревитализира и да стане студентски културен центар. Сѐ уште немаме одговор од надлежните институции и некако увидовме дека не се дискутира јавно темата за носењето на новиот ГУП, иако оваа 2022 треба да биде донесен, односно изгласан од советниците на Град Скопје. Она за што слушам во неформални разговори со граѓани на Скопје е дека градот е презагаден, целосно бетониран, нема квалитет на живот, сообраќајот е ужасен и овие поплаки и проблеми одат во недоглед. Речиси никој не размислува како може да придонесе оваа грда слика да се смени.
Секоја промена почнува кога отворено ќе се разговара за некој проблем, и како актер ја имав таа можност да влезам во различни улоги и да отворам темата на градот низ различни карактери/чинители кои влијаат на тоа во каков град живееме. Беше предизвик да се влезе во улога на урбанист, инвеститор и да се види градот од нивна гледна точка. Да се направи паралела помеѓу јавниот и приватниот интерес, но и да бидам јас тоа што сум – и актер и активист во едно. Сето ова е испреплетено со документаристички снимен материјал од Скопје и архивски снимки од градот, кои визуелно ја надополнија сликата за тоа какво било Скопје и колку е сменето денес.
— —
Целосната содржина на настанот е во три точки: ☆ проекција на интерактивен документарен филм, ☆ работилница на тема: „Што преставува ГУП и зошто е важен? Инволвирање на граѓаните и интеракција за нови идеи и предлози во насока на планирање на градот“. ☆ дискусија на тема: „Нов ГУП; нова можност за Скопје?“
— —
ДИМКОВСКА: Можам да кажам дека овој експериментален проект на поинаков начин зборува за градот и преку работилницата која продолжува по перформансот навистина се охрабрува публиката да даде свој став, да дискутира, размислува и да преземе акција во иднина. Затоа што градот е на сите нас и сите имаме визија во каков град сакаме да живееме, а ако не реагираме во клучни моменти како сега, во наредните 10 години ќе ги живееме последиците од нашата неинформираност и неактивност како граѓани.
Токму поради оваа неактивност и неинформираност, поради која и самите си страдаме во градот во кој живееме, ќе се надоврзе и Стефани Караџовска, активна на проектот и студентка на Академијата за визуелни уметности, при Школата за дизајн и уметност - Скала.
КАРАЏОВСКА: Знаеме дека пасивноста е насекаде околу нас. За да направиме нешто, потребна е акција, а оние кои се проактивни, заслужуваат поддршка!
Во проектот е и архитектката Јана Брсакоска, која пак како дел од организацијата „Ситископ -Скопје“, вели дека од исклучителна важност е да се запознаеме како граѓани со планирањето на градот и урбанистичките планови, затоа што тоа го одредува нашиот културен развој и просторот во кој живееме. За проектот, таа ни даде вовед што значи Скопје од архитектонска гледна точка.
БРСАКОСКА: Скопје има богата историја во однос на неговиот урбан развој. Развојот е особено поттикнат и планиран во почетокот на 20 век, односно од 1914 година со планот на Димитрије Леко и во 1929 година со планот на Јосиф Михајловиќ. И двата плана го развиваат градот во постојните граници, концентрирајќи се на оската север југ, со проширувања кон северозапад, југ и југоисток. Со генералнниот регулационен план на Лујдек Кубеш во 1948, се забележуваат и поголеми промени во развојот на градот и отстапување од радијалниот развој, со проширувања во правец на оската исток-запад. Се разбира дека најголема пресвртница се случува со катастрофалниот земјотрес во 1963 година, каде најзначајна мерка е изготвувањето на Основен урбанистички план во 1964 година, како и изработката на Регионалниот план на РМ во 1965 година, со кој се одредува значењето на Скопје во еден поширок контекст вклучувајќи ја целата Република.
Основниот урбанистички план ја продолжува и зајакнува идејата за развој на градот во оската исток-запад, кој се насочува на зонски развој со јасно определени поедини функции. Следна поголема пресвртница во планирањето на Скопје, се случува со проектот Скопје 2014, каде голем дел од урбанистичкото планирање се прилагодува на политичките и приватните интереси. Ова е период во кој низа нови урбанистички решенија се поставени на хартија и во многу краток период се направени измени, дополнувања и прилагодувања во урбанистичките планови на повеќе нивоа.
ГОЛЕЈШКА: Зошто е важно да знаеме што значи Генералниот урбанистички план како граѓани на Скопје?
БРСАКОСКА: Генералниот урбанистички плане од исклучителна важност во процесот на планирање и оформување на градот и истиот треба да придонесе кон хумани услови за живот и рационално уредување и користење на просторот. Скопје како најразвиен град во Македонија е во позиција на нерамномерна конкуренција со останатите градови, а тоа не го исклучува фактот за проблемите кои континуирано настануваат и се повеќе придонесуваат кон неговата неодржливост во сите аспекти. Затоа треба многу внимателно да се планира неговиот иден развој, кој се дефинира токму со овој план.
Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ го реализира Меѓународно здружение на граѓани Културно Ехо-Скопје во соработка со здружението Ситископ - Скопје во рамки на проектот „Места на дарежливост - трансформативни станици“ на КСП Центар Јадро, со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество - Македонија.
Дечки, со среќа во среда и нека биде плодна дискусијата, оти има за што да се дискутира!
________
Фотографија / Концепт и обработка [насловна]: Дејан Џолев
Сет асистент: Андријана Антова + Давид Пројковски + Стефани Караџоска + Ана В’чкова
Пост-продукциски асистент: Антонио Станков
Техничка логистика: Ангела Николовска + Бојана Стоилковска + Крсто Златков