• Немате производи во кошничката.
скала магазин школа за дизајн

По 520 години, Јероним Бош повторно во Скопје!

ЕДНАШ МЕСЕЧНО, ОДИМЕ НА ГОСТИ И СПОДЕЛУВАМЕ ИМПРЕСИИ ОД ЛОКАЛНИ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ ИЛИ ЕДУКАТИВНИ НАСТАНИ.

Неодамна бевме дел од практично предавање за популарниот холандски ренесансен сликар Јеронимус Бош (Hieronymus Bosch) во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, предводено од Anne-Marie Slegers (Ан Мари) учител по уметност (инспиратор, авантурист, конектор, создавач) во Yuverta – еден од најголемите едукативни, тренинг-центри во Европа, лоциран во Холандија.

Сѐ започна вака! 

Добивам нотификација на телефон од скорешен контакт, Ан Мари доаѓа во Скопје. ПАК! Инаку, Ан Мари е една прекрасна личност која ја запознав неодамна. Во Скопје доаѓа вторпат во краток рок. Наводно, Скопје ѝ оставило интригирачки впечаток, но овојпат, дојдена на мисија да го предаде знаењето за еден чуден, но интересен уметник.

Ми сподели дека е возбудена што ќе има можност да работи  со ученици – средношколци, бидејќи е нешто со коешто првпат се соочува, за разлика од возраста на учениците „дома“. 

Директорот Димитар Филиповски ѝ направи содржајна прошетка низ училиштето и накратко ја запозна Ан Мари со целата историја којашто стои зад него и успесите на самото училиште.

Лазар Личеноски е училиште чијашто намена е да образува идни уметници. Една од причините зошто оваа импресија има и личен тон е што средното уметничко е училиште каде што јас го започнав мојот едукативен процес за и со уметноста. 



Всушност, „Лазар Личеноски“ е единствено средно училиште во нашата држава коешто нуди специјализирани студии за уметност и применета уметност. Има огромен избор на катедри/смерови, од традиционалните, како графика, сликарство, вајарство, па сѐ до помодерни смерови од типот на моден дизајн, ентериер и мебел и мултимедија. 

За мене лично, ова беше и една отскочна штица кон светот на уметноста и една од причините зошто продолжив да сум дел од уметноста и уметничкиот свет. Амбиентот во училиштето е прекрасен, слободен, креативен, смирувачки. 

Додека чекавме учениците да ја исполнат галеријата, Ан Мари накратко ми сподели дека нешто што најмногу „мрази“, односно нешто во коешто не гледа поента се класични работилници. Во тој контекст, таа моментално ги следи педагошките мастер студии на Универзитетот Fontys Academy of the Arts и токму ова предавање е дел од нејзиното наставно истражување.



Галеријата брзо се наполни со љубопитни ученици. Работилницата започна! Се тргнав на страна и влегов во улогата на набљудувач. Ан Мари, за да го „скрши мразот“, им постави прашања на учениците од типот: Како запознаваат и како им приоѓаат на луѓе кои првпат ги гледаат? Навидум срамежливи, учениците одеднаш се опуштија и се разви длабока дискусија околу локациите и начините на запознавање. Се споделуваа анегдоти, интересни и некои непријатни ситуации. 

Кога веќе се стиши ситуацијата и дискусијата полека згаснуваше, Ан Мари ја започна нејзината приказна за Јеронимус Бош со фокус на ремек-делото “The Garden of Earthly Delights” (Градината на земните задоволства), создаван околу 1490 до 1510 година којшто всушност е еден голем триптих којшто раскажува за постоењето на човештвото од самото создавање (во едемската градина) и по неа.  



Делото ја покажува неспоредливата способност на Бош да го спои надреалното со длабока симболика. Во левиот панел се расплетува рајски Едем, преполн со бујни пејзажи и изобилен див свет, прикажувајќи ја невиноста на прелапсарското постоење. Централниот панел, визуелна какофонија на фантастични суштества и сложени детали, ги доловува хедонистичките ексцеси и моралните нејаснотии на човечкото искуство. Прецизните четкички на Бош и живописната палета на бои го вовлекуваат гледачот во хипнотизирачки лавиринт од симболични наративи при што секој елемент придонесува за повеќеслојниот коментар за гревот, искушението и спасението. „Градината на земните задоволства“ останува енигматично ремек-дело коешто ги поканува историчарите на уметност и ентузијастите да ги откријат нејзините алегориски сложености и да размислуваат за трајните мистерии вградени во визионерската композиција на Бош.

Неговите слики генерално се исполнети со чудни монструозни карактери, риби кои летаат и чудовишта од фантазија, што се покажа како навистина интересна тема кај учениците. 

Бош се карактеризира со своите надреални и фантастични слики, често прикажувајќи кошмарни сцени надополнети со религиозна симболика. 

Уметноста на Бош се појавува во период на длабоки општествени и религиозни промени, обележани со транзицијата од средновековната во раната модерна ера. Овој период, познат и како ранофламански период, е сведок на обновен интерес за класично учење, хуманизам и промена кон понатуралистички претстави во уметноста. 

Придонесот на Бош во ренесансата претставува уникатен спој на уметничка иновација и религиозен жар, создавајќи дел од дела којшто продолжува да ја плени и збунува публиката векови подоцна. 

По инспиративното предавање, следуваше практичниот дел – оној цртачкиот којшто сите го обожуваме. Ан Мари им даде насоки на учениците, но не и правила. Беше дозволено сѐ, сѐ додека е аватар кој ги претставува самите ученици.

Интерпретацијата беше препуштена на нивната имагинација. Им поделивме материјали за работа – листови, моливи и по некоја боичка и сите почнаа да цртаат со полна пареа. Делата имаа цел и требаше да бидат инспирација од делата коишто ги погледаа дотогаш. Секој си избра смртоносен грев со којшто се поистоветува. Моливите беа гласни, а резултатите воодушевувачки. На почеток како тивки слушачи, во моментот кога дојде креативниот дел и светлата се запалија, сите влегоа во својата „зона“. Сите активно цртаа, но и дискутираа еден меѓу друг околу она коешто го виделе и дали она коешто го цртаат, е тоа што се бара.



На крајот, учениците ги постелија делата на подот, ги разгледуваа и анализираа. Беа горди со себеси на резултатот којшто произлезе во еден толку краток период. Од апстракција до фигурација, на подот имаше голем спектар на избор меѓу стиловите и уникатноста на учениците. 

Инспирирани од оваа работилница и ние Скалаџии отидовме во нашето студио и реконтекстуализиравме 4 сцени од „Градината на земните задоволства“ во чест на Бош и прекрасното попладне со Ан Мари. 


скала магазин школа за дизајн


_____
Пишува: Милена Петковска

ФОТОГРАФИJA:
Арт директор: Дејан Џолев;
Фотограф: Ана В'чкова; 
Постпродукција: Дејан Џолев; 
Асистенти: Андријана Антова, Немања Пејиќ;
Модели: Мила Гроздановска, Мона Паскалова, Давид Пачемски. <3

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ