ИМПРЕСИИ // ЗЕМЈОТРЕС 11!
7.26k
„Видете нѐ колку нѐ има“ – уште еднаш се покажа колку и зошто е важен МКЦ
Стигнуваш пред МКЦ. Луѓе, гужва... Застануваш во ред за влез. Печат. Ја полниш картицата. Гужва пред шанк. Тројца шанкери турбо работат. Земаш пиво. Одиш во денсинг. Гужва во денсинг. Сите во МКЦ. Сите за МКЦ. На почетокот на месецов, во Младинскиот културен центар се одржа единаесеттото издание на „Земјотрес“, фестивалот на свежа, домашна и независна музика каде што настапија триесетина артисти, бендови и независни музичари. Фестивалот е првиот настан којшто се одржува во МКЦ по превирањата околу буџетот и директорската позиција, а тоа за младите уметници и активисти беше прилика одвнатре да покажат колку е важен и зошто е важен Младинскиот културен центар.
Со пораки „Ова е нашето МКЦ“, „Земјотрес за МКЦ“, „МКЦ е нашиот дом, вчера, денес и утре“ и врвот на вечерта, платното пуштено во публика од страна на неформалното здружение „Сите за МКЦ“ со натпис „Видете нѐ колку нѐ има! Сите за МКЦ!“, додека Дина Јашари ја пееше адаптираната верзија на „Дома“ со носечкиот стих „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“, продолжува борбата да се зачува единствената јавна институција и една од ретките места во оваа држава којашто со својата работа придонесува во развојот и зачувувањето на независната, алтернативна и младинска музичка, книжевна, ликовна, уметничка сцена. Платното со пораката беше оставена во холот до крајот на вечерта како потсетување на властите дека МКЦ мора да продолжи да работи како што работи и досега. Па како и за „Здраво млади“, така и за „Земјотрес“, нашите фотографи го исфоткаа целиот фестивал и сите можни сцени, а „Парк шема“ oбјавија и видео-импресии, јас ќе се задржам на оние коишто ми оставија најголем впечаток... * Подолу линк од подкастот.
Дина Јашари
Занаду - уживање, сонување, бегање
Пред крајот на минатата година, младинскиот бенд „Занаду“ го издаде своето првенче „Соништа“, албум со којшто ни порачува да сонуваме, да уживаме, дека никогаш не е доцна за будење. Бендот во состав на Карло Јованоски (гитара, вокал, текст), Марко Атанасов (гитара), Андреј Крстевски (бас) и Иван Богдановски (бубњеви) нудат вистинско денс-искуство, поетски текстови коишто се реткост и одличен вокал. Како за крај, на програмата на сцената во Бифето Фросина, одлична музика за манично-пијаната ноќ пред да заминеш на техно! Повторно ги слушавме на 11 февруари во „Буква“, растурија!
Димиш
КЕМ - навидум чуден, но супер пријатен спој
Иако првпат кога ги чув, спојот на пријатниот вокал со тој гребав рап ми беше чуден микс, сепак на настапот во МКЦ, „КЕМ“ се потврдија како супер пријатна синтеза со интересна играрија и на музика и на текст и со особено добра атмосфера во публика. Новата песна „Завист“ којашто ја објавија непосредно пред настапот на „Земјотрес“, е одличен развој на нивното дело од тоа што го имаат објавено досега.
★ Ние сме SKALA School 10 Години // Академии и обуки за дизајн, уметност и технологија [прочитај повеќе]
★
Foolish Green
Иии дефинитивно најдобра журка од бендовите на кои бев на „Земјотрес“ направија “Foolish Green’’ со живиот и динамичен настап кој мина од крајно смирени медитативни моменти до интензивните и најјаки шутки. Прекрасно, немам што да додадам!
Bon Praskiza
Dope Kukjata
++ На сцените во МКЦ, продефилираа мноштво артисти, дел од нив со нивниот прв настап, а дел веќе етаблирани артисти, познати за публиката - па имаше и пеење и играње и шутки и седенки на платото, како духот да се враќа, духот којшто не беше ни одземен, само одново и одново се потврдува. Па на главната бина во денсинг-салата можеа да се чујат „Педро хоризонта“, Димиш, „Вел“, “Foolish Green’’, Дина Јашари со нејзините другари, Bon Praskiza, Dope Kukjata и Peach Vise. На сцената во Бифето Фросина, пак, настапија „Преку ред“, „Дивоградба“, Миа Перевска, “Mahimus Vandal’’, “AudioCigla’’, „КЕМ“, „Red 18“, „Vagina Corporation“ и „Занаду“. Вечерта заврши на техно-стејџот во Клуб МКЦ. Поздрав МКЦ, треси ја сцената уште долго!
________
Пишува: Андреј Медиќ Лазаревски
Фотографии:
Дејан Џолев: насловна + 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 10, 11, 13, 14, 15, 17, 18, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27, 34.
Јована Цинцароска: 28, 29, 30, 31, 32, 33.
Стефан Трпески: 12, 16.