ГРАД, АРХИТЕКТУРА, ОПШТЕСТВО – ПРЕКУ ПРИЗМАТА НА СКЕЈТБОРДИНГОТ [0.10] error of harmony
2.48k
Кога игралиштата за деца се направени пребезбедни, децата или прекинуваат да ги користат или ги користат на нови (не толку безбедни) начини. На младите им требаат игралишта доволно „опасни“, како би останале предизвик. Луѓето/децата не сакаат да го стават ризикот на минимум, туку напротив, го оптимизираат. Тие се движат, интересираат, учат, пробуваат, со цел да го постигнат тоа што го посакуваат, но исто така и се мотивираат да направат повеќе, а со самото тоа и се доразвиваат. Па така, кога нештата се пребезбедни, луѓето наоѓаат начини како да ги направат попредизвикувачки. Дури и луѓето на кои животот не им приредува опасни ситуации, избираат да живеат живот со ризик. Со тоа, на некој начин, го потврдуваме нашето постоење и се учиме да се снаоѓаме и соочуваме со хаосот, што ни помага да се развиваме понатаму. Луѓето имаат некоја потреба од ризични моменти и уживаат во „опасни“ ситуации.
Исто така, некои од луѓето наоѓаат интереси на места коишто за другите луѓе се воопшто непривлечни. „Liminal Spaces“ се оние чудни, атмосферски и понекогаш морничави места коишто изгледаат како да се влез во друг свет. Зборот „liminal“ може да се опише како „праг којшто е едвај воочлив“. Оние делови од градот покрај коишто со години проаѓаме, а никогаш не ги забележуваме. Поголеми или помали простори во градот коишто имаат потенцијал да заживеат или веќе се користат од некоја група граѓани со поинаков контекст од првичниот. Слободата на формата води до „превласт“ на чистото чувство или перцепција на просторот.
Градот. Детали. Скејтбординг.
„[0.10] error of harmony“ доаѓа од моментот на потреба од „грешка во системот“ којшто ни е наметнат. Бојкот против сите нелогични правила и начини на функционирање на оние кои го прават светот да се поклонува пред пари, грешни морали и социјални вредности. Error / Glitch во испраните мозоци од политика, религија и consumerisam. Потребата за слободен израз и чиста мисла; индивидуалност и различност. Скејтерот, по самата своја природа е бунтовен и се стреми да ги сруши сите тие норми и нелогични правила. Името исто така, асоцира и на начинот на којшто скејтерот се движи по улиците и просторите на градот, тотално различно, хаотично и никогаш двапати исто за разлика од другите луѓе, но сепак на крај сето тоа создава една поинаква перфекција и хармонија од целиот тој хаос на насока, правец, брзина, енергија итн. Без грешка, не е можен напредок. Инспирација наоѓам во уметноста, архитектурата, општествените промени коишто побрзо се случуваат, светските настани, напредокот на технологијата, како и сѐ она што човекот го создава и прави „во своја корист“, а подоцна се покажува дека има обратен ефект.
Скејтбордингот е коренот на error. Скејтбордингот претставува начин на реоформување на светот околу нас. Потребата од имање домашна скејт-приказна преточена во филм, фотографија, инсталација, архитектура, мода... Поддршка на домашната ск8-сцена и млади таленти.
Игра со медиуми.
Конекција со градот преку желбата да се најдат нови можности за интерпретација, замислување и доживување на архитектурата и просторите во градот. Преку актот на скејтбордингот, градот се реконципира како аморфен простор во постојана транзиција, простор за проток на идеи, настани и активности.
Мојата перцепција за архитектура препознава простори за производство и репродукција. Просторот не е ниту стабилен, ниту фиксиран, туку е конструиран од дискурсите и практиките на општествениот живот. Архитектурата треба да се разбере надвор од концептот на изграден простор и преку практиката на скејтбординг, архитектурата може да се дефинира нашироко како алатки, искуства, мапирања, композициски процеси и општествени односи коишто се однесуваат на просторот.
Архитектонската критика традиционално се пренесува преку пишување. Сепак, скејтбордингот е исто така форма на критика за архитектурата којашто е сосема различна од пишувањето, цртањето и теоретизирањето. Во партиципативното движење на телото на скејтбордерот низ урбаниот простор лежи главната критика на градот. Повторувањето во движењата и траекторијата на скејтбордот и физичката интеракција со архитектурата, всушност укажуваат на длабоко разбирање на тие конкретни предмети коишто архитектот не би можел точно да ги опише. Скејтбордингот, на некој начин, претставува подобрено разбирање на просторното значење. Скејтбордингот ја анализира архитектурата, не за историска, симболична или авторска содржина, но за тоа како површините се претставуваат и употребуваат. Архитектите можат да учат од начинот на којшто функционира скејтбордингот, што сугерира дека архитектите можат да произведат различни нешта, т.е да ја истражуваат зградата, не како производ, туку како производство на емоции, акции, труд и игра. Кога се анализира движењето на скејтерот, доаѓаме до заклучок дека актот ја истражува потребата да се разберат зградите надвор од нивното визуелно вреднување и пишување. Скејтбордингот ја открива потребата да се претстави радоста и доживувањето на просторот преку учество во истиот. Архитектите честопати се фокусираат на проектирање на објектот наспроти создавање/проектирање на искуство и затоа не успеваат вистински да го разберат начинот на којшто просторот може да биде перцепиран и присвоен од различните корисници на градот. Скејтбордингот има силна конекција и длабоко разбирање за архитектурата, без разлика колку тоа може да биде неконвенционално или субверзивно. На крајот на краиштата, скејтбордингот помага да се преиспитаат многубројните можности на архитектурата. Преку движењето на скејтбордерот низ урбаниот простор и во неговата директна интеракција со градот, скејтбордингот ја формира својата критика кон архитектурата. Кога вредностите на скејтбордингот се применуваат во архитектурата, архитектите мора да ги преиспитаат конвенционалните концепции за просторот, вредностите на искуството, поимите за контрола, идеалите за слобода и придонесот на архитектурата во корпоративните структури.
________________________________
АВТОР: Илија Стефановски
ИЛУСТРАЦИЈА: Андреј Павлов