НА СКАЛИЧКИ СО ДУШАН СТЕФАНОВСКИ
Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.
Душан Стефановски е дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, но исто така и активен сликар. Неговото деби се случува со неговата прва самостојна изложба „Потиснат потенцијал“, каде што, Душан вели: „Делата се експеримент со кој што истражувам начин на создавање на слики, кој не е практикуван толку често, со цел да биде нешто ново и влијателно во светот на локалната уметност“.
Денес, седнуваме со него на Скалички кај Бели зад Веро Тафталиџе и разговараме за неговите дела, уметноста во Македонија и во светот.
За делата…
Моите знаења се моја конкретна позадина и тие се создавачи на мојот ликовен јазик.
Моето минато со спрејот, како главен алат ми донесе нешто уникатно со коешто можам да експериментирам.
Графиката од друга страна, којашто е еднакво техника колку и ликовност, ми даде влијание врз разбирањето на една композиција и сигурност дека ќе ја направам вистинската одлука, бидејќи во апстрактни композиции од толку потенцијални решенија…на тебе паѓа тежината да го пронајдеш естетски најсупериорното. Во графиката ако згрешите во процесот (кој е долг и честопати комплициран) нема назад и отпаѓа целиот труд вложен во едно дело. Во дел од сликите ја користам моќта на шансата како алат, непредвидливиот начин на тоа како еден бренд на спреј со свои хемиски состојки ќе реагира со друг. Можеби потсвесно графиката ме поттикнала да експериментирам со хемиските состојки во автолакот.
За изложбата…
Има причина зошто изложбата се викаше „Потиснат потенцијал“, бидејќи, јас, отсекогаш сум го имал потенцијалот да создавам, но низ годините, поради преразлични причини го немав исполнето тој потенцијал. Кога завршив со факултетот и можев целосно да се посветам на она што конкретно јас сакам да го работам, а тоа ме поттикна пак да навлезам сосема мотивирано во светот на уметноста и да почнам да создавам. Самиот тој факт ме инспирира јас лично да се истражам за што можам да творам, користејќи го апстрактното. Исто така, се однесува на потиснатиот потенцијал на графити како фина уметност дури и на потенцијалот на самите штици кои ги имам најдено како ѓубре фрлени на улица.
Што се однесува до организацијата, имав многу голема помош од моите колеги на кои им сум многу благодарен и ми е многу мило што ние како генерација веќе почнуваме да влегуваме во светот на уметноста.
За нови правци во уметноста…
Според мене живееме во време кога многу цртачи на графити низ светот ја доживуваат природната транзиција од фигуративна во апстрактна и се истражуваат нови граници во овој начин на творење, иако некои сè уште сметаат дека тое само суб-култура, а не оформен ликовен правец кој постојано се менува и истражува нови „води“. Графитите како дисциплина се разликуваат од класичното сфаќање на композицијата и нудат привидно разбирање на боите.
Дознавајќи за овој подправец што го практикуваат дури и најгоемите активни имиња во графитите како Revok и како Tilt, но воедно и млади цртачи кои почнале да творат во време каде што графити има повеќе правци како што се: анти-стил, пост-графити, пост-вандализам, мурал-уметност и други, тоа ме охрабри во она коешто јас го правам и ми укажа дека создавам нешто посовремено.
Со оваа изложба сакав да ѝ истакнам на локалната публика дека графитната уметност сè уште еволуира како уметност.
За инспирацијата…
Од постарите уметници кои веќе имале влијание врз светот на уметноста, најголема инспирација имам исцрпено од Ханс Хартунг (Hans Hartung), Пјер Солаж (Pierre Soulages), Франц Клајн (Franz Kline), Жан Мишел Баскијат (Jean Michel Basquiat), Ото Пине (Otto Piene), исто така и од Џон Балдесари (John Baldessari) и Алберто Бури (Alberto Burri). Од нив имам примено најмногу знаење и ми оставиле најголем одраз врз мојот ликовен јазик. Но, од посовремени уметници коишто се поблиску поврзани конкретно со тоа јас што го работам, би рекол дека Давид фон Бар (David Von Bahr), еден млад уметник од Стокхолм има влијание врз мене. Исто така, и Мајк Балард (Mike Ballard) од Лондон и Стивен Бeрк (Stephen Burke) од Даблин. Тие се три уметници кои се бават со слични нешта како мене и имаат големо значење за мене.
За искуствата…
Секое ново искуство и секој нов експеримент кои ги имам со: боја, форма, композиција ми помага да го усовршам она кон што целам.
Кога истржувам не толку типични начини на креирање една слика, секое ново откритие за творештвото поврзано со мојот медиум е добро искуство и ме инспирира. Претходно го напоменав Џон Балдесари (John Baldessari). Тој има наведено три совети за млади уметници кои мене ми се многу значајни.
Тие се:
1. Талентoт е евтин.
2. Ако правиш нешто кое не прави никого лут или среќен, тогаш не правиш ништо посебно.
3. Треба да бидеш на вистинското место во вистинското време.
Важни ми се советите од моите драги колеги и пријатели уметници. Со нив имаме поминато многу вечери полни со алкохол и со цигари и со муабети стриктно само за уметност по цели вечери и благодарение на таквите вечери, ми станале јасни многу работи што ќе ми требало многу подолго време сам да си ги разјаснам.
За уметноста…
Уметноста е нешто кое е најуниверзален јазик за да пренесеш една идеја или едно чувство, пред сѐ. Ако е добар концепт и ако е добро изведен, кој и да си, каде и да се наоѓаш во светот, ќе го разбереш или пак ќе го почувствуваш тоа што го гледаш пред себе. Многу дела можат да бидат и критичари за времето во коешто се направени и можат да поттикнат човек да се соочи со некои реалности коишто секојдневно ги избегнува или ги потиснува.
Некогаш голема, некогаш суптилна, но уметноста секогаш има улога во светот, отсекогаш имала и засекогаш ќе има.










____
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Фотографии од портфолио: Душан Стефановски