• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО СТЕФАН ТАНКОВ


ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД УМЕТНИК ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.


Стефан Танков е студент на магистерски студии по архитектура на УКИМ и свежо дипломиран Графички дизајнер на академијата при школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. На страна од преокупацијата со формалното образование, ентузијаст во трите аспекти на графичкиот дизајн – илустрација, фотографија и типографија; со истражување на геометријата и просторните композиции како главен мотив во двете сфери.



За архитектурата…


Љубовта кон архитектурата е присутна уште од првичниот интерес за визуелната уметност – веројатно бидејќи ја сметам за нејзино најимпресивно ниво. Инспирацијата при творење архитектура, во последните пет години, ја црпам од најразни медиуми, од референтни архитектонски проекти за коишто мислам дека се успешни до секое она нешто коешто ненадејно знае да инспирира идеја, како природата или изградениот контекст, приказната којашто е зад проектот, човековите релации, а некогаш и процесот на распределба на програмата којашто треба да се вдоми, знае да биде инспиративен во однос на просторната конфигурација. Најсреќен во овој творечки процес ме прави истото она како во секој друг вид на творба – резултатот во вид на проект, направен суштински којшто несомнено си повлекува едно прекрасно задоволство.



За дизајн…


Графичкиот дизајн и архитектурата се многу сродни, а како одвоени области отсекогаш си влијаеле меѓусебно. Многу архитекти наоѓаат инспирација во графички дела на коишто ги темелат своите проекти, а тренингот на просторно согледување којшто го поминуваме учејќи архитектура е многу корисен во цртање дури и наједноставно типографско графичко решение – развиено е окото во однос на композиција. Во дизајнот, инспирацијата ја црпам токму од композициите, каде што мислам и дека тера дизајнот денес, во овој пик на негово „прочистување“. Техника којашто најмногу ја употребувам, не би можел да издвојам, а моментално интересот ми е во изучување на motion graphics, различните начини на пeчат како сито или рисо, па можеби дури и creative coding.



За академијата за графички дизајн…


За академијата знаев доста време пред да одлучам да се запишам, но моментот во формалното образование, кога помислив дека интересите коишто целам да ги развивам во архитектонското образование, би можел да ги истражам и преку графичкиот дизајн, се пријавив за интервју. На идните студенти би им препорачал секојдневно да следат дизајн, архитектура, сликарство, што е клучен дел во штимање на окото за изработка на добар дизајн, што резултира со дизајнирање со мерак. Мојата посветеност на академијата, се темели токму на меракот и личното задоволство коешто произлегува со секој завршен проект, а вредноста на академијата зависи од посветеноста којашто ќе ја вложат студентите во оваа година. 



За студентските проекти…


Со интереси, сѐ од фотографија и филм, до илустрација и симбол-дизајн, тешко е да се одреди омилен проект од академијата, но би ја издвоил изработката на филмски постер по предметот илустрација кај Зоран Кардула. Низ овие постери, не само што го совладав софтверскиот дел до фаза на солидна самодоверба во работата со програмот, туку и се запознав со убавината и задоволството коешто произлегува од илустрацијата. Изработив три постери низ кои пробував различни техники и секогаш ќе ги помнам како клучната почетна точка во мојата работа со графичкиот дизајн.



За BookStar…


Последниот проект којшто го работев со огромно задоволство е визуелниот идентитет на овогодинешното издание на BookStar, фестивалот на европска литература на Антолог. Темата оваа година беше генеза на жанрови, првично лутајќи низ неколку строго типографски решенија, заклучивме на оваа „визуелна поема“, во којашто од првиот стих – литературата, се генерираат трите подгрупи – поезија, проза и драма, па сѐ до деветте поджанрови коишто постојат денес. Она што ми причини најголемо задоволство во оваа работа е што ја доживеав како пракса по layout design, првично со композицијата на самиот плакат којашто доживеа десеттина промени, па сѐ до приспособување на истиот на различни формати и со различни попратни содржини. Секако и работата со луѓе со кои комуникацијата оди многу лесно е секогаш голем плус 😊



 За иднината…


Немам појма 😊 Сè уште студирам архитектура, а со графичкиот дизајн сме уште на меден месец, па моментално се наоѓам на една раскрсница во однос на професионалното/ креативното усмерување. Попратно запознавам многу инспиративни луѓе кои паралелно се бават со различни области и сосема неповрзани со нивното формално образование и дури во своите четириесетти години, се посветени на истражување на нови интереси, техники, области. Сѐ што можам да кажам е дека сум благодарен на својот светоглед и љубопитноста којашто произлегува од него – ќе учам дур ми се учи!







ФИЛМ ПОСТЕР










_____
Фотографија [насловна]: Христијан Богоевски


Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ