• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ДАМЈАН РИСТЕВСКИ


Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од првата Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.


Со Дамјан Ристевски седнавме „на скалички“ во неговото атеље, со цел да поразговараме за неговото творештво. 

Тој е скулптор кој работи со метал, а својата пасија ја наоѓа и во изработка на мебел.

Средно образование завршува во средното уметничко училиште, на Отсекот за графика и скулптура, за подоцна да продолжи на Факултетот за ликовни уметности, на Kадедрата за вајарство, во класата на проф. Жарко Башевски. Во краток временски период од неговото образование, работи и во ателјето на Владо Костов, каде што имал шанса да се запознае со металот како ликовен медиум, што било провокација за неговото понатамошно активно творештво.



 За изложбата и „Преродување“…


Кога дознав за изложбата, тоа ми беше една мотивација да направам ново дело. Инспирацијата за делата најчесто се мои лични ставови, размислувања и моментални емоции коишто сакам да ги пренесам во самите дела со коишто би им дал еден препознатлив карактер.



Дали се соголуваш кога твориш?


Дали се соголувам кога творам? Само кога размислувам и се обидувам да го замислам делото. Прво се обидувам конкретно да го оформам во мислите, а подоцна и технички да го изведам истото. Не би рекол дека во техничкиот дел (којшто ме исполнува на еден посебен начин) има простор за соголување или слобода. Според мене, самата изведба на делото бара одредена техничка способност, искуство и учење од старите грешки, просто рацете да го оформат материјалот да говори, да се осети слободата на рачната изработка, но и да не се ужива премногу во таа слобода.



За минатото… 


Имам учествувано на повеќе групни изложби и проекти, две години по ред ја добивав наградата „Млади уметници”, а како најпозитивно искуство би го напоменал дипломскиот труд. Бев решен да дипломирам со големо дело, коешто воедно би било и прво мое дело во метал. Но, настрана од волјата за работа, не размислив дека можеби не сум финансиски способен да финансирам едно такво дело и така заглавив на половина пат… сѐ додека не се појави Влатко Милев-Циги и реши финансиски да ми помогне да го завршам делото како и да ме оспособи со посоодветен алат за изведба на самата скулптура. Овој гест ми даде еден достоен старт за, веднаш по факултетот, да продолжам да се занимавам со уметност и скулптура.



За иднината…


Имам уште толку многу идеи и планови коишто се надевам дека ќе ги реализирам во иднина, но сепак само што започнувам и сум нов во целава работа. Имам изработено само неколку дела и имам уште многу за учење и истражување на варијациите на материјалот и алатот коишто ги нудат, а воедно и самата креативност со нив.















_____
Фотографија [насловна]: Марко Вилиќ


Спонтана и позитивна, Александра е нишка измеѓу уметничките гледишта и реалниот свет. Приземјена, а истовремено и темпераментен сонувач... перфекционист по природа, магистер архитект по професија. Креативноста и логиката главно ги изразува преку вебдизајн, а слободното време го поминува во кулинарски експреименти и одгледувајќи растенија. Обожава филозофирање, дискусии и зборување за убавото.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ