• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО МАРТИНА ПЕНЕВА


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност. 

Можеби е наш личен впечаток, но студентите од Архитектонскиот факултет отсекогаш биле најактивните  [и највпечатливи] артисти на сцената. Присутни се во сите медиуми. Архитекти-филмаџии, архитекти-сликари, архитекти-графити артисти, архитекти-дизајнери, архитекти-фотографи… како што е Мартина Пенева, студент на постдипломски студии на Архитектонски факултет [во Скопје], а воедно е и демонстратор на предметот Архитектонско студио 1 и 2 [оној предмет каде што студентите глават со денови и ноќи].

Мартина неколку години е активен фотограф, во последно време поголемо внимание посветува и на аналогната фотографија, „ми буди интерес поради нејзината интимност и искреност“ – ни додаде таа. Денес со неа се сретнавме на популарните скалички од влезот на Архитектонскиот факултет и зборувавме за нејзината последна серија од фото-проектот во процес – АПОРИА.

 

 

 

 

За делото… 

 

Темата е помеѓу работ на реалното и нереалното, т.е. фантазијата, сонот, мислите, бесконечното толкување на нештата. Секој од нас, како индивидуа ги гледа различно нештата, затоа не можам да кажам што точно значи фотографијата, бидејќи некој друг ја гледа поинаку. Мојата субјективна идеја позади проектот, којашто не сакам да биде наметлива е еден вид на сурреален приказ на женското тело, коешто само по себе е преполно со фантазии и толкувања и воедно е прекрасно како такво, без разлика на сите промени што ќе му бидат нанесени, додадени и одземени квалитети, додавање преку одземање, разни облици и бесконечно недостижни детали, поетско-ирационално прикажани. Особено, акцентирајќи ги испрекршените форми коишто за мене прават геометриски релации со архитектурата.

 

За насловот… 

 

“Апориа“ – алудира на судир помеѓу реалното и неизвесното. Или, надворешното како скулптурално и внатрешното како духовно. Сценографија и структура. Нешто недостасува, но без него можеме да ја препознаеме целината којашто некогаш е апстрактна. Вториот симбол на името е малку Сократовски – колку и да го објаснувам концептот, на крај ќе завршам со тоа дека можеби не е точно.

 

За nude фотографијата… 

 

Свеста за њуд-фотографија во нашата земја е можеби на доста ниско ниво, но сепак не можам да кажам дека сосема ја нема. За среќа, сè повеќе се активираме на тоа поле како во фотографијата, така и преку другите медиуми. Културолошката свест отсекогаш била поделена, но сепак не треба да останеме на тоа. Мојот пристап кон њуд-фотографијата е ист како и кон другиот тип на фотографија. Конечно живееме во време кога голото тело треба да е нормална слика за сите. Физичката убавина на човекот е навистина инспиративен мотив за создавање на уметност, особено природната страна, телото со сите негови совршености и несовршености. За мене е секогаш голем предизвик преку фотографија да го пренесам она што го чувствувам. Веројатно, затоа и секогаш работам со женски модели, бидејќи можам полесно да се поврзам и да ги испроектирам идеите како концепти врз нив и да оставам дел од себе врз самата фотографија. 

 

За љубопитноста… 

 

Во последно време почнав да се занимавам малку со илустрација. Тоа произлезе од врската помеѓу архитектурата и фотографијата, некој внатрешен порив да се обидам да прикажам сликовито нешто што го имам во глава, а не може да се фотографира со апарат. 

Друга област што неодамна почнав поактивно да ја истражувам е светлината, како таа се однесува во просторот, нејзини проекции, рефлексии, игра со стакло, проектор, сенки итн. Ова повторно произлегува како од фотографијата, така и од архитектурата. Постојано се среќавам со можните проблеми на решавање на светлина во просторот во кој добива смисла и е негов клучен аспект и со тоа сфаќам колкаво е нејзиното значење. 

 

За минатото… 

 

Чудната убавина во неочекуваното и невообичаеното некако ме натера да го започнам овој проект уште пред две години. По една година, изложив две фотографии од проектот „Апориа на Ин Ситу“- Саемот за уметност во Младинскиот културен центар. Искрено, ме воодушеви реакцијата. Повеќето коментари беа во различни насоки и токму тоа беше она што сакав да го постигнам – да слушнам различни толкувања и да го натерам гледачот активно да учествува во гледањето.

 

За иднината…

 

Моментално работам на проектот. Со секоја следна сесија добивам нови идеи во глава и веќе не знам каде да ги складирам за да останат такви до реализација. Секој модел е инспиративен сам по себе и носи нешто ново, така што и самата идеја зад проектот постојано се трансформира и преминува од една во друга форма. Како и да е, не би знаела каде ќе заврши овој динамичен тек, но сигурна сум дека барем една од желбите ми е да придонесам кон засилување на свеста за њуд-фотографијата во нашата земја. Самото свесно гледање на светот околу нас, овозможува да направиме промена во него.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 






____
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Aсс. на фотографија: Мартина Салова Чешновар

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ