НА СКАЛИЧКИ СО ТЕА КЛИНЧАРОВА
ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД УМЕТНИК ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.
Теа Клинчарова е мајка на 4 годишната Миа, дипломиран филолог на катедрата по Италијански јазик и книжевност и студентка на Академијата за моден дизајн при Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите. Со Теа седнавме на скалички да ни раскаже за нејзините нови колекции и искуството на Fashion Weekend Skopje.
За колекциите …
Колекциите ги работевме со менторот Никола Ефтимов по часовите Вовед во моден дизајн и Модна колекција. Сработивме две колекции, на тема Раскрсница и Дом. Добивавме тема од негова страна и за истата требаше да се направи mood board, да се одбере таргет група, за кого ќе биде наменета колекцијата, потоа да се прави колорна карта, клучни зборови околу колекцијата и откако сите насоки ќе бидат дефинирани се започнува со скици. Почетните скици се дискутираат со менторот, кој елемент или парче се задржува и се развива понатаму во колекцијата, а кое се отстранува. Тоа е на кратко процесот со кој се доаѓа до финалните изгледи на една колекција.
За фешн викенд …
На модниот викенд се претставив со парчиња од колекцијата Дом. Тоа е втората колекција која ја работевме со Ефтимов и за мене посебно драга. Инспирација за колекцијата ми беше домот односно семејството како почетна точка од која секој од нас тргнува и оди понатаму во животот. Ние како држава имаме традиција на ткаење, везење, плетење, која би сакала повеќе да ја негуваме и цениме. Затоа во моделите имав идеја да се искористат етно елементи, кои би можеле успешно да бидат прилагодени на модерни парчиња.
За академијата …
Џолев и уметностите веќе ги знаев како институција и бев запознаена со тоа што го работат. Токму таа 2020 да станам дел од модната академија беше сплет на околности. Дефинитивно од секој ментор добив знаење, бидејќи јас започнав на академијата без никакво претходно знаење и искуство. Имав само силна желба и чувство дека таму припаѓам. Но, сепак би ги издвоила менторите Никола Булески и Никола Ефтимов заради тоа што на нивните часови сметам дека ја добив основата за да се развивам понатаму како дизајнер. Ефтимов ми покажа како идеите да прераснат во парчиња облека и како тоа го правеле големите модни дизајнери во минатото, а Буле направи да се заљубам во процесот на моделирање, кроење и шиење.
За минатото …
Желбата за мода, чувството за естетика и убавина ја имам отсекогаш. Сметам дека со тоа се раѓаме и го добиваме како влијание од нашите родители. Меѓутоа, за жал никогаш претходно не сум работела на тоа да го развивам она што го имам во себе. Едноставно никогаш не беше време за тоа. Сега е време.
За иднината …
Со завршување на академијата и праксата која ми беше дадена, можам да кажам дека во моментов имам основа која треба понатаму да се надградува и развива. Би сакала да работам на развивање колекции, би сакала да работам на стилизирање на парчиња облека, да се надградувам во работење илустрации во дигитална форма и дефинитивно планот ми е да останам во модната и текстилна индустрија и конечно да го работам она, во кое сметам дека најдобро би се прикажала себеси.
_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков + Дејан Џолев
Фотографија [едиторијали]: Марко Вилиќ
Moдели: Бојана Златкова – Подиум // Марија Јовчевска – Моделс Ин.
Шминка: Марија Лазарова // Александра Тодорова
Продукција: Џолев и уметностите // Школа за дизајн и уметност