• Немате производи во кошничката.

РАЗГОЛЕНА НОРМАЛНОСТ


Секое мое размислување на темата на разголувањето, неизбежно ме води кон последниве две години коишто светот ги помина во пандемија и коишто го зададоа последниот удар на онаа навидум уредна и цврста фасада, којашто го држи привидот на нормалност на светската цивилизација. 


Иако за многумина илузиите за колку-толку праведен свет одамна се распрснати, со почетокот на пандемијата на површина уште побрзо и позасилено почнаа да испливуваат различните видови неправди и нееднаквости коишто длабоко го нагризуваат светот. Од бескрупулозната и бесрамна привилегија на „развиените“ земји во глобалната трка по вакцини, преку можноста побогатите да обезбедат медицински третман во скапи странски или приватни болници, до опцијата „интелектуалците и административците“ да работат од дома за да го заштитат здравјето (сопственото и на најблиските), од самиот почеток кризата најсилно ги погоди најнезаштитените во економска и социјална смисла. Светската сиромаштија и „глобалниот југ“, а и ние како дел од него, како и вообичаено, го поднесоа најтешкиот удар.


Колку и да беше немилосрдно, сепак ова соголување барем целосно ги разоткри приоритетите на големите центри на моќ. Во време на пандемија и планета којашто едвај дише и прашање е уште колку долго ќе може да ни ги нуди основните услови за живот, профитот или личните каприци на богаташите и понатаму останаа неприкосновени без оглед на огромната штета што ја причинуваат.


Од друга страна, за време на карантинот, видовме кои се тие „есенцијални професии“ и „суштински услуги“ без коишто овој свет не може да функционира: – храната, образованието, здравствените услуги, санитарните услуги, енергијата, природата, блискоста со другите суштества. Колку поредуцирано и драстично поинакво од она на што повеќето ги губиме скапоцените часови коишто ни се дадени на располагање за време на еден ден или еден живот. 


Тоа полека ме носи и до темата на личното разголување, лупењето на слоевите коишто се наталожуваат во текот на животот, а коишто се неопходни за да можеме полесно да се адаптираме и опстанеме во средината во којашто се наоѓаме. Разголување во смисла на соочување со себе и сопственото условување, нарушеното ментално и (често) физичко здравје, а истовремено и разголување во најбуквалната смисла на зборот, отстранување на облеката, на она што ни дава заштита од временските услови, или пак можност креативно да се изразиме, а истовремено и ни го ограничува и движењето и доживувањето на директното опкружување.  


Според некоја основна логика, разголеноста би требало да е природна состојба. Соголеното тело, па и соголената душа не би требало воопшто да бидат навредливи, тие во суштина се исти и кога се голи и кога се под сите слоеви облека и адаптивни однесувања што сме ги облекле или прифатиле за да опстанеме. Логичен заклучок е дека светот полесно би функционирал кога работите би биле соголени, едноставни, без дополнителни прилагодувања, разубавувања, шминка и фасади – но веројатно човештвото е премногу кревко да ја поднесе бруталната искреност на постоењето без никакви заштитни слоеви. Стравот од разголувањето нѐ втурнал во огромна стигматизација и сексуализација на голото тело, така што честопати и самата помисла на (своја или нечија туѓа) разголеност ни предизвикува силна реакција и асоцијација на нешто забрането, длабоко срамно, а истовремено и посакувано или одбивно. Според безмилосната картезијанска логика којашто во голема мера ги обликува постулатите на современата западна цивилизација, границата меѓу телото и умот е цврста и остра, при што телото е она коешто треба да му биде подредено на умот, контролирано, зауздано, казнето, камшикувано, поразено. Голем дел од религиските догми (грешноста на телото), но и од современите капиталистички доктрини (културата на држење диети и вежбање) се засновани токму на овој пристап на експлоатација и победа над телото што, како и секоја друга тенденција, е видливо и во јазикот: „не потклекна на желбите“, „се предаде на искушението“ (за парче торта, на пр.). 


Ова традиционално поимање е веќе целосно оспорено со новите сознанија во невронауката (кои ни кажуваат дека секое знаење, факт што сме го научиле првично сме го спознале преку некаква емоција), но сепак, опстојува поради неговата силна културна вкоренетост. 


Обидите да се избегне разголувањето на чувствата (и пред другите, но најчесто пред себе) водат кон цел спектар на повеќе или помалку препознаени ментални болести. 


Без разлика на тоа колку пријатно или непријатно се чувствуваме во условната или буквална соголеност – научните, а и практичните, искуствените сознанија се недвосмислени: повременото, па дури и честото соголување, а со тоа неизбежно и соочувањето со себе, е неопходно за раст. Единствената друга опција е стагнација – можеби поудобна, но речиси без исклучок штетна. 





________________________________

АВТОР: Ана Василева
ИЛУСТРАЦИЈА: Андреј Павлов


Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ