• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ЕРТУНЧ САЛИ


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад уметник или студент по дизајн и уметност.


Експериментот за 25-тата слика е зачеток на бесчујната и речиси невидлива манипулација на рекламните гиганти, зачеток на сублиминалните пораки и притаено – катализираниот консумеризам. James Vicary е главниот виновник за ова, односно тој во филм ги вметнува зборовите „Јади пуканки“ и „Пиј кока кола“ во незабележливиот 25 фрејм од филмската лента.  Ертунч Сали не само што ги живее последиците од сѐ што биднало после експериментов, туку и неуморно посочува кон сѐ што немарно купуваме и трупаме под тепих, надевајќи се дека имајќи  подобро и повредно ќе нѐ направи и подобри и повредни луѓе. Сали постига духовен максимализам на платното, ја тишти белината и прави слоеви од приказни, расплеткува чворови од мисли, па од толку материјализирањето на неговите внатрешни монолози, најверојатно ја губи и евентуално презира зависноста од материјалното, наметнатото, апатичното, послушното и безвредното, а делата на Ертунч Сали се секоја слика пред 25-тата, затоа што бараат и заслужуваат да се чуени, видени и зборувани.


За делaтa…


Еден убав разговор со Ивана Мирчевска ме потсети на експериментот за 25-тата слика, кој отсекогаш ми бил најнехуман експеримент, а отпосле сфаќаш дека 25-тата слика е најхуманиот, споредено со другите експерименти во историјата. Твојата забава да биде манипулирана за маркетиншки цели… пффф, колку досадно. По разговорот, експериментот ми остана во главата и после неколку дена постојано истражување на темата, потребниот процес за спремање на изложбата веќе беше започнат. 

25-тата слика најдобро е претставена со 25 дела. Делата се како 25-тата слика: претходно невидени, нечуени и незборени. Една е разликата, а тоа е дека со нивното изложување веќе се откриени и тие нема да бидат заборавени, со цел спречување на манипулацијата. 🙂




За процесот…


Најчесто платното ми е место за игра. Искрено, жал ми е кога ќе видам дека едно платно е потрошено само за маслена техника. Како што сум мислел пред 5 години, денеска сѐ уште верувам дека на платно може да се игра на похардкор начин и со повеќе техники да се реши проблемот со белината на платното. Лепењето цртежи со каша на платно е еден тип на грунд, а и пресуда на белината. Таа техника најчесто може да се види во делата на Баскијат, кој има големо влијание врз моето творештво, а како street art техника е позната како wheat-pasting. Со ова можам да ја изгубам белината на платното. Следниот чекор се бојата и мислите

Цртањето / сликањето е медитативен процес. Твоите мисли течат преку твоите раце на работната површина и медитацијата е започната. Секако дека музиката игра голема улога во самиот процес. До даска панк и вивидна палета.




За, односно против капитализмот…


Пораснав со DIY културата, панкот и интересот за политичката сцена. Комбинацијата си го дава својот резултат и неизбежно беше да се стекнам со вештина за критичко размислување. 

Секој човек, на своја кожа ја има почувствувано слободата на свој начин и не сака помалку од тоа, туку повеќе. Човек си, битие кое не знае колку му е доста. Би  сакал да ги цитирам зборовите на анархистичкиот филозоф, Петар Кропоткин, кои, во моите рани 20-ти години не ми беа јасни, а сега искуството ги потврдува: „Твојата слобода завршува таму каде што започнува туѓата.” Филозофијата на овие зборови е доста лична и поради тоа не би сакал да понудам некоја алтернатива за проблемите коишто ги покажувам со прст. Сепак, да си огледалото е доволно за другата страна.




За post=low testosterone…


Според мене, оваа слика е најсимпатичното дело од целата изложба. Некој тип на stoner thought со шмек на stand up comedy. Low Testosterone бидејќи е мала енергија! Post бидејќи е следен! Математиката си ја игра својата инспирација во оваа дело кога знаеме дека X=2, равенката е решена. Ако Post = Low testosterone тогаш Пост панкот е low energy панк. Тоа не е панк. Но истото важи за Post Rock. Тоа не е рок. ☺




За љубопитноста…


Фигурацијата е најтешката, но најзабавната работа кога почнуваш да црташ. Идеите за секое дело секогаш се различни, но сите се еден тип на storytellers. Приказната што сакам да ја раскажам треба да биде раскажана во својата најдобра форма. Поради тоа стилот на цртежите најчесто варира, па така различни техники се потребни за нивната изведба. Слободата во комуникацијата со работната површина не треба да се заборави и треба да се третира како поле за слободно играње и експериментирање. Ова го постигнувам со изборот на бои, колажирање и слободните цртежи на фигури .

Не би сакал да заборавам да кажам дека најголемиот предизвик во цртањето е финализирањето на едно дело, никогаш не е доста.




За минатото…


Од свои 13 години знаев дека сакав да работам со графички дизајн. Се запишав на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, за да научам повеќе и да се усовршам во тоа. Тогаш се запознав со графиката, која ми стана понатамошна пасија во мојот живот. 

За време на факултетските години со другарка ми Бранкица Јордановска отворивме атеље во старата скопска чаршија кое беше проследено по примерот на Ивана Мирчевска, Сања Симоска и Наташа Неделковска, кои понатаму се и основачите на „Кула“.

Моментално колективот „Кула“ е останат без свој културен центар, но своите акции сепак ги продолжува, од коишто едната е „Под Земја Полесно се Дише“. Се надевам дека 8-та едиција ќе можеме да ја видиме наскоро.




За иднината…


Иако во своите дела сум песимист, за иднината размислувам оптимистички. Ако го исклучите телевизорот и ако уживате да разговарате за идеи, боите ќе ви станат вивидни.  Тоа го практикувам, и сѐ поинтересна ми станува уметноста и филозофијата. Истовремено веќе размислувам за следни изложби, истражувањето за темата на последната изложба 25-тата слика ми донесе нови идеи. Експериментирањето со цртањето нема да престане, може само да еволуира, па новиот проблем во визуелното комуницирање ќе бара нов стил, но приказната секогаш ќе биде во преден план. Секогаш уметноста се развивала паралелно со технологијата, а технологијата во денешното време нуди доста добри алтернативи за платното. AR (Augmented Reality) и VR (Virtual Reality) се најдобри примери. Зашто да не се пробаме со нив.





_______
Фотографија: Антонио Станков

Бисера Гиновска е студент по графички дизајн на ФОН. Времето го поминува во прашување и потпрашување, чкртка и запишува, и паѓа од точак додека за нови идеи размислува. Секој ден се менува и созрева, и сака околината да го прави истото заедно со неа.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ