• Немате производи во кошничката.
TOP

НА СКАЛИЧКИ СО ХРИСТИНА ЃОРЃИЕВСКА


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Христина е графички дизајнер голема е можноста да ја познавате под псевдонимот Hurisitin, кој воопшто не е случаен и во себе си носи посебна приказна. 
‘‘Го добив кога истражував како моето име би се читало во различни краеви на светот, и секако, вмешав свои прсти во процесот на креација.’’ 
Христина сака јазици, музика, психологија, сака филмови... и на скалички ни кажа дека во сите овие сфери најмногу ја влече нивниот визуелен аспект, па така, Христина одлучува да студира на ФЛУ – модул Графика, каде што пред скоро го одбрани својот дипломски труд а ние на скалички разговаравме токму за тоа.


За графичкиот дизајн…


Јас во овие води запливав кога почнав да работам со креативното студио Fabricca,  каде што тимот ми дозволи своите предзнаења од уметноста да ги преточам во нешто комерцијално. Ваквото изразување пробуди еден flashback во мојот ум, дека кога сме оделе во книжара со мојата сестра, таа секогаш била повеќе заинтересирана за содржината, додека јас за изгледот на корицата. Како човек кој што за сѐ може да најде соодветно визуелно решение, сметав дека ова е навистина нешто што ме влече. 


За Дипломската…


Насловот на дипломскиот е „Неколку современи прашања за идентитетот“.  За мене беше огромен предизвик, бидејќи секој ден ја чувствував еволуцијата во себеси, трагав кон нешто повеќе и експериментирав континуирано. Факт е дека пандемијата многу влијаеше во мојот креативен процес, меѓутоа не сакав да ја вметнам директно во овој труд. Очигледно е дека технологијата денес е доста витална, и со тоа, потребата за физички контакт е дефинитивно намалена. Мојот труд се врзува со социјалниот аспект – како идентитетот се формира во добата на технологијата.



За начинот на изработка …


Трудот се состоеше од пет дигитални интервенции во вид на колаж, фото-манипулација и илустрација, коишто беа испечатени со помош на дигитален печат и соодветно врамени. За да останам искрена со себеси одлучив да работам со дигитална интервенција, ем поради природата на самиот проблем кој беше земен за расправање, но и компатибилноста што јас ја чувствувам со тој медиум. Имајќи го предвид временскиот аспект од изработката на трудот, решив да зборувам за хронолошки подредени настани, кои што расправаат за како било, како е, и како би било понатаму, како технологијата влијае на човековиот идентитет, од аспект на локално, но и глобално ниво.


За дигиталното …


На секој агол се среќавам со песимистични гледања на дигиталното изразување како вид на медиум во ликовната уметност. Како човек што се бави примарно со оваа техника, сметам дека имам витална улога да пренесам порака преку моите дела која што би ја промениле перцепцијата. Дигиталното творење е ништо повеќе, и ништо помалку од еден нов медиум на изразување, кој што не заменува ниту еден друг медиум. Пристапот е различен, дефинитивно, меѓутоа моќта за пренесување на порака е во рацете на творецот. За мене, дури и дигиталното творење може да биде и „автогол“ бидејќи преку дигитални интервенции, ние можеме да расправаме за проблеми со дигиталноста (апропо мојот дипломски труд).


За минатото…


Јас бев сѐстрано дете уште од најмали нозе. Кога и да изразев желба за нешто конкретно што би сакала да го научам и усовршам, добивав само поддршка од моите родители да продолжам да се истражувам себеси. Сето тоа трагање и впивање на информации ми беше само од полза да се развијам во тоа што сум сега, па така ниту една активност не била залудна, и ми помогна да ја зацврстам желбата за она што сакам да го правам во животот.



За иднината..



За сега сум задоволна со моите достигнувања, дефинитивно сакам да пораснам во полето на визуелните уметности и да спремам самостојна изложба. Од некоја чудна причина, континуираното слушање на многу различна музика, и нејзиното истражување ме натера да размислувам за дизајн на омот, па би сакала повеќе да работам и на такви проекти. До некоја мера ми се допаѓа спонтаноста и случајностите кои што ми се случуваат периодов, па така оставам простор и за тоа во иднината.




















___ __
Фотографија на насловна: Марко Вилиќ
Асистент на фотографија : Антонио Станков

Студент на Архитектонскиот факултет каде ги завршува магистерските студии и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и Проектен менаџер во Институтот за дизајн и технологија - Скопје. Дел од првиот тим на Скала Магазин како главен и одговорен уредник во пишувачкот оддел, а денес дел од истиот како пишувач.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ