• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО МАТЕА ГРНЧАРОСКА


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

„Тоа е место каде што може да создадете свој свет, таму, мислите, целите и животот се производ на само вашата фантазија, ум и слобода. За мене тоа е и уметноста, начин на изразување себеси, моментот кога тоа може да го  споделам со светот е само плус позитивна страна.” – Матеа Грнчароска.

Се обидов да ги соберам на еден лист сите импресии од нашиот разговор со Матеа, мултидисциплинарна артистка и илустраторка, чија љубов кон волшебното и мистичното, прекрасно се испреплетува во нејзините дела, од цртање дизајни за тетоважи, улична уметност и безброј постери и плакати, нејзината креативност најмногу доаѓа до израз во тоа што најмногу го ужива – илустрациите. Бидејќи „еден лист” беше невозможно, се откажав од идејата и го споделувам целиот наш разговор на плочник. Одберете го вашето омилено катче, и уживајте…


За проектот „Интермисија”…


„Интермисија” е серија на дигитални илустрации, коишто според темата преовладуваат нереални ситуации со нереални карактери (ликови) најчесто инспирирани од животните и растенијата, но исто така и голема инспирација од детскиот свет, со вили, волшебници итн. Овие карактери(ликови) се обидувам да ги доближам до нашиот свет со помош на секојдневниот живот т.е ставајќи ги во атмосфера што ни е блиска и позната. Голема улога игра и се потпирам доста на  мојот колорит којшто е вториот главен елемент, најчесто пастелен со убави светли тонови и најчесто преовладуваат неколку бои.


Зошто „Интермисија“? …


Името „Интермисија” го избрав токму поради самата тематика, т.е интермисија значи интервали пауза, во овој случај – пауза од реалниот сив свет,  ги гледам моите илустрации, пауза од здодевното и секојдневното влегувајќи во тој пастелно розев нереален универзум што го креирам. 

Совет до идните илустратори…

На останатите илустратори би им рекла само да не се грижат за пронаоѓањето на својот стил, да експрериментираат и да играат со својата креативност, затоа што јас знам колку се обидував да си го најдам својот и на крај неочекувано ме изненади. Ќе го создадат по пат, а како пример за експериментирање за мене би ја навела една од моите омилени илустраторки Марија Тиурина (Marija Tiurina).


За инспирацијата..


Инспирацијата ја црпам најчесто од секојдневните активности, на пример пиење попладневен чај? Само што ако наместо ние како пиеме чај ставиме животно или некојси интересен карактер? Ја прави илустрацијата поинтригантна и поинтересна, може да ѝ даде целосно друга приказна или поента. Мојата љубопитност исто така доаѓа од светот околу нас, бидејќи никогаш нема да може целосно да го запознаеме, уживам во откривањето на делови од него, видови растенија, месечината и ѕвездите, нови животни кои што не сум ги знаела, интересни места и култури во светот и предмети.Приказни и митови. Сето она што може да го откриеме подлабоко, а не ни е познато ме привлекува да го истражувам, а доколку на крајот случајно излезе да ми се допаѓа тоа што ќе го откријам го употребувам во делата. Затоа тврдам дека со уметноста многу се учи и за светот, се истражува, а и се ужива.


За техниките на творење..


Кои техники на творење ги употребувам и кои сакам да ги пробам? Мојот процес на работа е вака: од многубројните скици повеќето ги работам – дигитално, но исто така и една од омилени техники ми е акварелот, сметам дека со него може на многу уникатен начин да се долови атмосферата во која работам и е доста слободен и различен. Од кои техники сакам да ги пробам, бидејќи мислам дека имам работено во скоро сите, ќе речам на кои сакам да се посветам повеќе и да им дадам шанса би било можеби маслото на платно, или пак да и се посветам на анимацијата. Тешко е да одбереш неколку кога сите носат нешто различно и прекрасно


За минатотo…


Во минатото како претходник на сево ова, работев најмногу на реалистични дигитално сликани портрети, или некои пореалистични илустрации, но не го гледав со толкаво уживање колку што го гледам сега ова што го работам. Не ја гледав својата кретивност во реализмот, не ми даваше доволно прилики да се изразам, кога и да работев нешто од таа сфера, секогаш случајно несвесно ќе додадев или изменев нешто што не припаѓа таму, и морав да се враќам и да се потсетувам дека треба да се држам до реалниот свет. За среќа после ова го пронајдов тоа што ми требаше и се опуштив.



За иднината..



За иднината, не сакам да предвидувам бидејќи никогаш не знаеме каде ќе не однесе, можеби на нешто уште поубаво од тоа што го очекуваме, но нешта коишто ми се на “bucket list”, кои што би сакала да ги остварам во текот на кариерата (или малку поскоро ), би биле дизајнирање/илустрирање на детски книги, што повеќе серии на илустрации, би отворила своја продавница за принтови и итн. и дефинитивно би сакала еден мурал низ Скопје прво, па можеби и уште некаде во светот. Би сакала да патувам, учам и креирам, да имам шанса да бидам директно инспирирана од светот околу мене, тоа би бил идеалот.

















___ __
Фотографија на насловна: Марко Вилиќ

Студент на Архитектонскиот факултет каде ги завршува магистерските студии и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и Проектен менаџер во Институтот за дизајн и технологија - Скопје. Дел од првиот тим на Скала Магазин како главен и одговорен уредник во пишувачкот оддел, а денес дел од истиот како пишувач.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ