• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО АЛЕКСАНДАР ТОМОВСКИ


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Томовски Александар е софтверски инженер, додека Александар Томовски е фотограф и филмаџија. Едниот живее и твори во попладневните часови од денот, додека вториот доцна во ноќните и рано утринските.

Ние се сретнавме „на скалички“ со овој вториот.

Александар е современиот скопски Едгар Дега. Повеќе е присутен зад сцената на Македонска опера и балет и од самите балерини. Своевремено, Дега со својот тефтер неуморно ги скицирал активностите на балерините зад и на самата сцена - сликал и вајал. Но, да имал фотоапарат и камера, сигурен сум дека ќе фотографирал и ќе снимал! Токму тоа задоволство го ужива Александар, каде што со години е присутен помеѓу ходниците, сцената, зад сцената, салите за вежбање...

Веќе подолго време се договараме да се сретнеме „на скалички“ и да поразговараме за неговиот последен фотографски проект, но во меѓувреме се случи и „Парадокс”-едноминутен филм којшто за неполни три месеци собра 15 интернационални награди.


За „Парадокс“…


Краткиот филм „Парадокс“ го покренува вековното филозофско и метафизичко прашање: „Дали може нешто да постои, а притоа да не биде перцепирано?“. Погоденоста на сценските уметници од Ковид-19 пандемијата, кои беа приморани својата потреба за изразување преку уметноста да ја сведат на вежби и настапи пред празни сали, по дома и кој-каде ќе се снајде, но далеку од очите на свесен набљудувач кој би го исперцепирал тоа дело и уживал во убавината на тоа што имат да го кажат и пренесат.


За процесот…


Проектот претставува плод на курсот „Филмска режија“ при Академијата „Џолев и уметностите“, којашто се јавува и како продукција на истиот, под менторство на Дејан Џолев. Цела екипа, врвни професионалци во својата дејност, на прва и без колебање се влезени со доверба, ентузијазам и желба да се реализира идејата којашто ја имав презентирано. Примабалерината Марија Кичевска со маестрална изведба на, по мене, најубавата и најтешка варијација на Црниот лебед ја води визуелната нарација; гласот на Ендру Кук со кој „на нога“ во хол го снимавме аудиото; Пеце Николоски, виртуоз на камера, кој на мој повик во 5 до 12 откажа ангажмани за да излезе во пресрет на филмов; „Македонската опера и балет“, кои ја препознаа и со сѐ расположливо,  ја поддржаа приказнава.


За филмската уметност…


Ух, се разгоре некое жарче за коешто не бев толку свесен дека тлее во мене, па така поттикнат од севкупниот процес на раскажување приказна преточена во филм, како и самиот успех на првенчето (морам да признаам – возбуден и неподготвен на ваквиот неверојатен прием од фестивалите и критиките од филмската фела), инстантно ми светнаа идеи коишто би сакал да ги обработам, а на едната веќе сум навлезен во подлабока фаза на подготовки на самата приказна, за којашто сакам да е неконвенционален документарец за, во многу погледи, еден посебен лик.


За фотографијата…


Љубовта кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па постепено се симнува и расте низ градските улици и доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација на уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност којашто ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите… Балетската фотографија носи најголеми предизвици, но затоа и најмногу наградува.


За Балетот…


Приказната соодветно, започна во холот на МОБ, пред неколку години со трите балерини Мила, Христина, и Медина како дел од работилница за фотографија којашто ја држев на Fashion&Lifestyle Expo; иако, сакам да верувам дека е започната многу поодамна, но чекала свое време и простор да се реализира. Изморени, повредени од подготовките за „Лебедово езеро“, го прифатија предизвикот и создадовме многу повеќе од добри фотки – енергија и пријателство коешто трае до денес. Ме поканија на претставата, long story short – оттогаш немам пропуштено балет, бев маѓепсан од убавината и чудесиите што ги изведуваа на сцената, но и заинтригиран да ѕирнам што тоа се случува и кои приказни се кријат зад кулисите. Воопшто не погрешив што ги следев љубопитноста и интуицијата.


За ДМФ (Денови на македонска фотографија)…



Со оглед на тоа што ДМФ претставува резиме на македонското фотографско творештво во тековната година и е најстара фотографска манифестација во Македонија, огромна чест и признание ми претставуваат двете награди коишто ги освоив годинава – втора награда за колекцијата „Behind the curtains“, приказни од балетот зад кулисите, како и трета награда за поединечна со фотографијата „In manibus meis“, во превод „Во мои раце“ (на толку балерини, диригент победи тука :)). Воедно прифатени и изложени беа уште две фотографии „Ad astra“ и „Initium“.






__ __ __

In manibus meis
Трета награда за поединечна [ДМФ]





Behind the curtains
Втора награда за колекција [ДМФ]



__ __ __


















___ __
Фотографија на насловна: Мартина Пенева

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ