• Немате производи во кошничката.

ОД ФИЛМ БЕЗ БУЏЕТ ДО ДОЛГОМЕТРАЖЕН ФИЛМ


РАЗГОВОР СО: ИВИЦА ДИМИТРИЕВИЌ И МАРТИН ИВАНОВ [Beach Film Festival]
ДОМАЌИН: ДЕЈАН ЏОЛЕВ


Ивица Димитриевиќ го познавам од студентските денови на ФДУ, знаевме да си намигнеме во бифе без некоја посебна причина. Додека, Мартин Иванов го запознав за време на снимањето на филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ на режисерот Леон Ристов.
Кога ја отворив програмата на „Beach Film Festival“ она што за мене беше највозбудливо е токму можноста за нова средба со овие двајца исклучително талентирани, инспиративни и продуктивни креативци, на работилницата или уште подобро „Мастеркласот“ на тема: „Oд филм без буџет, до долгометражен филм“, што го одржаа во Лагадин, со поддршка од European Film Challenge. 

Работилницата се состоеше од мотивациски примери и процеси за создавање филм, од развој на идеја до пласман на филм. Со цел демистификација на процесот на создавање филм, преку искрени и едукативни примери од техничките и креативни предизвици при создавањето на нивните два долгометражни играни филмови „Копање“ (2018) и „ТМ“ (2020), филм којшто својата премиера ја доживеа токму на фестивалот три дена подоцна, на 26 јули на растегнатото платно на плажата Св. Стефан. 
Oвој напис е сублимат на неколку средби и разговори, вклучително и извадоци, цитати од работилницата, па сè до Q&A (разговор со публиката) по премиерата на филмот „ТМ“.



ИВАНОВ: Мистификацијата постои и кај филмските работници, кога и да споделиш идеја и желба за снимање филм, веднаш следува прашањето: „Со што камера ќе го снимаш?“, па што е толку важно со што камера ќе го снимам? – никој не прашува за темата, за приказната, на пример можам да снимам со нештото што сите го имаме во нашите џебови во моментов. 

И веднаш сподели парабола којашто го илустрираше неговиот став за начинот на кој треба авторите да дејствуваат. 

ИВАНОВ: Пред неколку години, шетајќи низ демирхисарски села, запознав едно младо момче, овчар, со огромна желба за свирење на гајда, а детето нема гајда. Тоа што ме фасцинираше кај ова дете е неговата потреба за свирење, па направил импровизиран инструмент со црна кеса за ѓубре, наместо овча кожа и некои дрвца и стари кавалчиња што ги нашол во атарот на неговото село. Тоа не звучеше баш најдобро, но најважно е што тој свиреше. По извесен период, негов роднина му купи гајда, уште првиот ден тој беше мајстор на гајдата… Значи тој не чекал да снима со најдобрата камера, туку снимал со евтин смартфон. 

Мартин Иванов преку едноставна метафора се обиде да ги разбуди подзаспаните режисери како дел од публиката или ете ќе се обидам и јас од оваа перспектива да ги разбудам младите режисери кои се во длабок креативен сон и единствено таму сонуваат за нивните кариери, а не на терен со обична камера и другар актер. Во контекст на ова, на крајот од работилницата ги прашав…

ЏОЛЕВ: Мој личен впечаток е дека младите режисери не снимаат филмови, туку единствено зборуваат за нивните хипотетички возможни филмови. Дали за оваа апатија е виновна Агенцијата за филм којашто недоволно ги мотивира, без да најде начин (буџет) за снимање на нискобуџетни филмови или пак причината е во самите автори? Сè повеќе на сцената сме сведоци како филмови снимаат актери или друг тип на филмски работници, како во вашиот случај, а свеж ни е примерот и на Никола Кузелов (актер и сценарист) кој исто така работеше на два играни филмови со нула буџет… Што ли прават режисерите?

ДИМИТРИЕВИЌ: Во прашањето е одговорот. Ако јас сум решил да се занимавам со некоја работа и се претставувам како таков, најверојатно треба да покажам некој продукт. Лесно е да се претставуваш како пилот, но потешко е да го возиш авионот. За мене, најбитно е да се разбие монополизацијата и мистификацијата на правење филм. Постојат многу светски ремек­ дела коишто се направени со мали буџети, ако можат тие, зошто и ние да не го направиме тоа? Агенцијата за филм треба да поработи на „pushing“ програма којашто ќе ги стимулира младите режисери со помали буџети. 

ИВАНОВ: Младиот режисер Ханис Багашов го снимаше прекрасниот краткометражен филм „Мишко”, филм којшто беше претставен на многубројни фестивали. За некој ден ќе го гледаме новиот филм на Леон Ристов „Ќе му се јавам на татко ти“, филм за кој којшто сум сигурен дека ќе биде добар филм… Агенцијата треба да ги повика овие и други млади автори надвор од конкурсот и да издвои финансии за нивните филмови. 

Во меѓувреме, филмот на Леон Ристов ја имаше својата светска премиера на „Сараево филм фестивал“. 
Овие млади автори не само што нема да бидат повикани, туку веќе и се одбиени. Свеж е примерот со Ханис Багашов, пример за кој пишуваше Сунчица Уневска во последниот ФИЛМ+: „И без срам се излегува и се тврди дека е направен „објективен и непристасен избор“. Се разбира, младиот 19-годишен режисер Ханис Багашов (кој зад себе веќе има многу фестивали и признанија) е повторно одбиен со небулозното оправдание дека „нема диплома“.
Не постои филмски буџет којшто не може да биде потрошен. Филмот чини онолку пари колку што ќе каже продуцентот или авторот на филмот. Разликата ја прави суштинската цел зад секој филмски проект и најчесто се три причини зошто луѓето сакаат да снимаат филмови или зошто луѓето се бават со филм. Прво, има луѓе кои сакаат да снимаат филмови затоа што едноставно сакаат да снимаат филмови. Втор тип на луѓе за кои филмот е бизнис или индустрија за правење пари. Овие два типа на филмаџии се нормални и безопасни. Опасни се третите, кои се претставуваат како првите, а делуваат како вторите, е токму овие групации најчесто ја моделираат филмската политика во државните фондови. На овие луѓе најважно им е финансиите да бидат доделени во што помалку проекти, за да можат поедноставно да ги контролираат финансиите, затоа на овие луѓе им е во функција снимање на малку скапи филмови, наспроти десетици евтини.
Елементарната суровина за правење филм денес е евтина, но на сметка на тој пад, се зголемија хонорарите на клучните луѓе во филмската хиерархија. 




Авторите не смеат да чекаат, авторите мораат да продолжат со работа и творење со и без буџет, во тој контекст издвојувам неколку искуства споделени за време на работилницата:

ДИМИТРИЕВИЌ: Немаме камера, немаме светло, немаме пари, тотално шворц, единствено имаме дел од екипата актери. Јас решив да ја продадам колата, стара кола, 2.000 евра, ќе се најдат. Во исто време, ми ѕвонат од „Фамилија Марковски“ со понуда за улога. Не ме интересира улогата, ме интересираат само пари и услов да ми платат однапред за да можам јас да ја платам локацијата за мојот филм, што ја имавме 11 ноќи на располагање, од кои возможни беа 6 снимачки дена, останатите денови беа потребни за „фри шутинг“, подготовки, мизанцен, сценографија… Една идеја може да се реализира на илјада начини, но вакви услови придонесуваат да размислуваш брзо и ефективно, затоа што доколку го чекаш совршениот момент и услови, може да се случи никогаш да не го снимаш филмот. 

Се надоврза и Мартин…

ИВАНОВ: Барање на генијална идеја е тотална глупост! Генијална идеја и генијален пристап не постои. Ова е тесно поврзано и со храброст, доколку чекате даден момент, идеална шанса, инспирација… -филмот никогаш нема да биде сниман. Затоа не треба да се чека, времето бргу минува.
Препорачливо е приказните да бидат лесно приспособливи на условите и околностите коишто ви се на располагање. Приказни од вашиот комшилук. Ќе се обидам да парафразирам еден цитат од Џон Касаветис: „Jас никогаш не сум видел во живот како експлодираат хеликоптери, не сум видел пресечена глава на човек, како што тоа Холивуд го промовира, но во мојот живот сум видел луѓе со маки, со разводи, со проневерства… затоа во моите филмови се бавам со тоа што го гледам, со човечки проблеми“, во контекст на тоа, затоа вашите филмови не можат да бидат прескапи кога се бават со човечки живот. Затоа кога ќе имате приказна којашто е лесно адаптабилна на условите што ги имате на располагање, сите процеси ќе бидат поевтини и поедноставни. 

Повторно ќе се навратам на неколку исклучително инспиративни и важни аспекти од работилницата: за филмската екипа!

ДИМИТРИЕВИЌ: Најважно е да се најде екипа од истомисленици, екипа којашто ќе го препознае вашиот ентузијазам и не е важен профилот на тие луѓе, тоа може да бидат и студенти, професионалци со долгогодишно работно искуство на филм, но и луѓе кои првпат работат на филм. На пример, сопственикот на куќата каде што го снимавме нашиот филм „Копање“, на почетокот му делувавме сомнителни како луѓе, но подоцна кога го забележа нашиот ентузијазам се приклучи во сите снимачки активности. 

ИВАНОВ: На крајот од снимањето јас и Мартин, како продуценти, моравме да ја вратиме во првобитна состојба куќата. Бевме доста примерни, на крајот се фативме за џогер и ја чистевме цела куќа, на сопственикот на куќата не му се веруваше дека по неколкудневното неспиење и снимање на филмот, луѓето кои сето тоа го организираа, снимаа, играа во филмот, на крајот со џогер ја чистат куќата. Тоа нè навраќа на тоа дека мора да си подготвен на сè, режисерот и продуцентот е првиот тој што треба да покаже верност. 

Посебно шармантен и мотивирачки беше споменот со исклучително значајниот кинематограф, директорот на фотографија, Димо Попов. 

ИВАНОВ: Најтешко беше да најдеме снимател. Контактиравме 13 директори на фотографија кои ги познававме и кои не ги познававме, но во тоа време никој од нив физички не беше во можност да ни излезе во пресрет поради веќе започнати снимачки процеси со договор. Под тој притисок помислував и јас да го снимам филмот, на крајот од нештата ние знаевме што сакаме да кадрираме како слика, но местење светло беше невозможна идеја, всушност да имавме еден месец и ќе поднаучев некои работи, но веќе беа три дена пред снимање. Во разговор со еден мој повозрасен колега, препознавајќи ја мојата мака, ми предложи да го контактирам Димо Попов, профилиран снимател кој не работи само во Македонија, професионалец, но пред сè прекрасен човек и естета на високо ниво кој работи на високобуџетни професионални проекти. Тој предлог ми звучеше исто така невозможен, каде сега Димо ќе се „загне“ да снима филм со банда лудачка како нас, и тоа на два дена пред почеток на снимање, но пријателот мој беше упорен да се обидам да го побарам. Го барам на телефон Димо Попов, му ја претставувам идејата, всушност условите во две реченици, а тој ме прекинува со прашањето: „Кога се почнува?“ -не му беше битно со што камера ќе снимаме, со што светло, единствено што ми кажа е дека ќе може да придонесе два дена, поради тоа што има закажано снимање. Почнавме со снимање на филм со снимател за два дена. 

И приказната за шминкерката… : )

ДИМИТРИЕВИЌ: Немавме договорено шминка. Се сетив на една случка од пред неколку години во кафуле ние неколку филмаџии правиме муабет за филм и случајно девојка ни го слушна муабетот и ни се понуди во иднина, доколку имаме потреба од шминка, да ја контактираме, ќе ни се придружи и без пари, само да ја викнеме на филм. Разменивме броеви, таа девојка никогаш повеќе не ја видов, но во тој момент се сетив на неа и ја побарав, после три, четири години, на ден пред снимање ѝ ѕвонам и се претставувам и објаснувам од каде се познаваме и ја замолувам да ни се приклучи на снимање. Таа ми кажа дека повеќе не се бави со шминкање, но ми помогна со тоа што ме вклучи во група на шминкерки на фејсбук, тоа се девојки кои најчесто шминкаат за свадби, за веселби… Оставив таму информации и веднаш потоа ми ѕвони телефонот, се јавија 7/8 шминкерки, но никако да се договориме освен една девојка, која ми вели: „Можам, но од утре“. Првиот ден, успеавме некако сами да се нашминкаме, од искуството од театар, вториот ден, ја собираме екипата, вклучително и девојката која првпат ја гледаме, четворица мажи во кола, а таа позади во средина, девојката преплашена, не прашува каде навистина одиме… Сè до моментот кога се појави Горазд (Цветковски), сите го познаваме, и ја опушти атмосферата. 


`

ДИМИТРИЕВИЌ: Постојат многу начини вашиот филм да биде виден и купен. „Копање“ влезе во официјална програма на фестивал во Романија, заедно со филм којшто таа година беше номиниран за Оскар „On Body and Soul“, за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Филм којшто е сниман со буџет од милион и петстотини илјади евра, за разлика од нашиот филм којшто беше сниман со две илјади евра, значи во конкуренција со филм којшто чини 550 пати повеќе од нашиот филм. Бевме примени и на други фестивали, меѓу кои и на фестивал во Швајцарија, Торонто (Alternative Film Festival), каде што бевме и номинирани за најдобар кастинг. 

За време на работилницата, Ивица Димитриевиќ ни претстави повеќе интернет платформи за пласман на вашиот филм. Фестивали на коишто може да се аплицира со пари, но и без пари, па сè до платформи каде што може луѓе да платат за да го гледаат вашиот филм. 
• Indy Film Hub
• Indy Film Hustle TV
• FilmFreeway
Но ни споделија и неколку важни книги коишто секој млад автор, студент по режија, мора да ги прочита:
• Feature Filmmaking at Used-Car Prices, Rick Schmidt
• John Cassavetes
• Rebel without a Crew, Robert Rodriguez
• Like Brothers, Mark and Jay Duplass
• Shooting for the mob, Alex Ferrari
• Sculpting in time, Andrey Tarkovsky
• Of walking in ice, Werner Herzog
• How I made a hundred movies in Hollywood and never lost a dime, Roger Corman

ДИМИТРИЕВИЌ: Овие луѓе успеале поради една причина, не се плашеле од грешка! Верувај, вложи се. Не дозволувај да те победи мистификацијата за тоа како се снима филм. И по три години работа на филмот, на три дена пред премиера, филмот сè уште е во процес на постпродукција, но знаеме дека сè ќе биде во ред. Секогаш кога работиш филм без буџет, постои онаа возбуда дека може и „нема да се случи“, токму оваа позиција прави да останеш фокусиран. Мистификацијата дека филм не се прави без не знам каква опрема е тотална глупост. Првиот филм ако треба и со крв ќе го платиш. Нема простор да не снимаш филм во 21 век. Единствено треба да сакаш и да се впуштиш во тоа. 

Повторно ќе се навратам на наш краток разговор по работилницата, секако бев љубопитен за „ТМ“ (2020), филм којшто својата премиера ја доживеа токму на фестивалот три дена подоцна.

ДИМИТРИЕВИЌ: Снимањето на „ТМ“ се базираше на импровизација, од поставување на камера, актерска игра, актерски мизанцен… Актерите понекогаш го добиваа текстот на неколку часа пред снимање, затоа што снимавме тотално импровизирано. Се разбира дека имавме структура на приказна и од секоја сцена знаевме што сакаме да постигнеме. Не работевме во континуитет, снимавме кој кога може, импровизирано од технички апсект, па дури и од локациски, како на пример на локации за коишто многу тешко се добива дозволи, на пример аеродром. Сите нè предупредуваа дека нема да снимаме на аеродром, но јас бев упорен дека ќе успееме да снимаме на аеродром, така и беше, снимавме без никаква дозвола, потребно е верба и упорност, влегуваш и снимаш. На пример, никој ниту дојде да нè праша што снимаме, дури монтиравме и трипод, со бум, единствено плативме 50 денари за влез на паркинг. Сметам дека сите локации што се јавни, не треба да се бара дозвола, па дури и ако треба да се влезе арогантно. Филмот беше сниман без светло и без специјални објективи. Филмот го снимавме со обичен фотоапарат со кит­објектив, камера којашто се гаси по 20 минути снимање. 
ЏОЛЕВ: Во контекст на целата работилница, колку чинеше филмот „ТМ“ ?
ДИМИТРИЕВИЌ: Ако ги сметаме реалните цени,  филмот би чинел околу 100 илјади евра вкупно. Благодарение на сите кои работеа на филмот и нивната добра волја и поддршка филмот чини помалку од 500 евра како би се рекло живи пари. Имено, влогот на сите учесници на филмот е првонаведената сума.


ЏОЛЕВ: За филмските буџети од Агенција за филм, дали имате изградено став – дали сметате дека се преголеми, премали, доволни?
ДИМИТРИЕВИЌ: Зависи од која перспектива анализираме. Некој ќе каже дека се премали, друг дека се доволни, додека трет дека со толку малку пари не се прави филм, но докажливо е дека се снимаат за 100.000 евра. Одговорот најчесто не е во тоа КАКОВ филм сака да снима авторот, туку КАКО. 
ЏОЛЕВ: Оваа теза ја застапуваат многу филмаџии, вклучително и јас сметам дека може да се снима филм за 100.000 евра и може да се снимаат 15 филма годишно наместо 3 од 500.000 евра. 
ИВАНОВ: Мој став е дека во оваа неволја којашто нè снајде на глобално ниво, културата не смее да пати, тоа е значаен дел од живеењето на секој хомосапиенс и особено ова што кажа Ивица и ти што го спомна, сметам дека е веќе нужна, не само прашање на дебата. Да потсетиме дека ни се случи Санденс, Берлианале, Оскари, овие филмови во прва фаза не беа финансирани од Агенцијата, па затоа кое е естетското мерило на вреднување на филмовите што добиваат на конкурсот? Имаме армија на автори, кои и тоа како имаат приказни и сила да продуцираат перфектни филмови.
ДИМИТРИЕВИЌ: Сметам дека Агенцијата треба да се ослободи повеќе од тие стеги. Да се ослободи монополот врз филмот, да се ослободи од одредени имиња и продуценти… Не мора со големи буџети, може со минимални буџети да се измери секој автор, може да се направи scouting, како во било кој спорт! Искусен некомпромитиран scout-и набљудуваат дали и кои луѓе можат да направат филм. Всушност, самата Агенција, самата држава да има бенефит од тоа, како што сега има бенефит од еден Ханиленд или претходно во деведесетите со филмовите на Манчевски. 

Последниот ден од фестивалот Премиерно беше проектиран филмот „ТМ“ од Мартин Иванов и Ивица Димитријевиќ како специјална проекција. Приказна за еден млад дечко кој бега од самиот себе и своите проблеми, во осамената куќа на неговите починати родители во периферијата на градот (Радишани), каде што случајно доаѓа до записи од татко му, концепт за изградба на машина за патување низ времето. Една биографија за сите нас, за тоа како живееме во време од кое што сите сакаме да избегаме. 
________
Неверојатно лично богато искуство претставуваше за мене дружбата со Ивица и Мартин. Ќе си дозволам да истакнам дека оставија силно мотивирачки белег и кон мене како филмски автор, особено што сум во креативен процес за мојот прв игран филм на којшто активно работам повеќе од една година, а снимањето би требало да започне на пролет 2021 година. Филм којшто ќе биде финансиран од сопствени заштеди и скромни спонзорства. Неслучајно, за првпат јавно ја соопштувам оваа интимна информација, со голем ќеиф ја „лепам“ на овој разговор.

Филмаџии. Камерата е во вашиот џеб. Потребно е само вашата упорност и жед!


_______
Фотографија и постпродукција на фото.: Антонио Станков
Дир. на фотографија: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ