• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО MELEEM / URBAN SNAKE – МакАрх


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад уметник или студент по дизајн и уметност.


Разгледувајќи ги поставките и изложените парчиња на штандовите на овогодинешниот, малку поразличен од вообичаено, “Fashion Weekend Skopje’’, вниманието ми го привлекоа архитектонските пораки и фотографии испечатени на различни парчиња (маици, чаши, торби) на Meleem Skopje/Urban Snake. Ги искористивме слободните скалички во „Јавна соба“ и седнавме да поразговараме со дел од тимот. Катерина, Марија и Кристијан се тројца позитивни и креативни ликови, магистранти при „Архитектонскиот факултет“ во Скопје. Нивната заедничка љубов и страст кон својот град, архитектурата и урбанизмот ја преточуваат во колекцијата МакАрх и проектот “Urban Snake’’.


За Meлеем…


„МЕЛЕЕМ“ – Скопје е организација која има тенденција да ги идентификува, посочува и оживува јавните простори кои се заборавени од граѓаните или властите. Нивните активности се засноваат на концепт кој дава приоритет на вклучувањето на заедницата во текот на процесот на “правење”. Своите цели ги реализираат преку три главни активности: урбани интервенции, уметнички инсталации и социјална окупација.


За Urban Snake…


Проектот “Urban Snake’’ е производ од работилницата „Редизајн на јавни површини-Скопје” организирана од Скопје „Лаб-Центарот за Иновации“ на Град Скопје, во соработка со МЕЛЕЕМ, минатата година. Тимот вбројува ментори и студенти од архитектонски,машински факултет, ФИНКИ и пејсажна архитектура (Сара Симоска, Владимир Ѓоргиевски, Катерина Пановска, Марија Трајаноска, Кристијан Арсовски, Сандра Николовска, Томислав Поповски, Александра Христовска). Локација за нашиот проект беше дворот на Студентскиот дом Гоце Делчев. Со теренско набљудување во дворот воочивме повеќе можни локации за интервенција, но со помош на fb анкети одлуката падна за оваа. :)Името на овој проект произлезе од бетонскиот ѕид кој стои како бруталистички споменик на оваа локација и потсетува на змија. “Urban Snake’’ е урбана интервенција која се состои од три дела: партерно уредување, урбана опрема и осветлување. Дизајнираната урбана опрема е мултифункционална и нуди различна програма (вежбање, нишање, одмор, разговор и читање). Ваквата конфигурација програмски ја збогатува и визуелно ја надополнува геометриската повторливост на змијата.


За Crowdfunding…


Моментално за овој проект се собираат донации од граѓани и фирми, преку crowdfunding кампањата која ја организираше МЕЛЕЕМ-Скопје, а од тука произлезе и МакАрх колекцијата. Crowdfunding е нешто ново што го промовираме кај нас. Многумина ќе се запрашаат: „Зошто граѓаните се тие кои треба да ги поддржуваат и донираат за овие проекти?”. Ние сметаме дека на овој начин ќе поттикнеме граѓаните да оформат чувство за јавните простори, да се зголеми колективната свест за јавната средина, пред се за својот град.  Секој кој сака да придонесе за овој проект, може да го направи истото со купување на маица,торба,маска,блузон или чаша од МакАрх колекцијата. Сите средства одат како донација за изработка на урбаната интервенција.



За колекцијата МакАрх…


МакАрх произлезе како резултат на нашата огромна почит кон првата генерација македонски архитекти и желба за нивно претставување кон пошироката публика. Овие легенди ги поставиле темелите на нашиот град како поштата, ГТЦ, домот „Гоце Делчев“, Владата, Македониумот, НБРМ и други. Идејата да ги ставиме на маици, торби и чаши беше да создадеме идоли од нив и што е можно повеќе луѓе да почнат да ги носат, а со тоа да се запознаат подобро со архитектурата на нашата земја.



За љубопитноста..


Кејт: Секојдневното опкружување, човекот и човековото однесување се нештата кои ме инспирираат. Психологијата е дел од мојот живот уште од најрана возраст. Од секогаш ме фасцинирало како функционира и реагира човековиот ум. Помеѓу архитектурата и психологијата од секогаш постоела тесна поврзаност, па затоа и периодов сум посветена кон истражување на ова поле наречено „архитектонска психологија”. Постојат причини зошто одредени визури, мириси или допири предизвикуваат одговори од нас, тие ја поттикнуваат љубопитноста во мене.

Марија: Само дел од листата на нешта од кои црпам инспирација се: секојдневниот живот, архитектурата, модата, уметнички слики, интересни фотографии, кадри од филмски сцени, атмосфери во некое скриено катче во градот, патување… Љубопитна сум во смисла на експериментирање, самотестирање, запознавање, спознавање, ризикување и мојата љубопитност е поттикната од нештата од кои што црпам инспирација.

Кристијан: Планините, времето поминато на планина, кога чистиот воздух ми ги исполнува градите, смиреноста на природата, жуборот на водопадите и реките, зеленилото на дрвјата, шумот од листовие, сенките на карпите, боите на цветовите, облаците и соѕвездијата на небото. Хармонијата во природата ми дава инспирација за творење. Откривањето на нови места во природа за мене е авантуристичко доживување кое ме исполнува. Љубопитно сакам да истражувам нови нешта коишто се неоткриени, заборавени …



За минатото..


Кејт: Како студенти по архитектура, доста од времето го поминуваме во талкање, обидувајќи да се препознаеме во нешто и да се дефинираме себе си каде припаѓаме, бидејќи архитектурата има широк видокруг. Моето препознавање се случи благодарение на учество во работилници кои се врзани за јавните простори и животната средина во нашиот град, меѓу кои: Редизајн на јавни површини Скопје 1.0, Material Contours Skopje, јавната презентација за кампањата „Не игнорирај-Реагирај”.

Марија: Една од минатите активности произлезе од желбата креативно да се изразам во ситуација на пандемија, каде што контактот меѓу луѓето требаше да биде минимален, па поради тоа започнав почесто да фотографирам и истражувам простори и да ги забележувам квалитетите на истите – верувам дека комуникацијата на човекот со изградениот свет околу него, е исто толку битна колку што е и комуникацијата на човекот со друг човек. Друга активност во која се вклучив е Crowdfunding кампањата на МЕЛЕЕМ за проектот “Urban Snake’’.

Кристијан: Завршувањето на средно уметничко училиште на оделот за: Обликување на ентериер и мебел, за мене значи многу, за креирањето на мојот карактер и пронаоѓањето на она што би бил во иднина. Сега како уметник, а потоа и како студент по архитектура, сметам дека е важно да се биде дел од разни културни настани, конкурси, работилници, летни школи, пракси и тн. Драго ми беше што во 2017год. учествував на 10SKPF (Skopje Poster Festial), бидејќи добив специјална награда од уметникот Ryszard Kаjа, познат полски постер-уметник. Учествував на работилниците за Редизајн на јавни површини во Скопје 1.0 и Редизајн на јавни површини во Скопје, Битола и Штип 2.0, исто така бев учесник на Третата Демирхисарска летна школа, 2019 год. и Првата Малореканска летна школа – По патеките на Дичо Зограф, 2020год.



За иднината..


Кејт: Како луѓе, научени сме да ни се поставуваат правила,закони и работите да ни се диктираат, а со непочитување на истите ни следуваат казни. Според мене, тоа е неправилен модул од кој човекот треба да учи. Проектите пред сè треба да бидат одговор на потребите на граѓаните и на промените кои се случуваат. Како архитекти, ние можеме да го контролираме човековото однесување преку самиот дизајн. Архитектурата е чин на комуникација, а бојата, материјалот се медиуми кои ја артикулираат пораката. Моите проекти не сакам да го диктираат тоа, сакам да поттикнуваат и предизвикуваат различни чувства кај луѓето, кои пак ќе придонесат кон зголемување на свеста за оддржување и заштита на животната средина.

Марија: Планот за во иднина ми е да ги остварам своите цели на професионален и личен план, да продолжам да се грижам за градот и изградениот свет околу мене и да придонесам со своите квалитети и знаења кон заедницата. Своите идни проекти ги гледам како прават позитивни промени во секојдневниот живот на луѓето.

Кристијан: За во иднина она што го посакувам да стане дел од мојата реалност. Идните мои проекти сметам дека треба да го подобрат квалитетот и стандардот на живеење во нашето опшество. Покревање на свеста кај луѓето за важноста на културата и уметноста во секојдневното живеење. Моите проекти во иднина ги гледам како уникатни уметнички дела коишто им пренесуваат чувства на корисниците.


_______
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Фотографија во ентериер: Филип Бојковски

Студент на Архитектонскиот факултет каде ги завршува магистерските студии и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и Проектен менаџер во Институтот за дизајн и технологија - Скопје. Дел од првиот тим на Скала Магазин како главен и одговорен уредник во пишувачкот оддел, а денес дел од истиот како пишувач.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ