• Немате производи во кошничката.

На скалички со Љиљана Прентовиќ


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД УМЕТНИК ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Со Љиља Прентовиќ, седнавме да си поразговараме на скаличките на Македонска опера и балет. Самокритична бунтовничка и креативец во душа, којашто секогаш сака да го оствари тоа што ќе го замисли. Вели дека секогаш се стреми кон тоа сонот да го претвори во реалност, а како медиум ја користи фотографијата и создавањето на дела. Таа е апсолвент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Во моментов е во процес на градење свој стил како тату артист – цртач на тетоважи, а во меѓувреме го води и својот инстаграм профил каде ги објавува своите лични изработки, илустрации на фотографија од купувачи насликана на мало платно. Денес одлучивме да зборуваме за нејзиниот последен фотографски проект „Немир".

Зa темата „Немир”


Мојот последен проект кој го нареков „Немир” е инспириран од секојдневните случувања на луѓето. Во секое лошо има нешто добро и обратно. Зошто го нареков „Немир”, нели нормално е во време на пандемија да ти дојдат мисли за тоа дека доаѓаат лоши работи, случувања итн., веќе три години потајно во себе имав страв од темнина, ми се чинеше дека во мене влегол ѓавол и ме влече кон лоши мисли. Секоја вечер се борев да го извадам тоа лошо од себе, да ја вратам позитивата и да бидам оптимист кон работите.


За проектот…


Сакав случувањето  во мојата глава да го прикажам преку фотографија. На повеќето фотографии Марија (девојката во црно), така наречен  „ѓавол” или „зло”  е во преден план поради тоа што лошото првично во секаква ситуациија си го помислував, се изборуваше да биде главно, да победи, да не размислувам на убави работи, туку спротивното. Меѓусебно расправање во умот, што вклучува немир. Нешто кое секогаш ме пратело длабоко во себе, но се изборило на крај од денот, па затоа има фотографија каде што прикажува на некој начин: спокој, уживање, смиреност, подавање на рака, допир на таа победа на целиот немир. Благодарна им сум на Марија и Емилија коишто беа дел од овој проект.


За техниката и инспирацијата…


Хм, па еве, бидејќи не знам да правам едноставни фотографии, секогаш носам некој вид предмет, реквизит што секогаш знае сосема неиспланирано супер да ми послужи. Дарко Митев ми е омилен фотограф за сите времиња. Секогаш знае да ги освои срцата на гледачите. Со еден збор, посебен.


За љубопитноста…


Инспирација добивам најчесто од песни, повеќе може да ме доведе до идеја да си сврзам еден цел настан како би изгледало тоа. Љубопитна сум да наоѓам локации што изгледаат сосема ужасно, а во фотографија да бидат предобри. Обожавам да фотографирам портрети, сакам да ја покажам убавината на секој човек, да знае да се сака, макар тоа да биде во обработена верзија, битно ми е да го погодам човекот в срце. Сакам да е доста колоритна фотографија, но како поминуваат години сакам да правам и мистични монохромски фотографии.

За минатото…


Почетокот на моето фотографско искуство започна кога го направив профилот @feel_the_ljiljart_heart. Никогаш не размислував на тоа дека ќе работам со ова, седејќи со другарка, кафе муабети, извадив фотографии и тука добив огромна поддршка од нејзе и останати да се бавам со фотографија. Можеби ќе ги правев за себе, за блиските но не и да ги прикачувам на профилот. Еден од омилените проекти на кои имам работено беше проектот „Сите сме исти”, за којшто бев повикана и да зборувам. Имав своја замисла за истиот и ја истерав до крај. Се потрудив, не се откажав, ги најдов Ана и Џаст кои го извадоа најдоброто од нив, иако се запознаа дента за време на фотосесијата.


За иднината…


Првично да дипломирам, а потоа да правам фотографии надвор од државава на личности кои што би ги сретнала на улица, кафуле и сл. Искрено, со опфаќање на многу дејности од уметност, не знам до каде би стигнала, но доволно е да ме прави сето ова среќна. Би сакала во наредните две години да направам изложба на фотографии и дела со што ќе биде прочуен духот на Љиља.





















___ __
Фотографија на насловна: Марко Вилиќ
Асистент на фотографија: Антонио Станков

Студент на Архитектонскиот факултет каде ги завршува магистерските студии и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и Проектен менаџер во Институтот за дизајн и технологија - Скопје. Дел од првиот тим на Скала Магазин како главен и одговорен уредник во пишувачкот оддел, а денес дел од истиот како пишувач.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ