• Немате производи во кошничката.
akademija-vizuelni-umetnosti

НА СКАЛИЧКИ СО АНА ТОДОРОВСКА


Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од втората Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.


Ана ја доживеав како мултидисциплинарна девојка која може и успева да прави сѐ што ќе посака – од уметност до психологија, па сѐ до поезија и графички дизајн. Во областа на образованието, со свои 28 години, е дипломиран психолог при Институтот за психологија, во моментот, стажант во Црвен Крст. Воедно, била дел од првата генерација на Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ и Seavus – па и токму така се родила нејзината љубов да работи како графички дизајнер во областите: подготовка на текстил, издаваштво, дизајн за социјални медиуми.

Со цел да ги соедини двете работи коишто ѝ се огромна љубов (психологија и уметност), во моментов се обучува и во полето на експресивна арт-терапија–преку којашто експериментално истражува различни форми на експресија коишто освен визуелна уметност, вклучуваат и поезија, звук, движење…
Од останатите активности, се бави со рачна изработка на накит, организирање настани од културно – социјален карактер, а и е долгогодишен практичар на Таи Чи Чуан.



За минатото…


Веројатно, потрагата по нови начини на експресија е постојаната нишка низ мојот живот. Интересите и хобијата во својата суштина останаа исти, но ја менуваа формата низ времето: од сечење списанија до дигитални колажи, од џез-балет до боречки вештини, од шкрабање по тетратки до графички дизајн. Накратко, Ана како дете градеше светови од секакви „ѓубриња“ и пишуваше песни. Ана како тинејџер црташе по ѕидови и редовно ја касапеше својата облека, црташе и шиеше на неа. Ана како студент максимално ја вложи својата енергија во студентски активизам, пишување, организација на културни настани и борба за создавање студентски културен центар. Ана, како возрасна, реши да го истражува својот автентичен глас и сѐ уште го прави тоа…



За втората Скала изложба… 


Повикот го најдов на фејсбук-страната на „Скала магазин“. Се пријавив со делото „Soul Walking”, коешто е дел од мојот нов проект, посветен на аналогни и дигитални колажи Anaesthetic. Процесот за мене не беше лесен, дури на граница со фрустрација, пред сѐ бидејќи насловот  „Будење“ го доживеав доста предизвикувачки и стимулативен – сметам дека во нашево време има многу нешта од коишто човек треба да се разбуди! Истовремено, можеби и бидејќи колажите речиси никогаш не ги подготвувам според однапред одредена тема, туку дозволувам сами да се создадат и да го изразат моето доживување во моментот, а потоа да го толкувам она што излегло. Мислам дека колажот е моќен медиум за продирање во несвесното.


За „МРАК“…


„МРАК“ е проект којшто го развивам неколку години, а започна сосема случајно додека работев во еден кафиќ и еден редовен гостин секој ден оставаше весници. Техниката се нарекува редактирана поезија и притоа, наместо да додавам, јас одземам содржина од делото, а за тоа користам исклучиво црн маркер. Оттаму и името, додека другото значење се однесува на мраковите на нашето општество, бидејќи е социјално ангажиран проект. Најчесто користам политички колумни од весници, но наоѓам инспирација и во други видови текстови. Досега добив многу позитивни реакции и гостував во прилози на неколку локални телевизии. Уживам во неговото создавање, затоа што со малку може да се каже многу, а истовремено, од ист текст различни автори може да извлечат различни пораки.



За техниките…


Досега, во личните и работните проекти практикувам колаж, фотомонтажа, дигитални илустрации и црн маркер. Природно ме привлекуваат, бидејќи се алатки за истражување на алтернативни внатрешни и надворешни светови, потенцијалното и (не)возможното. Како иден предизвик, би ги посочила асемблажот, мешаните медиуми, можеби експериментирање со видеа. Огромна инспирација ми претставуваат пркосот на движењето Дада, ирационалноста на надреализмот, радикалноста на Арте Повера, духот на рокенролот и визијата на анархистичката философија. Сепак, кога работиме со клиенти, мора да постои компромис меѓу визиите и тука секогаш се трудам да влезам во нивниот свет и да го видам преку нивни очи.

На идните креативци би им кажала: Многумина ќе се обидат да ви кажат кои сте, но само вие го имате точниот одговор!



За одразот…


Верувам дека со сѐ што правиме во животот, неизбежно имаме влијание врз околината околу нас, без разлика дали тоа можеме да го видиме или не. Исто како кога ќе фрлиме мало камче во вода и тоа ќе создаде големи бранови околу себе. Јас, како и секој друг творец, оставам дел од својата душа во тоа што го создавам, а творбата е одраз на мојата субјективна реалност и мојата човечка состојба која само јас можам да ја познавам.  Со тоа, сметам дека делата не е нужно да бидат убави според естетски стандарди, за мене е поважна нивната емотивна и експресивна вредност, односно да предизвикаат доживување (макар тоа било и гадење) – и тука е нивната моќ, придвижување на душата. 



За иднината…


На краткорочен план, своите дела ги гледам во физички формат (моментално подготвувам концепти за две книги коишто долго време чекаат да ја видат светлината на денот). Работам и на авторска серија од работилници за поттикнување и ослободување на креативноста. На долгорочен план, дефинитивно се гледам во работа со луѓе како практичар на експресивна арт-терапија и фасилитатор на сите кои сакаат да ги отворат и истражат своите внатрешни светови. Секако, планирам работа на уште многу креативни проекти во аналогниот и дигиталниот свет, секогаш со доза на критичка и преиспитувачка мисла, а се надевам и на можности за создавање нови автономни креативни простори. Што подалеку од корпоративниот свет! ☺






1. Soul Walking






2. Artefact






3. I’m fine






4. Drug of Choice





МРАК






_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков


Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ