• Немате производи во кошничката.

БЕЛЕШКИ ЗА ЕДНА [ФОТОГРАФСКА] АВАНТУРА [5]

„Целата поента на фотографирањето е да не мора да ги објаснувате работите со зборови“ – Елиот Ервит

 

Некаде во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, не знам како, до рака ми дојде еден конкурс за фотографија во Австралија, а селектор беше токму Елиот Ервит, еден од најдобрите фотографи од агенцијата „Магнум“. Темата беше: „Љубов и пријателство“. Одлична тема, си реков, сигурно имам соодветни фотографии. Решив да конкурирам, да ја пробам среќата. Си помислив, и да не ми бидат примени фотографиите, доволно е што моите фотографии ќе се најдат во рацете на големиот Елиот! Веднаш да Ви кажам дека моите фотографии не беа примени на конкурсот, но тоа е помалку важно. Друг ми е муабетот.

 

Додека пребарував по моите негативи и фотографии што да испратам на конкурсот, се покажа дека темата „Љубов и пријателство“ всушност, е многу тешка тема. Да направиш фотографии на оваа тема, а тие да не бидат банални, преку една дводимензионална слика да искажеш чувства коишто некогаш тешко се изразуваат и со зборови, е навистина тешко. Можеби затоа списанијата беа преплавени со фотографии од војни, од природни катастрофи, од страдања. Тие фотографии секогаш биле „атрактивни“. Сепак, повеќето луѓе во текот на својот живот лично не ги доживеале сцените од таквите фотографии, а воајерот во нив отсекогаш сакал да види како изгледа тоа.


Ми се чини дека тогаш почнав повеќе да размислувам за феноменот на фотографијата, а не само да фотографирам. Со време, како фотографијата стануваше моја опсесија, сè повеќе истражував и читав за неа. Од денешна перспектива, гледам дека работите не биле толку едноставни. Што? Фотографија? Имаш фото-апарат, имаш филм (денес дигитална камера или паметен телефон, сензор), и… си правиш фотографии.



.

Појавата на фотографијата, во дваесеттите и триесеттите години од XIX век претставувала вистинска револуција. Првата зачувана фотографија (тогаш позната како хелиографија), ја направил Никифор Ниепс во 1826 година, но сепак, за пронаоѓач на фотографијата (тогаш позната како дагеротипија), се смета Луј Дагер кој, на 7 јануари 1839 година, на членовите на Француската академија на науките им прикажа пронајдок што засекогаш ќе ја промени природата на визуелната претстава: фотографијата. Луѓето биле одушевени од новиот пронајдок.


Некои дури и сликарството го прогласиле за мртво. Конечно е пронајден начин и средство за објективно прикажување на реалноста! Правењето фотографии во тоа време не било воопшто едноставно. Напротив. Тоа било многу мачно. Првите фотографи морале со себе да носат цела фотолабораторија, стаклени плочи и хемикалии. Плочите со фотоосетливи хемикалии ги подготвувале непосредно пред фотографирањето, а веднаш потоа морале да ги развиваат фотографиите. Дури подоцна се појавиле фотографските студија, а процесот станал поевтин и поедноставен.


Но, вистинската револуција се случила некаде 1925 година кога Оскар Барнак ја конструирал првата Лајка-камера којашто користела 35-мм филмска лента. Малечка, лесна, со квалитетни објективи, таа одушевено била прифатена од фоторепортерите и побогатите фото-аматери. Започнало златното доба на новинската фотографија. Растрчани по светот, фоторепортерите прават фотографии коишто го одземаат здивот. Се обидуваат да го сместат животот во таа малечка магична кутија. Со голем успех. Времето некаде од триесеттите па сè до крајот на седумдесеттите години од минатиот век се смета за златно доба на новинската фотографија, и на фотографијата воопшто. Магазините како ВУ, Пикчр Пост, Лајф, Есквајер и други се продаваат во илјадници примероци. 


Истовремено, Мен Реј и уметниците од неговото опкружување […]


ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ // СКАЛА МАГАЗИН БР.1



ПРОДАВНИЦА: СКАЛА МАГАЗИН бр.1
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

 

______
ФОТОГРАФИЈА: Драги Неделчевски
ИЛУСТРАЦИЈА: Иван Мегленов

Активен и плоден фотограф повеќе од 40 години. Автор е на неколку самостојни изложби, претставени дома и надвор. Дел е од основачите на фото група „Чкрап!“ и креативната заедница Creative Exchange. Автор е на неколку монографии, како и ко-автор на првата книга за македонски фотографи „12 македонски фотограф[к]и“. Неговото богато искуство го споделува со студентите по фотографија во Џолев и уметностите, но денес и во Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ