• Немате производи во кошничката.

СОГОЛУВАЊЕ – ГЛАСНО ЗА РАБОТИТЕ КОИШТО СЕ ШЕПОТАТ



– тоа што шејтанот го шепоти, филозофот го кажува гласно – 


I.

Гласно за работите коишто се шепотат – во древната митологија


Уште древните митолошки ликови ни потврдуваат дека „кажување гласно на нештата коишто се шепотат“ го носи со себе неизбежниот ризик, опасност, тешки последици, осуди, прогонства, мачеништва. Тантал ќе ги открие тајните на боговите, поточно, ќе го каже „гласно тоа коешто се шепоти”. Боговите ќе се разгневат и ќе го осудат на вечна глад и жед. Прометеј, со неговата неизмерна љубов кон човештвото, му го дава огнот на човекот, поточно, желбата за знаење, копнежот по нови сознанија, потребата за цивилизациски развој и културен напредок. Завидливите богови ќе се налутат и ќе го оковат на карпа. Прометеј – олицетворение на љубовта кон човештвото – е осуден на ужасни маки и страдања. И херои(ни)те на античката трагедија кои храбро се спротивставуваат на апсолутистичкиот законик на владетелот-тиранин „кажувајќи го гласно тоа коешто се шепоти“, завршуваат трагично. Таква е судбината на хибрисите: оние кои пркосат на самоволието на боговите. Такво е древното устројство – и земно и небесно.



II.

Гласно за работите коишто се шепотат – во модерната митологија


Денешните, модерни херои кои „гласно говорат за нештата коишто се шепотат“, ја делат судбината на древните херои, имено, за нивниот пркос добиваат соодветна казна – или ќе бидат „оковани“ или осудени на вечна „жед и глад“. Не е мал бројот на модерни херои, кои во улога на хибриси, им пркосат на денешните богови – империјалистичките неолиберали – говорејќи гласно за нештата коишто се шепотат. Епилогот на секое нивно жестоко спротивставување е „вечна жед и глад“. Модерните хибриси – оние кои им пркосат на модерните богови – свесни се за сопствената немоќ пред апсолутноста и самоволието на полудените империјалистички неолиберали. Но, од друга страна, исто така, се свесни дека таква е судбината на модерните хибриси: да им пркосат на бездушните владетели на денешницата. И обете страни (каква иронија!) свесни се дека такво е устројството, дека таква е ИГРАТА. „Најавувачот“ С. Бекет уште одамна ја најави завршната сцена на човековата цивилизација – „Крајот на играта“.






III.

Гласно за работите коишто се шепотат на „штиците коишто живот значат“


„Умирам ама Tуркина не ќе станам“. Оваа историска реплика, овој револуционерен потег во областа на македонскиот театар го прави „наш човек“ – Војдан Чернодрински, удирајќи ги на тој начин темелите на европскиот ангажиран политички театар. Да излезеш на сцена и да кажеш „Умирам ама Туркина не ќе станам“ не е ништо друго, туку гласно кажување на нештата коишто се шепотат. Со оваа бунтовничка, револуционерна реплика, основоположникот на македонската драма и театар, Војдан Чернодрински, упатува отворен повик за политичка борба против поробувачот.

Ервин Пискатор е другиот театарски уметник кој преку „штиците коишто живот значат“ќе се обиде гласно да проговори за нештата коишто се шепотат во општествено-политичкото секојдневие. Како уметник, неговата цел беше – преку гласно кажување за нештата коишто се шепотат – да ја разбуди свеста кај експлоатираниот пролетаријат предизвикувајќи на тој начин социјална (економска) револуција со цел да се подобрат условите за работа и живот на работничката класа. Но, неговиот гласен говор постојано удираше во ѕид, ѕидот на тогашниот суров и бескрупулозен т. н. ран капитализам, ѕид којшто беше цврст и непробоен. По долгогодишни, безуспешни обиди, Ервин Пискатор ќе се повлече од неговата идеја: преку театар да предизвика кревање на социјална револуција. Ѕверот, олицетворен во суровиот капитализам, беше премногу силен за да може уметникот – преку уметнички средства – да му се спротивстави.

Денес т. н. политичка сцена е претворена во простор за испуштање на крикови и само крикови. Но, ако крикот не е „корисен“, тогаш тој не води никаде, освен во нов крик или удвојување на стариот крик. Корисен крик значи преобразен крик, претворен во енергија/орудие за ослободување од крикот. Ваков беше сонот на Б. Брехт – општествениот крик да го преобрази во сила којашто гледачот ќе ја искористи како орудие за дејстување и менување на општествените состојби. За да биде остварена оваа цел, дијалектичарот Б. Брехт (современик и близок пријател на Ервин Пискатор) вели: „Оној кој има намера да им се спротивстави на лагите и незнаењето и да пишува за ВИСТИНАТА, мора претходно да совлада најмалку пет тешкотии: 

– прониклив ум, за да ја препознае вистината;

– храброст, за да може да пишува за вистината;

– способност, за да ја направи вистината употреблива како орудие;

– промисленост, за да ја пренесе вистината кај оние во чии раце ќе биде делотворна;

– лукавство, за да ја шири вистината меѓу нив.“

Овие тешкотии можат да ги совладаат само хибрисите: оние кои им пркосат на модерните божества (неолибералниот капитал), со сиот ризик да бидат „оковани“ или да бидат осудени на „вечна жед и глад“.  

СЦЕНАТА НЕ Е ОГЛЕДАЛО НА СТВАРНОСТА 
ТАА Е ЖЕСТОК СУДИР МЕЃУ УМЕТНИКОТ И СТВАРНОСТА
(ДВЕ МЕЧКИ ВО ПЕШТЕРА ФАТЕНИ ЗА ГУША)
ВО ОБИД  ДА СЕ ЅИРНЕ  „ЗАД“  ОГЛЕДАЛОТО



IV.

За двосмисленоста на „гласно за работите коишто се шепотат“


„Гласно за работите коишто се шепотат“ може да биде чин на промисленост, мудрост, етичност, храброст.

„Гласно за работите коишто се шепотат“ може да биде чин на непромисленост, наивност, недоветност, избрзаност.

Исправно е и едното и другото. Сѐ е во проценка на мигот, бидејќи кога ќе влеземе во сржта на животот, ќе видиме дека таму сѐ е двосмислено:  

– убавиот збор железни порти отвора, само ако молчењето е злато 

– другиот образ се врти само ако биде возвратен шамарот 

– искреноста се цени само ако лагата е корисна 

Сѐ е во проценка на дадениот миг. Останатото му припаѓа на лудиот фанатизам, присутен насекаде – во уметноста, филозофијата, религијата… во самиот живот. 







СОГОЛУВАЊЕ – ДУХОВЕН ПРОЦЕС НА СЕБЕСОЗНАНИЕ

– актер-трагач по самиот себеси – 

I.

Соголување на „штиците коишто живот значат“


Духовното соголување на актерот на „штиците коишто живот значат“ е процес на гласен дијалог со самиот себеси. Имено, сето она што за нас самите го шепотиме на нас самите, сега го кажуваме гласно, јавно… „на штиците“. Овој чин на себесоголување е ризичен, неизвесен, болен процес, како вадење заб без анестезија. Оваа болка произлегува од директниот напад врз гордоста на нашето его, навикнато да му ги исполнуваме сите потреби и желби. Колку повеќе ја соголуваме гордоста на „јас“, толку е поголема болката. Колку повеќе говориме гласно за нас самите, толку е поголемо страдањето на гордото „јас“. Духовното соголување на „штиците коишто живот значат“ е еквивалент на духовното соголување пред свештено лице – процес којшто секогаш почнува од почеток, бидејќи секогаш има нешто ново за откривање, нешто коешто претходно не сме имале доволно храброст да го откриеме, да го кажеме гласно. Секогаш има некој нов „грев“ којшто сме го сториле меѓу две исповеди, меѓу две претстави. Во суштина, сопственото духовно соголување на „штиците коишто живот значат“, поточно, гласниот говор за нас самите е – исповед. Со таа разлика што божјата исповед ја слуша само свештеникот, а исповедта на „штиците коишто живот значат“ ја слушаат сите – urbi et orbi. Храброста (и ризикот) се на страната на уметноста. 

Погрешен е ставот дека духовното себесоголување на актерот се случува со цел актерот да се доближи поблиску до гледачот, напротив, актерот духовно се соголува за да дојде поблиску до самиот себеси. Колку посоголен, толку поблиску до самиот себеси, толку поблиску до слободата, негова слобода и ничија друга. 

Актерот секогаш треба да раскажува за себе и само за себе. Ликот кој го толкува го користи само како средство, како поттик да проговори за себе. Преку ликот, актерот ја раскажува сопствената приказна навлегувајќи во својата внатрешност со цел да се соголи, гласно да проговори за себе, да се соочи со самиот себеси: со сопствените стравови, предрасуди, фрустрации, заблуди, архаизми. Колку поцелосно соголување, колку погласен говор за самиот себеси, толку поуспешно соочување со самиот себеси, толку подлабоко откривање на самиот себеси. Толку поголема лична слобода.
Актерот го користи ликот како мост за премин на спротивната страна – кон самиот себеси, таму каде што шепотот и гласноста меѓусебно се разрешуваат станувајќи ЕДНО. 



II.

„Мистиците“ на театарот велат дека актерот е создаден од рафиниран, прeчистен материјал, дека неговата природа е префинета. Ако сака да се бави со критика на општествено-политичките состојби, тогаш треба да се спушти на ниво на таа грубо-реална, прагматична градба, наречена – политички систем. Но (и да сака) актерот не може да се спушти на тоа ниво, бидејќи „секој посилен живот минува низ останатите, проголтувајќи ги како преобразба, како добро, како препород“ (А. Арто). Уметникот, по дефиниција, влегува во посилните животи: неговата судбина е да минува НИЗ грубиот општествено-политички живот проголтувајќи го како добро, какo преобразба, како препород… како сопствена слобода.    

Постои една мистерија во врска со античките театри, поточно, актерот. Имено, ако самата сцена на која игра актерот е „задоволна” од неговата игра, тогаш таа (камената сцена) почнува да испушта звуци коишто само актерот може да ги чуе. Магичните звуции траат само миг, колку да го поздрават актерот. Малкумината актери кои го искусиле мигот, сведочат дека мигот е вечност. До ден-денес, оваа мистерија не е разрешена. Древните мудреци велат дека тоа не е можно, затоа што мистеријата е „соѕидана“ заедно со каменот од којшто се ѕидале античките театри. 

ред камен – ред мистерија 

ред камен – ред мистерија

Кога врз кипот на Мемнон ќе паднат утринските сончеви зраци, камениот кип произведува волшебни звуци со коишто Мемнон ја поздравува својата мајка Аврора.



ЗА КРАЈ…  ИЛИ ЗА ПОЧЕТОК… ЕПИСИ БИР

Гордото „јас“ – пречка на патот кон соголувањето 

Гордото „јас“ го спречува уметникот да го изврши чинот на духовното, себесознајно соголување. Неговото гордо „јас“ бега од самосоголувањето како ѓавол од темјан, како вампир од светлина, како Орест од лудите фурии. Зошто бега? Затоа што духовното себесоголување е чин на ослободување од безмерните исполнувања на желбите на гордото „јас“.

Преку секојдневните соочувања со опојните искушенија на животот, ние постепено ја губиме нашата детска искреност и чедност, добиени со нашето раѓање. Имено, хранејќи го нашето „јас“ преку задоволување на неговите незаситни желби и потреби, ние ја заклучуваме нашата детска природа во најдлабоката темнина на нашето битие. Колку повеќе го храниме/задоволуваме нашето „јас“, толку повеќе детската природа се повлекува во мрачниот ад на нашето битие. Кога „јас“ ќе се искачи на самиот врв од гордоста, тогаш битието ја губи свеста за детското-во-нас. Некои уметници, трагачи по самите себеси, засекогаш се имаат изгубено самите себеси: чедноста, искреноста, детската наивност. Гордото „јас“ станува неприкосновен господар над нивниот дух, душа, срце. 

Животот на его-трип уметникот одминува во вечно заробеништво на самиот себе (без свест за тоа). 



ЗА УШТЕ ЕДЕН КРАЈ… ИЛИ ПОЧЕТОК…  ЕПИСИ БИР

„Гласно за работите коишто се шепотат“ во македон-земјата 

Нашата убава македон-земја е Еденска градина за шепкачи. Стуткани под Дрвото на сознанието, шепотиме за она коешто треба ГЛАСНО да се каже. Зошто? Затоа што нема кој да ни „понуди“ да го гризнеме јаболкото на сознанието. Шејтан-змијата е во емиграција, јаболкото е скоро гнило, а ние, стуткани под Дрвото на сознанието, шепотиме – се погласно и погласно. 










_____
Автор: Суад Беговски Сухи
Илустрација: Aндреј Павлов

Актер, голем познавач и аналитичар на театарската и филмската уметност. Неговата кариера започнува уште како студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кога патува низ најзначајните театарски случувања во Југославија. По дипломирањето неколку години работи во театарот на Roberto Culi „Theater a.d. Ruhr“ во Mulhajm. Денес сигурно ќе се сетите на неговото последно филмско остварување „Попот“ од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ