МАРИЈАНО ФОРТУНИ – Oслободител на женското тело и уметник на модата
„Фустанот од Фортуни што таа вечер го носеше Албертина ми се чинеше како примамлива сенка на невидливата Венеција“
– Марсел Пруст, Затвореничката (Во потрага по изгубеното време)
Историчарите на модата се согласни дека Маријано Фортуни и Пол Пуаре се авторите кои, на почетокот на дваесеттиот век го дале најголемиот придонес во долгиот процес на ослободување на женската мода од рестриктивните парчиња долна облека, внатрешните структури и многубројните додатоци.
Во втората половина на 19-от век, во одредени кругови на Европа биле направени првите посериозни обиди да се поедностави облеката и редуцираат елементите коишто го граделе изгледот.
На вториот Конгрес на Советот на германските жени, одржан во Штутгарт во 1868 година, се говорело за потребата од реформа на облеката и „начините и средствата“ за пружање отпор кон „тиранијата и каприците на модата“.
Повторно во Штутгарт, околу 1880 година, започнува една друга „здравствена“ кампања, предводена од научникот Густав Јегер за сензибилизирање на јавноста за бенефитите од носење облека направена од волна, во директен контакт со телото. Неговите теории го инспирирале создавањето на британскиот бренд „Јегер“ специјализиран за долна облека направена од волна, во 1884 година, од страна на Луис Томалин.
Во 1881 година, во Лондон било оформено т.н. Друштво за рационална облека, коешто се бунтувало против употребата на било кој тип модна облека којашто ја „деформира фигурата, го ограничува движењето и на било кој начин му наштетува на здравјето“. Членовите на ова друштво се произнесле против употребата на тесните корсети, чевлите со високи потпетици, тешките здолништа итн..
Иако, дел од овие усилби нашле на широк одек во јавноста, сепак, официјалната мода на крајот на 19-от век сѐ уште ги следела ригорозните канони на облекување на дамите од „доброто“ општество, особено видливо во менувањето на облеката неколку пати во текот на денот во зависност од делот на денот и пригодата, поделбата на ателјеата на конзервативни и либерални, употребата на корсетот за обликување на силуетата, вообичаената примена на бои, комплетирањето на изгледот со низа модни додатоци итн.
На крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, интернационалниот стил познат како „ар нуво“ доминирал во архитектурата, применетата и декоративна уметност, во 1905 година, фовистите го скандализирале Париз со употребата на силните бои, а од 1909 година, раскошните продукции на „Руските балети“ на Сергеј Дјагиљев влијаеле и на официјалната мода, во однос на орнаментиката, деталите, боите, па дури и на асимилирањето на одредени типови облека и додатоци. Во ваква атмосфера започнала професионалната работа на Фортуни и неговата борба за ослободување на женското тело од рестриктивната мода.
Маријано Фортуни и Мадразо бил роден на 11 мај 1871 година, во Гранада. Тој бил син на еминентниот шпански сликар Маријано (Марија) Фортуни и Марсал, а неговата мајка Сесилија де Мадразо и Гарета потекнувала од уметничко семејство. Неговите родители биле познати колекционери на уметнички дела, старо оружје и оклопи, керамика, ткаенини итн. Токму збирката на стари ткаенини ќе одигра огромно влијание на подоцнежната креативна работа на Фортуни. На тригодишна возраст тој го изгубил таткото. Неговата мајка, во 1875 година, решила со децата да се пресели од Рим во Париз. Таму таа организирала продажба на дел од колекцијата на стари ткаенини од 13-от до 18-от век. Од каталогот за продажбата во француската престолнина видливо е дека станува збор за една од најпрестижните европски приватни збирки на ткаенини. Ткаенините коишто не се продале, станале јадро на нејзината идна венецијанска колекција, којашто ја наследил Фортуни по нејзината смрт.
Маријано Фортуни од раната возраст го покажал талентот за сликање, но и љубовта кон ткаенините. Во детството тој ги направил првите обиди за бојадисување на ткаенини. Иако се сметал за самоук, дел од ликовнато образование го добил од неговиот вујко Рајмундо, а неформално, во неговото образование учествувал и скулпторот Огист Роден.
Во 1889 година, семејството повторно се сели, овојпат во Венеција, којашто ќе стане нивен постојан дом.
Во младоста, Фортуни патувал по Европа. На овие патувања, тој ја имал можноста одблиску да се сретне со делата на омилените уметници, но и да ги прошири познавањата од хемијата и физиката, како за време на престојот во Германија. Во 1892 година, после присуството на неколку изведби на делата на Рихард Вагнер во Париз, Фортуни отпатувал во Бајрот. Љубовта кон музичките дела на Вагнер ќе резултира со многу насликани сцени за неговите опери и иновативни сценографски решенија. Во доменот на професионалните интереси на Фортуни, покрај модата и текстилната продукција, биле архитектурата и внатрешното уредување, фотографијата, графиката, скулптурата, сликарството, театарското осветлување и сценографијата итн. Зад себе оставил многу патентирани изуми.
Во 1897 година, Маријано Фортуни ја сретнал Анриет Негрин, неговата идна сопруга и соработник во изведбата на многу од неговите модни дизајни. Од 1902 година, палатата Пезаро Орфеи во Венеција (подоцна позната и како палатата Фортуни) станала нивен дом и простор за експериментирање со техниките на изведба, бојадисување, украсување и печатење на ткаенините, облеката и додатоците. Во 1906 година, Фортуни ја отвара неговата модна куќа, а веќе во следната 1907 година, заедно со сопругата го создаваат познатиот „делфос“ фустан. Продукцијата на овие плисирани фустани, во различни варијанти во однос на отворот околу вратот, должината на фустанот итн. траела до педесеттите години на минатиот век. „Делфосот„ бил инспириран од познатата статуа „Возачот (Аурига) од Делфи“, со јасна референца на т.н. ксистис, долгиот хитон. Деликатното, неправилно плисирање било постигнато со употреба на вжештени керамички валјаци. Плисирањето на ткаенините (најчесто лежерен свилен сатен и тафта), овозможувало флуидност на облеката и прилагодување на телото. Страничните шевови и порабите околу отворите за раце, порабите на долгите ракави итн. на „делфосот“, но и на некои други типови облека, биле украсувани со мониста од муранско стакло, Монистата имала декоративна, но и утилитарна функција, да обезбеди тежина на одредени делови на облеката, а со тоа да влијае и на нејзината форма.
Варијанта на „делфосот“ бил „пеплосот“ со надворешна туника, а „кнососот“, дизајнерскиот првенец на Фортуни, бил направен од две правоаголни парчиња драпирана ткаенина и употребуван како дел од театарски костим, а подоцна како моден додаток (шал).
Жакетите, палтата, наметките, варијантите на пелерини итн. Фортуни ги осмислувал како парчиња облека направени од потешки ткаенини како кадифето и под влијание на облеката на културите од […]
ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ // СКАЛА МАГАЗИН БР.1
СКАЛА МАГАЗИН бр.1
КУПИ ★ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА
______
Фотографија: Антонио Станков
Илустрација: Александра Јовановска
______
Претходен напис: Со облеката и додатоците низ времето и просторот – Никола Ефтимов