• Немате производи во кошничката.

САМОПРОБУДУВАЊЕ НИЗ ПОЕМО-ЦРТАЊЕ


длабоко заздравување наспроти формално образование



“Friendship is a mirror to presence
and a testament to forgiveness.”

David White



Што значи неформален начин на учење?
– Постанување на пријател со самиот себеси.

Формалното образование нѐ обврзува на трка при исполнување на наметнати обврски и почитување на апстрактни форми на ред, неформалното образование нѐ учи да се гушнеме и прифатиме себеси и она што ни е битно.

Формалното е нешто што се мора за да се постигне некакво одобрување; неформалното е нешто што се сака и што нѐ учи на внатрешна слобода. 

Формалното се одвива во зградите на институциите, неформалното се одвива и се раѓа во односите помеѓу оние кои се жедни за создавање, не барајќи ништо за возврат.

Формалното е опседнато со објективното; неформалното е вљубено во трансцедентално субјективното.

Неформалното нѐ повикува да се откриеме себеси. 
Несвесното, да го претвориме во творечко свесно.
Да бидеме искрени, наместо љубезни. Да ја озавестиме посебноста на сопствениот начин на врзување со реалноста (Tarkovsky’s definition of poetry)1 и да се стремиме кон нешто повеќе од преживување (Perez-Gomez’s definition of poetic)2.


Соодветна средина за учење и раст е токму онаа којашто е насочена на посветување и развивање на овој твој посебен начин на врзување со реалноста.

Не ме разбирајте погрешно, не станува збор за црно-бел контраст: формалното проникнува во неформалното и обратно. Нема друг начин да направиме разлика помеѓу нив. 

Неформалното сум го доживеала низ градење на однос со ментор кој е подготвен да се даде себеси поинтензивно и на поинаков начин од улогата за којашто што е платен.

Неформалните ментори слушаат повеќе отколку што зборуваат: создаваат една атмосфера во којашто секој присутен се чувствува рамноправен и битен да го искаже тоа што го чувствува и мисли. Тие градат една творечка храброст да се дискутираат темите од коишто најчесто се бега.

Неформалниот ментор те слуша зад твоите зборови – го гледа твоето Автентично Јас пред да го изразиш и прави сѐ што може за да те доведе во потопла врска со него. Те охрабрува да ги симнеш слоевите на тоа што мислиш дека си и да пораснеш – низ она што е специфично твое.

________
1 Tarkovsky, Andrey. (1989) Sculpting In Time: Reflections on Cinema. Texas University Press, Austin.
2 Pérez-Gómez, Alberto. (2006) Built Upon Love: Architectural Longing After Ethics and Aesthetics. MIT Press, Cambridge.
3  Гоце Аџи Митрески ја охрабруваше употребата на зборот “чувствува” наместо “мисли” за да ги ослободи студентите од сеприсутните себедокажувања. Не учеше да чувствуваме и да ја сфатиме битноста на тоа чувствување во градењето и осознавањето на нашата внатрепност..



Богданова: Градско срцебиење (Випавски Криж).



РАЗБУДЕНА ПРАКСА како заздравување

Освестена или разбудена пракса, е начин на создавање во којшто авторот е учител на самиот себеси. Терминот го употребува Сузан Каин (deliberate practice) како човеково создавање коешто се случува природно одвнатре, не заради надворешна потврда или награда. Додека во класичните начини на образование, групната работа е економична и охрабрувана и покрај ризикот на групно размислување, Разбудено Творење се случува посебно силно кога човек е сам: 

„бара интензивна концентрација, длабок мотив и е најчесто самогенерирана. Но, најбитно, вклучува работење на задача којашто е најпредизвикувачка за тебе лично”. (Ericson in Cain, 51)4

Кога создаваме „разбудено”, свесно, за момент не ни е битно дали создавањето е прагматично, корисно или доволно технично. Се разлеваме во сонување – зад било каква дисциплина, строгост или награда. За разбудено создавање и посветување, не ни е потребно трпение – потребна ни е љубов. 

ГРАДОЉУБИЕ како култура

“Градољубител е мистик, кој живее со привиденијата за својот град, кој верува во неговите чудеса, кој не верува во она што е очигледно, кој најголемиот дел од своите среќи во него ги измислува, и кои прави планови без размер и логика, сѐ што се користи во градот.” 

(Живко Поповски во Христова-Поповска и Батакоја 2017, 156)5.

Моќта на неформалното образование е токму во тоа што е свесен избор: неговата големина е неговата нецентрална позиција како место на поинакво учење. Акцентот во неформалното образование не е да се “преживее” од испит во испит, туку да се порасне со поседување на одреден степен на свесна контрола врз својот начин, процес и место на растење.

Во неформално образование ми се чини дека се лажеме себеси помалку: преку зачекорување кон нашата внатрешност и карактер се ослободуваме од нашата персона – се ослободуваме од тоа што е очекувано да бидеме за некаде да се вклопиме. 

Зачекорувањето во нашата внатрешност повлекува и будење на свесност за кого и за што се грижиме, кого љубиме, по што копнееме. Зајакнатата врска со себеси, нѐ доведува до зајакнато разбирање на светот и на творечките прашања. За да разбереме нешто, треба прво да сакаме да го разбереме и да научиме да го сакаме. 

Живко Поповски пишуваше дека „кај примитивните луѓе не постои грижа за градот, туку само барања, нема ниту мечти ниту потреби”. Скоро секогаш, примитивноста којашто тлее во секој од нас, го попречува тоа поврзување со себеси и поврзување со средината којашто ја населуваме. Примитивноста се врзува со слепа и пасивна критика; наместо мечтаење и замислување на поинаква реалност, полесно ни е кажеме како околината нѐ уништува. Примитивноста е присутна и во највисоките образовни институции. Сѐ додека функционираме во ова поле на одбранбени механизми и неконструктивна критика, нема да научиме да го љубиме градот и околината.

Единствениот излез е проектантско набљудување: „Ниедна голема личност не го претставува градот каковшто е во суштина, туку како го замислува, како сака да изгледа.”. Единствениот начин да научиме да сакаме, е да создадеме наш јазик на творечко размислување. Не тој којшто е наметнат – формален, туку оној којшто е внатрешно пораснат – оној неформалниот.





________
4  Cain, Susan. (2012) Quiet: The Power of Introverts in a World That Can’t Stop Talking. Crown Publishing Group, New York.
5   Hristova-Popovska, Aneta and Meri Batakoja (eds). (2017) Na Skopje so Ljubov: arhitektonskata misla na Živko Popovski. Private Print, Skopje..
6   ibid, 157.

ПОЕМО-ЦРТАЊЕ КАКО КОНТЕМПЛАЦИЈА И ЈАЗИК НА ОТПОР

Пишувањето и цртањето се често посматрани во архитектонската заедница како неекономичен начин на губење време. Но тие всушност ни дозволуваат да си земеме време за достигнување на подлабок степен на разбирање, да постанеме пријатели со местото на истражување, но и пријатели со самите себеси. Нашата просторна свесност лежи во внатрешната заспана мудрост во којашто треба да навлеземе со верба во нашето тело, со верба во нашето акумулирано знаење.

Ова е нешто на коешто не нѐ учат во традиционалните школи за архитектура. Архитектонската интелигенција се отплетува во вотеловеното искуство, поле надвор од апстрактните концепти на ред, поле на личното и посебното, не на општото и корисното за општеството.

Преку поемо-цртањето, доаѓам во поблиска поврзаност со себеси, со нештата коишто ги љубам и со нештата коишто сакам да ги запомнам. Ги реконструирам чувствата од значајни моменти и комуницирам со моето минато Јас како карактер, не како персона. Станувам свесна за просторните сеќавања и за своето внатрешно засолниште – складиштето каде што го наоѓам своето искуствено знаење за термините „убавина”, „љубов” и „добрина”.

Поемо-цртањето е форма на длабоко слушање, слушање зад она што е кажано и чуено.

Поемо-цртањето е бавност којашто му овозможува на моето тело време да се предаде на искуството
живо (во моментот на посматрање), запомнето (сеќавање) и замислено (проектантски извор).

За белгискиот архитект Јохан Ван Ден Берге, процесот на цртање е неговиот „отпор”, отпор кон „криминалните замени на реалноста од реализмот””8.

Одете подалеку од образование коешто ве подготвува за послушност кон реализмот, наместо преобмислување на реалноста.9.



Богданова: Хронолошки пресек на праксата (11 избрани проекти 2013-2019)

________
7  ibid, 157.
8   Van Den Beghe, Jo. Manifesto. Accessed October 2021.
9  Van Den Beghe, Jo. Manifesto. Accessed October 2021.

 ПОЕМО-ЦРТАЊЕ КАКО ПЕДАГОШКА МЕТОДА НА АРХИТЕКТОНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

Пренагласеноста и слепата верба во технолошки и научен линеарен прогрес може да нѐ направи игнорантни кон сопствената моќ на филтрирање и критично спротивставување на вообичаени обрасци на групно однесување. Ова се случува во архитектурата, но и во други дисциплини: понекогаш, пренагласената објективност е бегање од внатрешната одговорност, дефокусирање од личната одговорност преку гласови на нови краткорочни технолошки новитети. 

Игнаси Сола де Моралес пишува строга критика на „садомазохистичкиот” раскол помеѓу архитектонската пракса и архитектонската теорија и критика, што се чини дека е последица на оттуѓена и површна врска базирана на страв, наместо на трагање по вистина10. Наместо да бараме одговори во себе и да стапиме во творечка врска со местото на истражување, очајно бараме надворешен авторитет да ни каже што треба да биде направено. Оттука произлегуваат и проблемот на одвојување на телото и умот од околината на живеење во модерната медицина: “луѓето се набљудувани како автомати, битија без вистински емоционални и духовни потреби11.

Поемо-цртањето, како педагошка метода, не цели да ја деградира битноста на мерливото, формалното, рационалното, систематичното или пресметливото во архитектурата; цели да го дополни нивниот потенцијал преку правење на простор за автентичноста на човековата личност на архитектот за да се достигне она коешто не може да биде достигнато преку мерливото: емоционалната интелигенција, просторната чувствителност и будноста кон сопственото вотеловено искуство како извори на донесување на проектантска одлука, подалеку од апстрактните правилници.

За да се разбуди во студентот свесност за битноста на развивање сопствен јазик како инструмент на самоспознавање, неопходно е внимателно следење на чекорите на ослободување на неговото минато Јас, од страна на менторот. Набљудување на процесот на младиот човек од „несвесна идентификација” со неговото семејство или со било која друга позната група на самоидентификација, би била клучната задача на пишувањето и цртањето како педагошки инструменти за будење на соодветна самосвест:

„Без оваа свест, тој никогаш нема да знае што вистински сака, ќе остане зависен и имитативен, со чувство дека е неразбран и поттиснат”

(Јунг 1964|1981, 57-58).12
 


Феноменолошката и емоционалната поетика, којашто е ефективна против рационализација-како-бегство-од-себеси, може да ја намали растечката ирационалност во светот ако се обидеме да ја бараме еднаквоста заснована на „човеково духовно достоинство” (Достоевски, 1880|1968, 401)13, наместо братството засновано на „дистрибуција на добра и одредување колку некој е платен и што мора да направи” (Достоевски 1862|2008, 71)14.

________
10  Solà-Morales, Ignasi de. (1996) Differences: Topographies of Contemporary Architecture. Massachusets Institute of Technology, page 139.Trans. Graham Thompson from Differencias. Topografia de la arquitectura contemporanea (Barcelona 1995).
11    Gabor Mate in Benazzo, Maurizio and Zaya. (2021) The Wisdom of Trauma. Film, Science and Nonduality. 
12  Jung, Carl Gustav. (1964|1981) Collected works: Development of Personality. Volume 17. Bollingen Series XX. Ed. Adler, trans. Hull. Princeton University Press, New York.


Што значи соодветен универзитет или соодветно образование во твојот свет? 


Земи си време, земи здив и обиди се да си одговориш на прашањето пред да продолжиш со читање.
Според Хегел и според Ајда Жагар, студентка на Архитектонскиот факултет во Љубљана, универзитетот е „систем на знаење; a знаењето е знаење дека постои ново знаење”. (Жагар, 2019). Универзитетот како зграда, е различен од универзитетот како склоп на поврзување помеѓу луѓето кои имаат слични линии на фасцинација

Педагошкото сретнување со Ајда се случи во февруари 2019 година. Педагошкото сретнување се разви во длабоко пријателство коешто се протегаше многу подалеку од работилницата на којашто се сретнавме. Следниот семестар, на семинарот кај проф. Водопивец, Ајда имаше задача да проектира универзитет во градот. Нејзината одлука беше апофатична – таа се одлучи да не гради нови згради, туку да ги оживее запуштените простори во центарот на Љубљана.

Го именуваше Универзитетот како Арматура на градот

Арматура е отворена рамка во којашто се лее скулптура. Арматура е синоним за нешто коешто го содржи балансот на сили коишто го држат постоењето на нешто меко. Истовремено, во контекст на армираниот бетон, арматурата е материјалот којшто ги прима силите на тензија и така ја компензира слабата моќ на затегнување и еластичност на бетонот. Нејзиниот универзитет е истовремено стабилно засолниште и променлив облак којшто ја вдомува тензијата како сила којашто ги води личностите во раст зад границите на можното. Нејзиниот универзитет е арматура за урбаната средина зашто дејствува во различни правци на тензија, прегрнувајќи ја тензијата на нивното течење. Идејата произлезе од нејзината прва скица, каде што човечка фигура со нагласена вертикалност стои пред човеколиките столбови на влезот на универзитетот и се прашува:

“Како да се живее во свет во кој единствената цврстина сме Ние?”



Ајда Жагар: Универзитет – арматура на градот.
Сведоштво (testimonial) од Ајда Жагар за педагошкото сретнување

“Педагошкото патување со Викторија почна не толку долго одамна, а сепак, се чувствувам како да се знаеме отсекогаш. Во ова патување, го откриваш својот најстар пријател – самиот себеси. Се учиш да се изразиш, не заради тоа што мораш да зборуваш, се учиш да црташ не заради тоа што мораш да се браниш пред критика. Се учиш да црташ со единствена цел на чисто уживање во истражувањето на светот. И, низ ваквото осознавање на светот – влегуваш во подлабоко сретнување и откривање на самиот себеси.

Викторија ме воведе во овој свет. Го претстави мојот јазик на мојата душа и мојот дух. Ме научи да ги пуштам рацете да бидат инструменти коишто не се стремат кон систематска совршеност, туку копнеат по оставање на оттис. Линија по линија, полека учев да зборувам со самата себеси. Да си дадам глас. Да си дадам простор. 

Така го откривав и го откривам цртањето, затоа што прави смисла да бидам јас, и да го читам светот на начинот на којшто го читам.”


Богданова: Недовршеност – обид за поемоцртање при патување


________
13  Dostojevski, Fjodor. (1880|1968) Braća Karamazovi [The Brothers Karamazov]. Book 1. Izdavačko Preduzeće Rad, Belgrade. Tran. J. Maksomović.
14   Dostoyevsky, Fyodor. (1862|2008) Winter Notes on Summer Impressions. London: Alma Books.
15 Реченици од видеото направено за нејзиниот завршен труд на Студиото кај проф. Алеш Водопивец, зимски семестар 2019-2020. Архитектонски факултет, Универзитет во Љубљана.
16 Работилница именувана Урбани интерпретации низ искуствено цртање, водена од проф. Др. Тадеја Зупанчич, доц. Пол Робинсон и докторант Викторија Богданова. Фебруари-Јуни 2019. Архитектонски факултет, Универзитет во Љубљана.

ЗАВРШНА РЕЧ

Кога размислувате за своето или за образованието на вашите деца, прашувајте за педагошката зрелост на професорите. Нека не ве интересира угледот на институцијата – универзитетот не треба да биде суетен физички простор, туку склоп на живи врски коишто меѓусебно се остваруваат и охрабруваат. 

Истражете ги личностите кои предаваат таму – не дали се ѕвезди-архитекти, туку дали се отворени да даваат и да примаат знаење, односно дали се способни да сакаат? Дали се trauma-informed? 

Нека не ве залажуваат слаткоречиви и љубезни. Не ги мешајте наметливоста и елоквентноста со мудрост. Одлучете се за оној кој знае да ве научи да дојдете поблиску до себе.

Површното предавање на знаење – го може секој. Дипломата е вид на лага, ако не е поткрепена со вистински внатрешен раст. Дипломата е надворешна потврда. Не ти треба дозвола да бидеш вистински слободен.

Длабока педагошка врска е можна само со некого кој ги споделува, охрабрува, ослободува вашите лични интереси и линии на фасцинација. Одберете човек кој самиот себеси се ослободува од мантилот на авторитет. Одберете ментор кој ќе знае да го чуе тоа што е длабоко ваше без да говорите – вашиот творечки јазик.


Богданова: Визуелна молитва, Свети Франциско од Асиси.



______
Автор: Викторија Богданова
Илустрација: Викторија Богданова

Викторија Богданова (1991)е уметница и архитект, посветена на создавање и споделување на поемоцртања (poem-drawings), како процесуални и аналитични инструменти во архитектонското и урбанистичкото истражување низ проектирање (research through design). Нејзиното петгодишно патување како докторант на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот во Љубљана (2016-2021) носи наслов Emotive Immersion Through Poem-Drawing in Spatial Design (Емотивно потопување низ поемо-цртање во просторно проектирање).Ги изложува своите дела на меѓународни конференции за уметничко и архитектонско истражување и автор е на бројни истражувачки и научни трудови, како и на две книги со поезија и поемоцртежи.Нејзината педагошка пракса се развива околу четиригодишното искуство како надворешен асистент на Архитектонскиот факултет во Скопје, едно годишно искуство како ко-ментор на работилница и консултант на семинар на Архитектонскиот факултет во Љубљана, и една година како независен ментор на индивидуални сесии за урботерапија низ поемоцртање.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ