• Немате производи во кошничката.
TOP

ИМПРЕСИИ: ДОБРО УТРО КРЕАТИВЦИ


Споделуваме импресии од првиот настан „Добро утро креативци“ – саем за размена на креативни искуства и размисли. 


Движејќи се низ шарените штандови, наидов на ценетата режисерка Теа Беговска, која воедно е и колумнист во Скала магазин и ментор во Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. На моето прашање како е и како си поминува, ми одговори: 

“Да ти кажам, се загледав во дечково на скалите и приметив дека е дојден сам, ама го гледам цело време колку му е јако. Сакав да отидам да му направам муабет, да го викнам со нас, да не стои таму сам, ама сфатив дека нема потреба, на него толку му е супер, исто како сите луѓе овде да се негово друштво. Да ти кажам и јас се чувствувам така во моментов, сите овие луѓе се мое друштво. Всушност, стоеше на скалите многу гордо, исто како што стоеше и тимот на Скала, славејќи го првото печатено издание.”



Конечно, после долго време денот беше поразличен и пошарен од тоа што стана вообичаено. Под организација на Скала магазин, Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите и Институт за дизајн и технологија -Скопје, нашиот град креативно се разбуди и освежи на летната тераса при центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. 

Уметници, дизајнери, ментори, студенти, претставници од маркетинг и дизајн- секторот – од 15:00 па сѐ до „фајрон“, разменуваа убави мисли, насмевки и разговори… 



…но и танцуваа, а за тоа се погрижи Мартина Пенева, која ја дополни дневната агенда со два диџеј-сета, лајв + дигитален перформанс.  



На оваа прва средба за размена на креативни искуства и размисли, имавме три домаќини, секој домаќин со своја причина и свое ќоше.
 

Нашето ќоше – штандот на Скала магазин беше резервиран за промоција на првото печатено издание на магазинот и истото можеше да се купи по промотивна цена од 600 денари. За тие што не успеаја да се разбудат навреме и да дојдат на настанот, списанието сѐ уште може да го купат online.



Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите го прослави својот 9-ти роденден. Нѐ почестија со вкусно овошје и слатки, додека ни раскажуваа спомени, успешни приказни, но и идните планови.



И третите домаќини – Институтот за дизајн и технологија Скопје – ИДТ Скопје за првпат се претставија во јавноста. Додека стоевме на нивниот штанд и ја разгледувавме веб-страната: www.idt.mk, ни ја раскажаа нивната цел за формирање. Како што велат, ИДТ-Скопје е формиран со цел развој и поддршка на прогресивни образовни политики и иницијативи од неформално и формално образование преку едукација и имлементација на проекти и активности поврзани со дизајн и технологија.



Добро утро драги креативци! Се дружиме повторно на следниот настан, со нов повод и нови идеи! 





______
Фотографии: Марко Вилиќ

Студент на Архитектонскиот факултет каде ги завршува магистерските студии и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и Проектен менаџер во Институтот за дизајн и технологија - Скопје. Дел од првиот тим на Скала Магазин како главен и одговорен уредник во пишувачкот оддел, а денес дел од истиот како пишувач.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ