• Немате производи во кошничката.

ИМПРЕСИИ: Cinedays // Да не ги убиваме фестивалите кога македонската продукција е во подем

Во четвртокот (14 јули) заврши и 21-то издание на Фестивалот за европски филм Cinedays.


На 6-7 локации со обемна програма, практично беше невозможно да се проследи цел фестивал со сите негови сегменти. Се решив за Покривот на ГТЦ и Паркот во МКЦ како локации кои ќе ги посетам годинава. Имам впечаток дека годинава имаше огромно внимание кон македонската продукција особено со тоа што и отворањето и затворањето на фестивалот беа пропратени со проекции на филмови од македонски режисери, а секако и присутната MK Shorts програма -па има ли нешто поубаво да го започнеш и завршиш фестивалот со македонски филмови – та во продолжение токму ќе сe посветам на нив.


Отворањето на Cinedays годинава се случи на покривот на Градскиот трговски центар, 7 јули, 20:30 часот, премиера на „Мими“, новиот долгометражен филм на Даријан Пејовски. Со творештвото на Пејовски се имам сретнато во неколку наврати, неговиот прв долгометражен филм „Три дена во септември“ го сметам за еден од подобрите македонски филмови. Во рамки на Филозофскиот филмски фестивал имав можност да го слушам неговото излагање за еден од филмовите на Буњуел, така што тргнав со некакви очекувања на премиерата на неговиот нов филм. За „Мими“ беше кажано дека е филм со феминистички наратив, дека е филм кои ги разбива табуата во однос на разбирањето на местото на жената во македонското општество, филмот е најавен и како приказна за лажните фасади и површноста што ги покажуваме пред другите итн. И за сè ова има по малку вистина.  

Иако би рекол дека приказната покажана во филмот е веќе видена и во неколку наврати зборувана, а можеби и исцрпена, сепак филмот на Даријан Пејовски го заслужува вниманието. Одличната актерска екипа (Наталија Теодосиева, Тамара Ристовска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Стефан Спасов...) и одличната кинематографија на Дејан Димески ја доловуваат приказната за Мими, веројатно како што треба да биде доловена, како што Пејовски сакал да биде кажана. Таа е девојка која под притисок на конзервативните и традиционални вредности на нејзиното семејство и момче од нејзиниот роден крај бега во Скопје и запишува студии по политички науки. Студиите на почетокот, но и запознавањето со Сара, мажена девојка со дете која е отворена и екстровертна, но и сексот присутен како симбол на бунт, го прикажуваат подемот на нејзиното ослободување, тие се симболот на откривањето на мирот во немирот, на барањето на себе-остварувањето и себе-задоволувањето. 


Од МК Shorts програмата го издојувам филмот „Перики“ во режија на Ангела Димеска, краткометражен филм со тема која сè уште е болна точка во нашето општество, дури е сметана за табу иако воопшто не би требало да е така. Филм за Адам кој е сè уште во потрага по сопствениот сексуален идентитет. Приказната зборува за неговата збунетост, но и конечното себе-откривање кога оди кај својата девојка и прави сè за да го избегне сексуалниот однос. Периките присутни во собата на девојка му како симбол за тоа откривање, а виолетовата перика која ја носи е суптилен симбол за мирот кој конечно го наоѓа во својот сексуален немир. Млада актерска екипа (Гоце Андонов и Јана Вељановска во главните улоги), по сценарио на режисерката Димеска – филмот е откривање и откровение и новитет во македонската кинематографија особено кога станува збор за оваа тема. 
Трет и последен филм на кој ќе се осврнам е „Нема да си сама“ на Горан Столевски. Е ова е навистина новитет во македонската кинематографија! Во изолирано село се случува грабнување на младо девојче од страна на древен дух кој ја претвора во вештерка – и го гледате ова и сфаќате дека конечно пред вас нема „стандарден“ македонски филм, туку целосно нова приказна, веројатно базирана на легенда и совршено остварен. „Нема да си сама“ предизвикува возбудувачко чувство, апсолутно го задржува целосното внимание и те прави и воодушевен и по малку исплашен, но и те тера да бараш повеќе, повеќе и повеќе од филмот. Со критика на патријархатот, со ослободување на жената, со анализа на сексуалноста, со сè проникнато низ еден нов хорор-фолклор, повеќеслоен, мирен, но немирен филм. „Љубопитна за животот на луѓето, младата вештерка случајно убива една селанка, па потоа го зазема нејзиниот облик за да живее во нејзината кожа. Љубопитноста ѝ се разгорува, па продолжува да ја користи оваа ужасна моќ за да разбере што значи да се биде човек.“ стои во синопситот, а јас немам потреба ни збор повеќе да кажам, филмот мора да се изгледа!

 
Фестивалот се затвори со ди-џеј сет на Оливер Митковски, а во одјавата од страна на организаторите, покрај благодарноста до сите спонзори, пријатели и финансиери на фестивалот беше кажано и: „Фала им на Град Скопје што ни го скратија буџетот за 80% и фала им на Агенцијата за филм што сè уште ни ги немаат исплатено средствата за годинешното издание, а ниту за лани“. И ова не е вака само со овој фестивал! Па во време кога македонската кинематографија реално е во подем, последниве неколку години видовме повеќе одлични филмови, тогаш зошто би ги убивале фестивалите кои се првите преносители на овие филмови до публиката. Ако го браниме македонскиот идентитет, културата е прва (ако не и единствена) преку кое тоа се прави, а што е култура ако не местата каде што се прикажуваат делата на токму македонските уметници. Затоа да не ги убиваме фестивалите кога македонската продукција е во подем, да не ги убиваме ниту книжевниците, театрите, музичарите, сликарите, слободните и независни уметници, трупи, групи, фестивали. Ајде да не!

 







Пишува: Андреј Медиќ Лазаревски
Фотографии: Ана В’чкова // Андријана Антова // Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ