1.65k
Скопје доби сопствен интернационален поетски фестивал ,,Skopje Poetry Festival“. На 1 и 2 септември во МКЦ, 16 поети и 16 ликовни уметници и графички дизајнери, се претставија со своите дела инспирирани од поемите. Нашиот главен град конечно се вброи во редот итернационални станици на поезијата.
Нашиот главен град конечно се вброи во редот итернационални станици на поезијата. Се читаше поезија, се гледаа филмови и се проследи изложба, додека пак на третиот фестивалски ден публиката имаше шанса преку зум да биде дел од мастеркласот со Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, со што се затвори и првото издание на фестивалот.
ДВОУМЕЊЕ
Сите сонца се црвени и тркалезни пред да изгреат. Како и сите глави на сите чкорчиња пред да ги запалам. Затоа понекогаш сум збунета, дали ја палам зората или само цигарата.
Според поезијата на Вонбјошт Ванг (Фарски Острови)
* Тоа беше тогаш кога бевме на пат нагоре по планината си бевме спакувале кутија за ручек сѐ беше толку отворено таму планинските страни беа изложени положени голи со стврднати карпи слој по слој помеѓу слоевите туф ти носеше жолта капа Се сеќавам на твојата рака небаре кутија во која лебдеше моето срце лесно како мало венечно ливче Кажи ми дали оваа љубов е е стврдната пепел и вулканска згура? носеше жолта капа си бевме спакувале кутија за ручек и бевме на пат. - препев од англиски: Јулијана Величковска
Според поезијата на Ким Симонсен (Фарски Острови)
Постојат милиони вириони во милилитар морска вода. Ако ги наредиме сите честички на вирусот открај-докрај, ќе се протегнат 200 милиони светлосни години во вселената. На латински, зборот вирус значи лигава течност или отров. И морската вода е вискозна течност, и ние сме претежно вискозна течност. Дури и твоите очи, што толку многу ги сакам, својот сјај му го должат на рибиното масло. Нашиот мозок е сало и мрснотија. Нашите мисли пливаат во липиди и слуз. Напред-назад меѓу нас, нашите телесни течности се мешаат. Во овој нов милениум, лигавиците ќе се излеат низ вековите. - препев од англиски: Јулијана Величковска
Според поезијата на Марија Дејановиќ (Хрватска)
* Во младоста нѐ прикажував погрди отколку што сме себе и светот – љубените луѓе не Нив ги оставав да мируваат во тишина Тишината беше најдоброто што можев да го дадам Денес се трудам да кажам точно како што мислам дека е – да дојдеш на себе додека уште имаш кому – дворот е поголем од државата Ама сѐ уште фаќам понекој ѓаол за рогови – вечерта што го гризе челото – лежалката што не може да се измие Има денови – со себе би се испокарала Би фрлила секира на месечината зашто свети со нож би јуришала кон возот зашто доцни – човечките мани се најопасни кога ќе поверуваме дека се доблести – Не го удирам послабиот ни ако удри прв Додека одам по улицата пазам да ги запамтам сите небитни работи - препев од хрватски: Ѓоко Здравески
Според поезијата на Снежана Стојчевска
* I don’t fit in, I fit out! Едно дрво во мене расте криво. Никогаш не ги исполнив очекувањата на светот, исто како што светот не ги исполни моите очекувања
Според поезијата на Танос Гогос (Грција)
* Берлин: Со Карл и Фридрих зборувавме во близина на Александарплац единствено не се согласивме околу транзицијата и крајот на комунизмот Се налутив и заминав. Сликав јапонски туристи во сандали иако е недозволиво Раскрсниците ги минував пеш попат ги провоцирав германските возачи Јадев гиро со ќебапи пред изненадените погледи на моите пријатели вегетаријанци Исправено мочав во тоалетите Виновен сум! Признавам. Настран сум. Лош човек. - препев од грчки: Петар Андоновски
Слободата ќе дојде
слободата ќе дојде кога ќе ја стопиме сантата лед во себе и ќе станеме едно со океанот дотогаш ни останува илузијата на тој што мисли дека гледа сѐ качен на врвот од планината.
МИ КАЖА ТЕ САКАМ НА ЛИСТ ОД ДУЊА
Твоите очи ги помнев уште од времето кога не бев родена. Најдов дел од мојата душа во твоето битие. Твојот баритонски глас како нож ме бодеше во белите дробови. Мирисот на твојот врат беше вкусот на самиот рај. Сакав да бидам до тебе...поблиску и од кајсијата со нејзината семка. Ми кажа те сакам на лист од дуња. А јас сакав твоите гени да ги наследат моите потомци. Копчето на мантилот ти беше паднато, а јас го почувствував мирисот на прељубата. Тој сив мантил, жар и пепел во моето срце. Си замина, а секој зумбул по таа пролет ми мирисаше на љубов. Шините на возот рѓосаа од страдањата на моето очекување. Сѐ уште се сеќавам на твојата последна насмевка како на стара црно-бела фотографија. Непратените писма ги направив бродови и ги оставив да пловат во езерцата на лудиот дожд. Почнав да ги мразам сите минати граматички времиња, затоа што само таму те наоѓав тебе и себеси. Со копнеж го гледав патот по кој доцна се враќаше ти, но доаѓаше кај мене, твојот пат... Ах таа наша прикриена љубов... Толку многу ме болеа среќните мигови што никогаш нема да ги доживееме. Друг како тебе ми треба – мислев. Моите чевли ги влечеа неподарените прегратки и недадените бакнежи што ги собрав за тебе. Ех, ги товарев страдањата по тебе како Сизиф каменот на грб. Но, мојата надеж се цедеше како лимон, кисела надеж... ах надеж. Немаше ништо поужасно отколку да загубиш некого што го обожаваш и да знаеш дека никогаш нема да ти се врати назад. Те молам, најди некоја што те сака толку многу како мене, барем јас да не те сакам повеќе. *** Ми кажа те сакам на лист од дуња... но Ме повреди. Замина. Ме заборави.
Поповка
Нас нѐ дели ѕитче метар и пол, од црвена цигла и кал издигнато. Или само ние сме малечки од годините и срамот. Полн сум копнеж и стрв по игрите со калта, кај задниот двор. Единствено насон би се извишил над ѕидот, само за да ѕирнам. Дотогаш во училница, со тишината ги повторуваме лекциите што ќе нѐ обучат да умреме послушно. Ги чекам ноќните лекции по школото, на полјанката, со кои учиме за милост. И потоа дома во шпајзот ги сокривам мечтите збрани тој ден. За на судна ноќ со нашиот молк, да се подадеме со љубопитните прсти. Преку ѕидот.
Часовник
На шестгодишна возраст му напиша на Дедо Мраз да му донесе рачен часовник. По смртта на татко му си го пронајде писмото меѓу старите фотографии. Дедо Мраз му донесе избледена енциклопедија со шеесет прашања за времето. Писмото го беше заборавил, но со години собираше рачни часовници. Неговите деца со нив си играат те сервис те продавница или антикварница. Тој не се лути. Ги навива, ги брише, ги реди во кутијките, ги пребројува и наслушнува. И секоја ноќ срипува в сон во мигот кога стрелките им застануваат за да му оддадат почит на часовникот што го нема.
Од хаосот создавам ред
Од хаосот создавам ред. Некогаш тоа ме уморува. Во толку часот ќе се појадува, во толку ќе се руча, супа со многу зеленчук мора да има на менито. Да се пазари за неколку дена однапред, се знае што ќе се јаде цела недела. Алиштата се перат и се диплат по систем. Шеќери попладне – никако! Мешање брендови цигари е забрането. Белите кошули се носат само еднаш. Луѓето со агресивни тонови во интонацијата на гласот се гледаат само од далеку. Книгите се редат по жанр. Валкани садови не се оставаат навечер. Ги фрлам чевлите на подот и отворам шише вино по супата. Што ли ќе ѝ правам на смртта ако ме фати неподготвена.
ПЕСНАТА ЗАЈАК
Песната зајак има свој близнак (ко секој што негде има двојник) покрај неа дреме како призрак како ангел чувар или стројник. Таа песна има две верзии (а и илјада и една друга): едната родена без тензии, изнесена ко Бахова фуга, во која зборовите си течат (ко зајаци брзо што се котат) и втора – со безброј пиши-бриши. Еве ги сега двете се влечат (се двоумат дали да се спојат), една на друга во врат ѝ диши.
Дојдов
дојдов на планетава за да крадам воздишки фустанот ми е на штрафти, оптичка илузија како и мојот живот тука сум на поминување па, ајде да се видиме не знам колку време ќе останам.
СИЛНО ЧУВСТВО
Времето целосно се вљуби во нас. Ни стави сол во коските и ни ги ис- црта челата вертикално. Ни подари илјада касети со секакви спомени: малку еротика, малку сентиментална суровост и малку секојдневни места. Сега сме му омилени на времето, често се вртиме на светскиот рингишпил, така што во главата ти се врти и тешко е да се сетиш каде живееш. Но, на крајот, секогаш се враќаш дома, таму седи времето, со прекрстени раце и тивко се гордее што сѐ добро ти испаднало. Величествениот старец Време се однесува како детенце. Но понекогаш, ако е нерасположен, може да те задуши со пешкир. Главно, не обидувај се да најдеш заеднички јазик со него, времето не сака ниту втренчено зјапање ниту гледање низ лупа. Игнорирајте го времето, танцувајте, колку сакате, купете си слатки. Како што мудрецот некогаш кажал: „Среќата започнува во точката на вриење на пастата за заби.“ Па што ако жолти парчиња паѓаат од небото еднаш годишно. Па што ако никој не ги сака, сите ги шуткаат со нозете, а уличните чистачи алчно ги пикаат во пластични вреќи. Да се биде сакан од времето ‒ тоа е силно чувство. А кој го сетил тоа, тој обично си молчи. - препев од руски: Јулијана Величковска
ДУШИТЕ НА ДРВЈАТА според фон Трир
Сега е зима, татко, и душите на дрвјата стрчат во голата шума. Дури и кога паѓа снег контурите на гранките ги восприемаме веднаш, како црти на саканата личност. Јас никогаш не засадив дрво, татко, но оние што никнале сами, ги полевав и се грижев за нив. Во студените утра, нивните гранки го врамуваат сводот како храм. Бог го подава прстот.
Дисторзија
*** Мојата глава е како капка. Како вода што испарува. Мојот ум, што ли сакав да кажам со него?! Кои ли ми беа мислите? Сакам да можам да напишам дисторзија, да пишувам гранџ, можам ли?! *** Mојот мозок е килав наутро... Се будам и гледам ги истурил своите црева насекаде. Ми треба многу време да се подготвам за излегување, зашто собирањето црева е тешка и макотрпна работа. Трае долго, долго, долго... И завршува со наместена насмевка. *** Кога и да погледнев на тоа место, една мравка лазеше секогаш во истиот правец, по истата линија. Кога и да погледнев на тоа место, ја гледав мајка ми како свиена лежи на студените скали, чекајќи да се сварат нејзините портокали во чоколада, некој лек, за некаква болештина. Кога и да погледнев на тоа место, гледав розово свежо месо, со бели жили и мирис на срнечка смрт. Кога и да погледнев на тоа место, гледав зелени кактуси и лимон осветлен од месечината. Кога и да погледнев на тоа место некој ноќен молец ја гризеше ткаенината. Кога и да погледнев на тоа место мравката повторно лазеше. Секогаш во истиот правец, секогаш по истата линија...
♡
______