• Немате производи во кошничката.

На скалички со Дарко Набаков


ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Дарко е човек кој и баш не милува баш да зборува за себе, особено во трето лице. 

По вокација сум актер и историчар на уметност кој девет години е  „заглавен“ со ненадејната љубов – документарниот филм и фестивалот МакеДокс.


 

МакеДокс е замислен како отворена платформа низ која во текот на годините се менуваат улогите на луѓето кои се дел од приказната, во последниве две години мојата е извршен директор на фестивалот. 

Пет збора кои би ме опишале:  тврдоглав, упорен, лојален, колегијален, снаодлив или цигари, другари, работа, точак и  документарци.


За минатото…


На фестивалот првпат дојдов како публика пред 10 години и некако веднаш ме освои па следната година се пријавив да волонтирам. Мислам дека во изминатите 12 години успеавме да создадеме една автентична приказна која си го најде својот пат и на локално и на меѓународно ниво. А случки има многу, најчесто траги-комични произлезени од желбата за професионална организација на фестивал кој е сместен во држава со токсичен обид за културна политика.


За овогодинешниот Македокс…


Овогодинешното дванаесетто издание на МакеДокс се одржува под мотото #штосега, а фокусот го ставаме на дистрибуцијата на документарниот филм и неговата промоција низ фестивалите во Европа. Ќе прикажеме 70 филмови поделени во 5 категории и ќе бидеме домаќини на 30 странски гости-професионалци од документарниот свет.  Фестивалот ќе се одржи од 19ти до 26ти август во Куршумли ан, пред Куршумли ан, МКЦ и МСУ. За повеќе детали може да ја симнете фестивалската мобилна апликација во која може да го си го направите вашиот личен распоред на филмови.



За документарниот филм…


Веројатно она што најмногу го сакам во документарниот филм е неизмерната искреност, неговата слоевитост и постојаната потрага за приказна. Авторскиот печат кај креативната документаристика, која не ни дозволува да продолжиме исто да го гледаме свето како што сме го гледале пред да се спушти платното. Сепак документарецот е како кромид – има многу слоеви околу неговото јадро – приказната. Секогаш од стар може да израсне нов доколку е засаден во плодна почва, не се сите љубители, но се става во секоја манџа.


За домашната филмска сцена…


Ме радува тоа што гледаме нови приказни, во последните годни сме сведоци на огромни успеси кај младите режисери кои полека си го обезбедуваат своето место на интернационалната филмска сцена. Сепак мислам дека има огромен простор за работа тие успеси да не бидат само плод на личната борба и упорност, потребно ни е да работиме на системска поддршка во работата и промоцијата на младите автори. Но, во последниве години ни докажаа дека иднината е светла и женска. 



За иднината…


Фестивалот расте, а и ние заедно со него. Наредната година ќе влезе во тинејџерските години, ќе полни тринаесет, па очекуваме со тоа да дојдат и нови промени. А моите планови… Па веројатно ќе се менуваат заедно со фестивалот, а да бидам искрен и со развојот на пандемиската приказна.

Пред да ве поздравам од „на скалички“, мало потсетување:


















___ __
Фотографија на насловна: Антонио Станков

Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ