• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО МАРТИН НИКОЛОСКИ


ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

„Конечно чекорам по правилниот пат.“Мартин Николоски, студент на Академијата за графички дизајн при “Џолев и уметностите”, графички и продукт-дизајнер, кој стружи, бруси, илустрира и дизајнира!
Со Мартин седнавме на скалички под Маркови кули, да ми раскаже повеќе за неговиот мал бизнис - изработка на декоративни и наменски метални мрежи и конструкции. Сите производи коишто ги прави, се рачно изработени од ребреста арматура и бригована мрежа, а секоја мрежа или метална конструкција може да биде персонализирана по сечиј вкус.


За минатото…


Менував повеќе професии и студии, но тапкав во место. Еден ден, ми дојде идеја да ја реновирам мојата соба и се сетив дека би сакал да имам метална мрежа закачена на ѕидот. Во ниту еден момент, не помислив дека ова ќе биде моја идна професија. Кога ја објавив мрежата на социјални мрежи, сите ме прашуваа каде ја купив, кој ми ја направи, која е цената, но никој не ми веруваше дека креаторот сум јас. Иако првично почна  како хоби, токму сите тие прашања ми направија да размислувам во насока да го отворам својот бизнис. Кога почнав да добивам нарачки, бев мотивиран да успевам и да креирам повеќе!


За процесот…


Секој клиент порачува свои димензии, па така најпрво мерам, па ја кратам мрежата и најпрво ја изработувам рамката. Потоа ја заварувам самата рамка на мрежата и ги стругам имперфекциите. Со компресорско шприцање, ја обложувам мрежата од двете страни со основна боја, за да не ‘рѓоса и да има сјај, а на крај ја обојувам по желба на клиентот. Со секоја купена мрежа, доаѓаат аксесоари и се разбира thank you note.



За проектите…


За МХ.typo, тргнав со идеја дека би претставувал добар подарок. Играв со фонтови на Илустратор, да видам кој би функционирал најдобро и која димензија на една буква би била возможна да се изработи од арматура. Со МХ.typo може да се изрази мотивациона порака, омилен збор на некоја личност, име на човек или компанија.

Зад МХ.femme, стои инспирацијата од човековите тела, поточно од божицата Венус која има форма на телото токму како овој продукт. Ја скицирав преку гледање на разни скулптури, притоа сакајќи да добијам некое нереално професионално дело коишто би ги прославило сите женски тела. Прво, се исплашив дека нема да можам да го направам, но користејќи ги моите омилени материјали и после 8 часа напорна работа, беше готово. Трудот се исплатеше, бидејќи ми беше најуспешен ланч досега.


За иднината…


Како што јас прогресирав на Академијата за графички дизајн при „Џолев и уметностите“, толку повеќе се инспирирав да внесувам новитети во моите продукти. Верувам дека сега, по завршувањето, ќе ми се отворат уште многу креативни можности и се надевам на уште многу нови уметнички продукти коишто ќе бидат дел од мојата линија на производи!


















___ __
Фотографија на насловна: Христијан Богоески

Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ