НА СКАЛИЧКИ СО МАРКО ВИЛИЌ
Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од втората Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.
Сите соговорници со коишто сме седнале на скалички ми се драги и сум уживала во разговорот, но денешниов разговор, морам да признаам дека ми е меѓу поомилените. Седнавме на скалички со Марко Вилиќ, кој покрај тоа што е дел од тимот на Скала, ми е драг другар.
Maрко прво се запишува на Филолошки факултет, за две години подоцна да сфати дека всушност сака да се занимава со уметност и имајќи во план да се обиде по втор пат да запише факултет за фотографија во странство (првиот бил неуспешен, очигледно), затекнат е од затворањето на целиот свет поради веќе добро познатата причина – во меѓувреме дознава и се запишува на Академијата за визуелни уметности при школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“.
„Во моментов талкам низ сите можности коишто ги нуди уметноста и сакам да истражам што е можно повеќе, како дете во продавница за играчки.“
За Скала изложбата…
За изложбите дознав меѓу првите, како член на фотографскиот тим на „Скала Магазин“, а воедно и дел од тимот којшто ги реализираше истите. Секако на изложбите изложував како дел од тимот, а причината којашто ме поттурна да го сторам тоа е желбата да ѝ прикажам нешто на јавноста.
За „Можеби”…
Што се однесува до делото од првата изложба, сакав да го потенцирам моментот којшто сметам дека е табу тема во денешно време, а тоа е давање на подароци на машки, па дури и цвеќе во знак на внимание. Целта ми беше на прилично јасен и разбирлив начин да го пренесам тој став до публиката, a ,,Создавањето на Адам’’ на Микеланџело прилично добро ми се погоди за време на целиот процес на размислување како да го направам тоа.
За „Sleep paralysis”…
Делото од втората изложба е резултат на мојот став кон денешната дигитализација и битката која многумина од нас несвесно ја губат, гушнати од комфорт зоната на технологијата, потполно одвоени од секојдневието и сето тоа наликува како тие да спијат со отворени очи, сонуваат за што би било, оддалечени од реалноста, па оттаму и насловот на делото ,,Sleep paralysis”, кое во превод значи парализа при спиење и е состојба во којашто лицето е свесно, но не може да мрда или зборува.
При создавање на ова дело решив да излезам малку и од сопствената комфорт зона на фотографирање и да пробам да се изразам на друг начин, па решив да направам дигитален колаж, но си дадов една задача. Задачата беше сите ,,исечоци’’ да се извадени од мои фотографии. Некаде на средина на процесот одлучив да додадам и дигитална илустрација. Експериментирањето ми влијаеше позитивно бидејќи веќе имам идеи за нови колажи коишто се надевам ќе ги видите наскоро.
За „Клучот на успехот”…
Во делото од третата изложба која се одржа на 25ти овој месец, решив да продолжам со истиот начин на работа, дигитален колаж и дигитална илустрација. Целта на ова дело беше да се потсетам самиот себеси, а се надевам и останатите, дека во одреден момент разбираме дека сѐ што ни требало за да ја постигнеме одредената цел – било во нас, но не сме го забележале, бидејќи сме биле преокупирани со бучно размислување. Кога ќе ги соблечеме сите слоеви на негативно размислување и вистински ќе се разбереме себеси, ќе сфатиме дека сѐ што ни требало, сме – ние и од тој момент соништата ќе почнат да стануваат реалност.
За одразот…
На почетокот не бев свесен за тоа колку моите чувства влијаеле врз одредени фотографии, тоа излегувало потсвесно, но сега веќе свесно создавам со цел да се искажам себеси или моите чувства во даден момент, што сметам дека е голем напредок за мене. Одраз за мене значи претставување на своја мисла, чувство, став, на визуелен начин, а тоа да може да го почувствува и разбере гледачот.
За минатото…
Долго време се занимвав со улична фотографија и фотографирање на архитектура, но полека се оддалечив од тоа и решив да преминам на фотографирање на луѓе и експерментирање со разни медиуми, досега не сум имал некој сериозен личен проект, но се надевам дека ќе има нешто во блиска иднина. Интересни случки има многу, во моментов не можам да се сетам, но мислам дека местењето на првата изложба на скала и целата вечер која следуваше ќе ја паметам засекогаш, опкружен со прекрасни луѓе, во галерија, муабетење и смеење. Тоа ми е во папката со драги моменти.
За иднината…
Би сакал да придонесам што е можно повеќе за фотографската и уметничката сцена, а каде се гледам себеси е прашање на кое не можам да одговорам бидејќи после последниве две години решив да не планирам ништо толку далеку од сегашноста.
_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков