• Немате производи во кошничката.
На скалички со Мартин Чичовски | Skala Magazine

НА СКАЛИЧКИ СО МАРТИН ЧИЧОВСКИ


Овој месец, секој четврток „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на студент во Скала – Школа за дизајн и уметност.



Мартин Чичовски // Академија за визуелни уметности

Денес седнавме на скалички со Мартин Чичовски и решивме да си помуабетиме за младешкиот бунтовен живот, всушност за неговиот филмски проект „Генерација Бушави“ – сериски игран филм во шест епизоди.
Предизвик како предизвик, ризик како ризик… Дали чоколадо или кофа вода ќе добиеме денес?
Мартин ми ја раскажа неговата приказна и на неговиот тим, поттикот и инспирацијата за „Генерација Бушави“, а мојата задача е да ја споделам со сите оваа бунтовна младешка приказна.


За делото…


„Генерација Бушави” е ТВ серијал составен од шест епизоди од кои првите четири претставуваат самостојни приказни кои во петата и шестата епизода се поврзуваат, односно настанува судир, сите ликови се среќаваат на едно место. Ова се приказни инспирирани од животот на младите, дел од нив се и буквално базирани според реални настани со цел да го прикажат нивниот дух, став, менталитет и живот во овие бурни времиња.



 За Инспирацијата…


Можностите за да раскажеш една приказна, кај нас секогаш биле ограничени. Од оваа причина креативците најчесто се откажуваат на помислата на самата идеја за да создадат нешто. „Како јас би го создал ова тука?”, „Како до финансии?”, „Ова нема поента.” – ова се само неколку примери што сум ги чул од разни луѓе. Решив да „скокнам во огнот“, да ја раскажам својата приказна, воедно и да покажам дека не е невозможно. Со прифаќање на околностите, желбата за создавање умира, затоа сметам дека не смееме да си дозволиме да ги прифатиме.


За процесот…


Заедно со тимот на Марви (тим од млади креативци) посветивме четири години за овој серијал да го оживееме. По пат научивме многу, најпрво… Не снимај пред нечиј влез од зграда бидејќи не знаеш која бабичка може да ти истури кофа со вода, но знај и откако ќе те потурат со вода, ќе се најде некое детенце со точак што ќе те почасти чоколадо и ќе ти каже „продолжи да снимаш!”.

Најважно е дека сè уште учиме и созреваме, се градиме на стручно и интелектуално поле, и сега си знаеме на кој влез нè чека чоколадо, а на кој кофа со вода.



За иднината…



Сѐуште немаме конкретизирано датум за објава, она што можам да потврдам е дека дефинитивно ќе биде оваа година. Први дознаваат оние што нè следат на инстаграм на @generacijabushavi_tv!
Се надевам дека „Генерација Бушави” настрана од тоа што ќе биде забавен бинџинг материјал, ќе успее да ја пренесе пораката скриена во срцето на самиот серијал, и ќе ги поттикне оние кои сакаат да создаваат, но не веруваат дека можат.
















_____
Пишува и разговара: Ева Николоска
Фотографија / Концепт и обработка [насловна]:  Дејан Џолев
Сет асистент: Андријана Антова + Давид Пројковски + Стефани Караџоска + Ана В’чкова
Пост-продукциски асистент: Антионио Станков
Техничка логистика: Ангела Николовкска + Бојана Стоилковска + Крсто Златков





Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ