• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ДЕЈВИД СТОИЛКОВСКИ


Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од првата Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.


Седнавме на скалички со Дејвид Стоилковски, дипломиран графичар, во моментот запишан на магистерски студии по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Овој месец, тој беше дел од првата „Скала изложба“ насловена како: Патерни / Визуелни размисли за стереотипите. По неговото богато портфолио, можеме да заклучиме дека Дејвид не е ограничен само на еден правец на сопствено изразување преку уметност.



 За минатото…


Љубовта кон оваа дејност ми се појави од желбата за надоградување на самиот себе. Секојдневието во коешто се случуваат различни работи, добри, лоши, ми е инспирација во творештвото и желбата за работа. Графитите се на ѕид, а таму сум веќе одамна навлезен, но сакав да конкретизирам и да почнам да се надоградувам на дејност којашто е исто така на ѕид, медиум којшто ми е добро познат.



За муралите…


Најсреќен сум на почетокот кога го имам ѕидот пред мене и кога почнувам со работа, зашто знам дека од еден обичен ѕид ќе насликам нешто и одеднаш тој ѕид ќе добие своја приказна. А секако, по конечниот резултат, ги очекувам добрите или лошите критики на восприемачите. Ја практикувам техниката акрил на ѕид со четка, ваљак некогаш и спреј пиштол, а поретко и вклучувам спреј заедно со акрилот, но претпочитам да е тоа акрил со четка затоа што ми има најголема можност за постигнување на резултати коишто сакам да ги има: почнувајќи од сенки, перспективи, разни детали и слично. Најмногу досега имам цртано и сликано во Куманово, но секогаш си велам дека треба повеќе да се работи. 



За тетовирањето…


На почеток, не бев наклонет на тетовирањето како кон муралите и графитите. Повеќе го гледав како можност за изучување на уште еден сегмент којшто би ми бил во полза и запознавање со тату-сцената. Инспирацијата ми дојде од колега од факултет и другар со кои работиме заедно на уличната сцена во Куманово. Кога видов дека тие почнаа да се занимаваат со тетовирањето, си реков дека морам да почнам и јас и така и се случи! Тетовирањето ме исполнува затоа што оставаш траен белег на човек, лично од твоите раце. Специфичноста од оваа работа ми е интересна и затоа се одлучив дека сакам да го работам тоа, а воедно има можност за усовршување со текот на времето во медиум којшто е доста поразличен од традиционалните.



За соголувањето…


За своите дела сакам да кажам дека се спој на доста лични работи и работи од секојдневниот живот коишто ме опкружуваат скоро секој ден и коишто биле битни за мене уште од најмала возраст, дури и пред да знам дека ќе се занимавам со уметноста. Тие можат да се видат како предмети, реалистично насликани на платното. Целиот тој процес може да се каже како соголување пред платното без никакви лажни слики за мене. Се прикажувам во скоро сите свои дела, преку елементите на композицијата коишто пак, ќе кажам, имаат некое меланхолично носталгично значење за мене. Целата моја творба од дела е всушност, нешто лично и некомерцијално – мојот живот преку слики, мурали, сакам да го пренесам на секој поединец, за на лесен начин да може да ме разбере мене и да го разбере делото за да не биде тешко на никој да сфати што има на делото и што сакам да пренесам.



За првата Скала изложба…


За изложбата дознав преку социјалните мрежи и сакав да учествувам затоа што сакав да покажам некое од делата коишто ги имам. На тие дела работев доста време, без никој да ги види. Чекаа во моето ателје да бидат изложени.

Моите дела се состојат од елементи коишто се макотрпно повторувани во процес на егзистенцијалното прашање на мојата фамилија, па решив да ги прикажам и овековечам во свој стил – каде што сакам да кажам дека имам почит кон сите работи од коишто луѓето преживуваат и функционираат. А поврзано е со стереотипите каде што и во 21 век уште има луѓе кои критикуваат и се исмејуваат на одредени работни места коишто на некого многу значат и се битни за него и можеби може да се каже дека правам еден бунт против стереотипите и поддршка кон луѓето кои се мачат во ова тешко време.



За иднината…


Ме радува што после долг тап период, полека се менуваат и заживуваат работите на домашната сцена, особено во Куманово, со ваквите ангажмани.  Надлежните имаат слух одвреме-навреме, но сепак ќе речам треба многу, многу повеќе –  затоа што правиме хумана работа од којашто сите придобивки може да се само позитивни и сите се за народот и градот/градовите, нормално. Моите планови за иднината се мојата самостојна изложба во родниот град, а потоа и во другите каде што ќе има можност, завршување на магистерските студии, организирање на фестивали, секако и сликање на многу, многу мурали – тука и во странство.





























_____
Фотографија [насловна]: Мартина Пенева + Марко Вилиќ


Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ