• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО САРА ИЛИЕВСКА


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.

Овој месец се дружиме со пет студенти и нивните семестрални проекти од предметот „прототип дизајн студио“ при Академијата за ентериер и продукт дизајн, под менторство на Катерина Трпковска и Деспина Здравкова.


Денес седнавме на скалички со Сара Илиевска да продискутираме за нејзиниот последен проект „U Side table“.


Сара од најмала возраст е љубопитна креативка, а денес, како најголема пасија го издвојува дизајнот, особено како тече и изгледа процесот на едно дело, од скица до реалност. Таа е љубителка на природата од којашто црпи инспирација, а воедно и од малите работи коишто ѝ го опкружуваат секојдневието – дружби, музика, планини, готвење… Денес студира внатрешна архитектура на „Американ колеџ“, а истовремено е студент и на Академијата за ентериер и продукт-дизајн при „Џолев и уметностите“. 


За делото…


‘U’ side table настана од многу едноставна форма со којашто експериментирав и на којашто ѝ најдов повеќе од една функција и естетика. Целта на дизајнот беше да биде изработен од само еден материјал – дрво, фокус имав ставено и на ‘flat packaging’, односно транспорт и лесната монтажа/демонтажа на истиот со минимален алат . Дизајниравме и добивме продукт којшто е одржлив и добар како и за корисникот, така и за околината.


За процесот...


Процесот траеше можеби месец до два, од скици до реален продукт. Имавме неколку термини со Кате и Деспина каде што ги презентиравме идеите со скици, некакви сценарија за како би се користел прозиводот, што е целта на производот и како би го направиле. Овој дел е делот каде што сме креативни и сѐ е дозволено и интересно, хахах… 

Секако, најинтересниот дел од процесот е првиот проблем којшто произлезе. Бидејќи решив да не користам штрафови и никаков друг материјал за изработка, направив истражување за еден стар јапонски начин на спојување на дрвото. Со Кате и Деспина имавме доста дебати и проби на различни начини на спојување на дрвото, имавме и различни идеи и скици, бидејќи беше вистински предизвик да направиме маса којашто ќе стои. Секако имавме долг разговор за тоа колку важен дел од процесот е статичкиот дел при изработка на продуктот од ваков вид, кои видови на дрво би биле погодни за изработка. Потоа изработив технички цртежи и почнавме со реализација. Една голема благодарност до сите од Ринока кои ми дозволија да работам скоро на сите машини во работилницата и да бидам директно вклучена и во тој процес, што јас лично сметам дека е еден од најбитните процеси во дизајнот на било што.


За Академијата…


За академијата чекав само прав момент да се пријавам, знаев дека ќе ја запишам, секако. Ме исполнува моментот што сме во една многу убава креативна средина и постојано разговараме за важни теми во дизајнот. Многу полека влегуваме во овој процес на креирање и менторите ни се прекрасни луѓе кои ја работат оваа професија и многу реално можат да нѐ приближат до тоа секој од нас индивидуално да се пронајде сам себе во целиот процес. Секој од нив, за предметот којшто го предава, има различен начин и пристап и секој еден од нив ми има оставено индивидуален впечаток. Сите се ептен „океј“ луѓе кои си ја работат работата доста квалитетно и се обидуваат тоа да ни го пренесат и нам.


За иднината…


Oваа година сум пресреќна што сум преплавена од различни страни и сѐ повеќе знам што сакам да правам со оваа професија. Главна цел во моето градење и раснење како дизајнер ми е да се трудам сѐ повеќе да имам импакт на темата ‘sustainability’, без разлика дали работам ентериер или продукт. Да го продлабочам знаењето за сите материјали коишто се одржливи и начините на коишто можам да ги искористам во моите дизајни. Во меѓувреме, почнав да си негувам една друга љубов за којашто имам некои планови. Се работи за театарска сценографија. Секако, возбудена сум ептен за сѐ друго што следи.






Скица 1



Скица 2




Конечен продукт [фотографии]










_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ