НА СКАЛИЧКИ СО ТЕАНО КАРДУЛА
Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.
На скалички оваа недела седнавме со Теано Кардула, која кога ја прашав како би се опишала себеси, ми го кажа следново:
„Најтешко прашање е да се опишеш себеси, бидејќи генерално така сами себе си ставаме одредени етикети, но, ете според класичен начин на опишување, јас сум 24 годишна дизајнерка (не знам женски род за графички дизајнер :)), иако речиси цел живот сум во Скопје, му припаѓам на Крушево, би го избегнала зборот активист, но лично се сметам за човек што ги следи и реагира на социјални неправди и промени.“
Денес разговараме за нејзиното творење за Скала на тема на овомесечното издание: „Патерн, размисли за стереотипите“, но и за нејзиниот постер The Queen’s gambit.
Уживајте!
За проектот и стереотипите…
Искрено многу ме замисли темата и не бев одлучна од кои стереотипи да започнам. Стереотипите се еден патерн кој постојано го следи човештвото, врз основа на нив, за жал, сѐ уште се креираат мислења, се креираат политики и се обликува општеството.
Мислам дека нема човек без стереотипи кон нешто/некого, особено што голем дел од тие ни се всадени во главата уште од мали нозе и колку да сакаме да ги игнорираме, дел од нив се уште некаде пикнати во нашата потсвест, буквално се како кутии во кои сме заглавени и кои ни предизвикуваат бариери во секојдневието. Проблемите се решаваат од корен, па така и стереотипизацијата се елиминира од детството. Инспирација ми беше токму првиот „допир” со стереотипите, а тоа е од детските играчки. Мислам дека секој од нас се сретнал со сино за момчињата, розево за девојчињата, па срамота е девојче многу да зборува, момчињата не смеат да си играат со кукли и слично и што е најтажно дури и од обични играчки се дефинирааат родовите улоги. За девојчињата играчка – сет за во кујна, за момчињата научник/полицаец, иако сега има огромен напредок на ова поле од моментите кога растев, родовата дискриминација е уште тука и во голема мера виновна за моменталните социо-економски состојби. Секој од нас мислам дека се соочил со стереотипи, па така и јас. Првично секогаш се соочувам со стереотипите кон мојата етничка припадност и мислењето дека ние сме скржави, иако секогаш тоа е во форма на шега и тие познати вицови, сепак постои и тука некоја граница на толеранција, но и на култура до каде може да се оди. Особено што поголем дел, се што знаат за мојата култура се само вицови и ништо друго.
За идејата..
Идејата ми беше стереотипите да ги претставам токму преку кутии со нешта што општеството вика дека смеат односно не смеат да ги прават девојчињата и момчињата. Со ослободување на тие кутии полни предрасуди, ќе се ослободи и општеството, бидејќи на крајот сепак етикетите се за тегли и кутии, не за луѓе :).
Можеби треба, но јас се уште немам целосно дефиниран стил, па затоа секоја прилика ја користам да испробам нешто ново, па така и сега. Овој пат визуелно првичната инспирација ми беше илустраторката Guilia Hartz, која на комичен и ироничен начин претставува предмети од нашето секојдневие, па така се обидов овој пат преку такви предмети од секојдневието да ја искомуницирам пораката што сакам да ја пренесам, се надевам успешно :).
За постерот The Queen’s gambit
The Queen’s Gambit постерот се појави веднаш по серијата. Тоа беше binge watching во 1 ден и едноставно морав на некој начин да и оддадам почит на серијата бидејќи уживав во секој дел, од музиката, до сценографијата и до глумата. Веднаш знаев што сакав да направам, фигурата на кралицата да ја прикажам како Beth Harmon. Како и сите други дела и ова си го објавив на Инстаграм и помина одлично кај моите следбеници и имав одлични реакции. И остана како објава на фејсбук дур пред три месеци не добив порака од профилот на Netflix Queue кое печатено и дигитално издание кое вообичаено е фокусирано на процесот на креирање на Нетфликс содржжините како и реакциите/креациите нa фановите. Прво мислев дека е некоја spam порака дур не сфатив дека е од официјалниот профил. Од голем број на fan art мојот постер бил еден од тие што сакале да го објават во нивното издание. Освен што беше сосема неочекувано, бев и прегорда на себе што ете успеав да креирам нешто што се одвоило од големиот број на дизајни. Во очекување сум да го добијам печатеното издание по пошта и се надевам брзо ќе можам да ја споделам таа страница со сите :).
За минатото…
Идејата ми беше да одам на архитектура, но сфатив дека можеби и не е најпаметен избор бидејќи ни со линијар не знам права линија да нацртам :)) и продолжи приказната односно започна со моето хоби – фотографијата, за кое морав да совладам дел од алатките како Фотошоп. Потоа започнав да го користам за креирање на аматерски постери за настани во средно и токму така сфатив дека сепак имам интерес за графичкиот дизајн. И еве ме сега, пет години подоцна веќе имам завршено и мастер по графички дизајн и речиси интензивно цела години работам како фриленс графички дизајнер. Од една страна ми е мило што речиси по цели денови сум зафатена со клиенти и проекти, но ми недостига уште малку слободно време за да уживам во самоиницирачки проекти како The Queen’s Gambit или било какви проекти за душа :). Tокму од тие причини ми беше мило што ме поканивте да си бидеме на скалички и да ја пренасочам креативната енергија во месечната тема.
Сосема случајно се решив за графички дизајн. Повеќето мислат дека е поради мојот татко, но освен љубовта кон уметноста, од татко ми никогаш не сум имала притисок да ги следам неговите чекори.
За иднината…
За иднината е секогаш тешко да се зборува, што носи денот не носи годината. Во моментов заедно со уште две девојки работиме на еден проект ко што реков, за душа. Не можам ништо да споделам во оваа фаза, но се надевам наскоро ќе може да го презентираме на јавноста и да го освежиме малку секојдневието со интересна содржина. Тоа е на краткорочен план, а долгорочно не очекувам ништо ама се надевам дека ќе се среќавам со интересни и креативни предизвици од поле на графичкиот дизајн и дека и во Македонија, со цела оваа генерација полна креативци, ќе успееме да го донесеме дизајнот до една поценета позиција од тоа што е сега кај нас.
ТЕАНО КАРДУЛА // ПАТЕРН, РАЗМИСЛИ ЗА СТЕРЕОТИПИТЕ
___ __
Фотографија: Христијан Богоески